Новитети
Peugeot го претстави Е-3008, првиот електричен модел на брендот кој е поставен на новата STLA платформа
Peugeot успеа да продаде над 1.3 милиони примероци од моделот, а годишниот просек изнесува 150,000.
Францускиот производител во рамки на Stellantis групацијата вчера ја претстави новата генерација на 3008, електричен SUV кој ќе се нуди во три изведби, од кои најскапата ќе има досег и до 700 километри.
Лансирањето на електричниот 3008, кој ќе започне да се продава во февруари 2024, има клучно значење за Peugeot, а ќе се произведува во фабриката на Stellantis во Сошо, Франција.
Премиерата на новиот 3008 се одржа токму во фабриката во Сошо, моделот беше откриен токму од страна на Линда Џексон, главниот извршен директор на брендот.
Фабриката има историско значење за францускиот производител бидејќи токму тоа е местото од каде што започнал семејниот бизнис на Peugeot во средината на 19-тиот век.
Французите очекуваат многу од овој компактен SUV модел. Тој е многу значаен за брендот уште од самото лансирање во 2016 година. Peugeot успеа да продаде над 1.3 милиони примероци од моделот, а годишниот просек изнесува 150,000.
Сепак, она што е значајно за нашиот пазар, е тоа што моделот сепак, ќе се нуди и како плаг-ин хибрид и самополнечки хибрид.
Според Линда Џексон, очекувањата се над половина од продажбите во Европа да се однесуваат на некоја од трите електрични изведби.
Инаку, 3008 е првиот модел на Stellantis поставен на STLA Medium платформата, која треба на европските брендови во рамки на групацијата да им овозможи до 2030 година успешно и комплетно да се пренасочат на производство на само електрични автомобили.
Според Карлос Таварес, тие брендови се Alfa Romeo, Citroen, DS, Fiat, Maserati, Opel и Peugeot.