Новитети
Peugeot ја претстави електричната изведба на 308, ќе има нов електромотор M3 – развиен од јапонската Nidec
Електричниот 308 ќе има батерија со капацитет од 54 kWh, која има различен состав од досегашните - 80 проценти никел, 10 проценти манган и 10 проценти кобалт.
Peugeot ја претстави електричната изведба на компактот 308, која ќе има нов мотор и 400 километри автономија. Електричниот 308 од 2023 ќе биде достапен во хеџбек и караван каросериски изведби.
Peugeot и официјално потврди дека ќе лансира комплетно електрична изведба на моделот 308, во која ќе се вградува нов електричен мотор развиен од страна на добавувачот на Stellantis, јапонската компанија Nidec.
Комплетно електричната изведба ќе ги надополни тековните плаг-ин хибридни, бензинските и дизел изведбите на 308-цата.
Следната година се очекува лансирање на комплетно електричната изведба и на сестринската Opel Astra. И двата модели ќе бидат поставени на EMP2 платформата развиена од страна на некогашната PSA Group. Компактот на Peugeot ќе биде првиот комплетно електричен модел на оваа платформа.
Компактот на сестринскиот бренд Citroën, пак, моделот C4 е поставен на помалата eCMP платформа.

Иако производителот не ги откри комплетните спецификации на моделот, она што е познато е дека електричниот компакт ќе има над 400 километри автономија според WLTP стандардот, а ќе се полни од 20 до 80% за помалку од 25 минути (при полнење на полнач со еднонасочна струја со капацитет од 100 kW).
Електричниот 308 ќе има батерија со капацитет од 54 kWh, која има различен состав од досегашните – 80 проценти никел, 10 проценти манган и 10 проценти кобалт.
Изгледот на е-308 е идентичен со оној на изведбите со внатрешно согорување, новина се новите 18-инчни бандажи кои се оптимизирани за подобра аеродинамика.
Компактот на Peugeot е трет во низата електрични модели во гамата на брендот, по малиот хеџбек 208 и кросоверот 2008. Моделите од поголемите сегменти, како што се 3008, 5008 и 508 засега имаат плаг-ин хибридни изведби.

Се очекува дека новата 3008, која треба да биде лансирана следната година, ќе има комплетно електрична изведба.
Електричниот 308 ќе конкурира во сегмент во кој веќе има голема конкуренција. Освен споменатиот C4, помеѓу конкурентите се и Renault Megane E-Tech Electric, VW ID3, Kia Niro и Hyundai Ioniq5.
Како што споменавме, електричниот 308 ќе биде првиот модел на Stellantis кој ќе го користи новиот електричен мотор развиен од страна на заедничкото вложување на групацијата со Nidec-Leroy Sommer Holding. Ова заедничко здружување именувано како Emotors го разви новиот електромотор М3, кој има сила од 115 kW. Тој се произведува во фабрика во северна Франција.
Оваа фабрика има капацитет за производство на 1 милион електрични мотори годишно до 2024 година.