Новитети
Освежениот Fiat Tipo пристигна, екипата е засилена со атрактивна Tipo Cross изведба
Моделот Tipo и неговите неколку изведби заземаа многу важно место во европската понуда на Fiat, а пристигнувањето на освежената верзија на првата генерација носи многу добри вести за купувачите.
Досега Tipo си создаде респектабилна база на фанови, а оние кои допрва ќе се одлучат за модерниот претставник на Ц сегментот, ќе бидат изненадени од односот вложено/добиено, кој сега оди еден чекор понапред.
Освежувањето на дизајнот носи модерен изглед и подинамична силуета, а Tipo го добива и редизајнираното лого на Fiat, кое со гордост ќе го носи наредните години.
Во пакетот квалитети на Tipo е и петтата генерација на инфо-забавниот систем Uconnect, кој во гамата го има само уште електричниот 500, а купувачите на располагање ќе го имаат и 1.0-литарскиот турбо-бензинец со 100 коњски сили.
Сепак, она што најмногу треба да гo привлече вниманието и да ги заинтересира и помладите возачи е трендовската кросовер изведба која го доби името Tipo Cross.
Tipo Cross дебитира со фејслифтот на првата генерација, добива 4 сантиметри поголем клиренс, а од тоа што можевме да се увериме и навистина богата сериска опрема која е искомбинирана со 1.0-литарскиот бензинец со 100 коњски сили.
Робустноста и урбаниот карактер се надополнети со ниво на опременост кое дефинитивно е силен адут на кросоверот. Дигитална инструмент табла, 7-инчен централен екран, 17-инчни алуминиумски тркала, автономно сопирање, сензори, целосни LED светла, адаптивен темпомат, автоматски клима-уред и друго.
Промотивната цена на Fiat Tipo Cross изнесува 16.500 евра, додека седан изведбата почнува од 11.490 евра, хечбек варијацијата од 11.990, а комбито Tipo SW стартува од 12.590 евра.
Кај трите изведби кои и досега беа во понудата, покрај споменатиот бензинец, во игра се и 1.4-литарскиот бензинец и 1.3-литарскиот дизел мотор со по 95 коњски сили.