Вести
Организаторите потврдија дека Саемот во Женева нема да се одржи ниту во 2021 година
Автомобилскиот саем во Женева важи за еден од најважните настани од овој тип за автомобилската индустрија на глобално ниво, а коронавирусот ќе донесе ситуација во кој истиот нема да се одржи најмалку две години по ред.
Годинешното издание беше откажано во последен момент, предизвикувајќи голем финансиски удар за фондацијата која е организатор на настанот, а сега истата официјално информираше дека масовниот собир на произвдителите во Женева нема да се одржи и следната 2021 година.
Организаторите велат дека во комуникација со досегашните учесници, добиле информација дека тие најверојатно не би биле дел од саемот и би почекале на изданието во 2022 година.
– Автомобилската бранша во моментов минува низ тежок период и на излагачите им е потребно време за да закрепнат од последиците од пандемијата. Истовремено, тешко е да се биде сигурен дека актуелната ситуација ќе дозволи организација на настан на кој треба да присуствуваат 600.000 посетители и 10.000 новинари, – велат организаторите.
Тие истовремено го одбиле финансискиот заем од локалните власти, со кој требаше да го неутрализираат негативниот ефект од откажувањето на изданието во 2020 година, па најавија дека планираат да го продадат настанот на „Палекспо“, односно компанијата која управува со експо центарот во Женева.
Покрај настанот во Швајцарија, годинава коронавирусот ги откажа и саемите во Париз, Њујорк, Детроит, а засега останува шанса за саемскиот настан во Пекинг, кој беше одложен за во септември.