Новитети
Opel Corsa-e: Препознатливи урбани квалитети на електричен погон
Шестата генерација на Opel Corsa ќе биде запаметена и поради тоа што стана прва во историјата, во чија понуда е вметната и електрична изведба.
Corsa-e пристигна во продажните салони малку подоцна од класичната изведба, но веќе им е достапна на купувачите на големиот број пазари каде е присутен Opel, со што возачите ќе можат да ги користат придобивките на електричниот погон.
Популарниот градски автомобил кој е и бестселер на Opel во Corsa-e изведбата може да мине 337 километри со едно полнење (WLTP), a располага со моќност од 136 коњски сили и вртежен момент од 260 Nm достапен во секој момент.
Урбаниот автомобил е долг нешто повеќе од 4 метри и за него Opel подготви трендовски пакет кој се надоврзува на привлечниот дизајн. Технолошкиот напредок се чувствува во однос на големиот број безбедносни и возачки системи, а инфо-забавниот систем е поврзан со 7-инчен екран, кој може да биде надграден со 10-инчна опција со вградена навигација.
Corsa-e гордо го потенцира фактот дека е прв автомобил во сегментот кој ги понуди IntelliLux LED Matrix светлата, со што возачот добива многу подобра видливост и напредни функции.
Во Германија, цената на Opel Corsa-e започнува од сума нешто под 30.000 евра, на која се одземаат 6.000 евра како државни субвенции.