Вести
Opel подготви специјална Corsa за фановите на Борусија Дортмунд
Дијамантско црната металик боја е наменета токму за Едицијата 1909, а покрај спортскиот и атрактивен изглед, оваа Corsa ќе содржи и специјален Борусија Дортмунд пакет кој ќе ги привлече фановите на екипата
Продажбата на новата Opel Corsa веќе започна во сите европски земји, меѓу кои и Македонија, германскиот производител очекува бестселерот да продолжи по истиот успешен пат, а дека шестата генерација поседува доволно квалитет и атрибути за вакво нешто се уверивме на неодамнешната презентација во Хрватска.
Додека купувачите се запознаваат со понудата и опциите кај Corsa, Opel лансираше специјална изведба наречена 1909, а посветена пред се на фудбалскиот клуб Борусија Дортмунд и неговите фанови.
Борусија е основана токму во 1909 година, а одбележувањето на 110-годишниот јубилеј се поклопува со 120-тиот роденден на Opel, нешто што за автомобилскиот производител било дополнителна инспирација за овој потег.
Дијамантско црната металик боја е наменета токму за Едицијата 1909, а покрај спортскиот и атрактивен изглед, оваа Corsa ќе содржи и специјален Борусија Дортмунд пакет кој ќе ги привлече фановите на екипата.
Автомобилот ќе добие 16-инчни црни алу фелни, натпис „Borussia on the road“ на држачите за таблички, како и специјални BVB стикери. За пакетот да биде целосен, фановите ќе добијат автограм од некој од фудбалерите на централната конзола, а со купувањето на автомобилот ќе си добијат и оригинален дрес од омилениот играч, прошетка на стадионот и билети за некој натпревар на Борусија Дортмунд.
Opel и Борусија соработуваат од сезоната 2012/13 и со специјалната Corsa 1909 уште еднаш покажуваат посебна поврзаност, која ќе им овозможи на фановите да добијат одлично опремен автомобил со специјален клупски имиџ.