Новитети
Porsche обезбеди повеќе моќ и моторспорт рецепт за новиот 911 GT3
Porsche денеска ја официјализираше премиерата на најновиот член на актуелната генерација на 911, а тоа е новата верзија на моќниот 911 GT3.
По многу тестирања во реални услови и пред се на патеката Нирбургринг, новиот 911 GT3 е подготвен да се пофали со своите унапредени карактеристики и перформанси.
Седмата генерација на 911 GT3 е подготвувана во соработка со Porsche Motorsport дивизијата, а добива подобра аеродинамика, ултра лесни материјали вклучувајќи јаглеродни влакна и уште помоќна погонска единица.
Ревидираниот 4.0-литарски боксер мотор сега располага со 510 коњски сили, 10 повеќе од претходникот, а максималниот вртежен момент на шест-цилиндерскиот атмосферец стигнува до 470 Nm.
Купувачите ќе избираат меѓу шест-степена мануелна и седум-степена PDK трансмисија, а Porsche најави спринт до стотка од 3,4 секунди за 911 GT3 (со PDК).
Производителот најави специјално подготвено потпирање на предната оска кое Porsche го презема од своите моторспорт претставници, додека во игра е и системот за управување со задните тркала, што подразбира нивно вртење до два степена во иста или спротивна насока од предните тркала.
Аеродинамичноста има големо влијание врз многу фактори кои ќе влијаат на впечатокот кај возачот, па затоа и Германците користат формула која ќе обезбеди поголем потисок со помош на дифузерите, спојлерот и други елементи на екстериерот.
Посебно внимание е посветено и на тежината, па со користени ултра-лесни материјали, вклучувајќи го и стаклото, издувот и дисковите на сопирачките, новиот 911 GT3 стигнува до тежина од 2,8 килограми по коњска сила.
Во ентериерот може да се забележи поврзаноста на GT3 со останатите членови на актуелната генерација на 911, со дополнителни елементи кои го истакнуваат поспортскиот карактер на оваа изведба.
Повеќе содржини за Porsche: