Slide

Стории

Peugeot одбележува 90 години од лансирањето на серијата 300, која е застапена со 10 генерациски модели

Slide

Актуелната серија 308 е задржана во три последователни генерации на моделот од 2007 година, па сѐ до денес.

11/02/2022

Пристигнувањето на новата генерација на компактот 308 во септември минатата година, беше повод Французите да нѐ потсетат на историјатот на моделите на Peugeot кои припаѓаат на серијата 300. 

Интересно, точно десет генерации се лансирани во последните 90 години, започнувајќи од 1932 година со моделот 301. 

Серијата “300” на Peugeot е значајна поради тоа што се работи за возила во компактниот сегмент, кој повеќе децении беше најпопуларен во Европа. Во последните неколку години неговиот примат е “загрозен” од сѐ поголемата популарност на моделите од SUV сегментот. 

За големата прифатеност на овие модели низ годините влијание имаше и нивната разноликост. Имено, одредени генерации беа произведувани во седан, лимузина, купе, кабриолет и караван изведби, со што ги исполнуваа барањата на поширока целна група на купувачи.

Историски најзначајна за овој модел е фабриката во Сошо во источна Франција, од чии производни линии, со одредени исклучоци, излегуваа најголем број од примероците во оваа серија.

Секоја од генерациите во серијата има интересни историски моменти кои производителот со задоволство ги нагласува. 

Во поствоениот период одлични продажби забележа моделот 304, чија продажба надмина 1 милион продадени примероци. Не толку успешно, со овој модел Французите се појавија и на американскиот пазар. 

Првиот вистински хеџбек во серијата беше лансиран во 1985 со ознаката 309. Неговата прифатеност од купувачите го трасираше патот за популарната силуета која ќе продолжи да доминира во автомобилската индустрија во следните 30-тина години.

Тој беше одлична основа за бестселерот 306, лансиран во 1993 година. Тој доби и кабриолет изведба дизајнирана од Пининфарина. 

Актуелната серија 308 е задржана во три последователни генерации на моделот од 2007 година, па сѐ до денес.

Првите две генерации забележаа вкупна продажба од 7 милиони примероци, со што поставија високи стандарди кои треба да ги следи и надмине новолансираната трета генерација од 308. 

Најновата генерација го доби и новото редизајнирано лого, а апетитите на Peugeot во однос на нејзиниот успех се многу големи. Менаџментот на брендот предводен од Линда Џексон, со нетрпение го очекува и резултатот од изборот за Европски автомобил на годината на почетокот на март. Доколку повторно ја освојат наградата, тоа ќе биде и втора последователна победа на моделот, чија претходна генерација ја однесе титулата во 2014 година.

Најновата генерација од неодамна пристигна и во салонот на Еуроимпекс во Скопје, па ние имавме прилика во “живо” да се запознаеме со моделот, а кон крајот на месецов ќе можеме да го тестираме низ нашите патишата.

Освен новото лого, најновата генерација на 308 ќе биде запомнета по воведувањето на плаг-ин хибридна изведба, а доколку сѐ оди според планот, таа ќе биде и првата која ќе добие комплетно електричен погон.

Slide
Slide

Најнови содржини

Renault започнува нова интернационална офанзива без својот јапонски партнер Nissan
Германските производители нема да учествуваат на престојното Geneva Motor Show 2024
MINI започнува со примената на агенцискиот продажен модел во Европа
Втората генерација на BMW X2 е подолга, повисока и поширока споредено со првата, а добива и електрична изведба