Slide

Стории

Porsche Road Tour 2022 – измешани чувства помеѓу традицијата на бензинските и супериорноста на електричните мотори

Slide

Според планот за ротација на секои 30-тина километри, секој од 9-те учесници имаше можност да ги проба сите 9 модели кои беа дел од Road Tour настанот.

12/09/2022

На почетокот на месецов, веќе традиционално, се одржа уште еден интересен и пред сѐ ексклузивен настан – Porsche Road Tour 2022.

Porsche Road Tour е само еден од низата тематски настани организирани од централата на Porsche за Централна и Источна Европа, чие одржување во Македонија е секако логистички помогнато од тимот локалниот импортер – Порше Македонија.

Целта на ваквите настани е директно запонзнавање и промоција на тековната гама на спортскиот премиум бренд со тековните и потенцијалните купувачи.

Имено, неколку инструктори од Porsche придружени од 15-тина примероци од актуелните модели на производителот, патуваат низ земјите од централна и источна Европа во обид директно да ги промовираат своите модели преку интересно огранизиран настан на кој клиентите имаат можност да ги повозат најновите модели од гамата на Porsche.

Настанот кај нас вообичаено трае околу 5 до 6 дена, а еден од нив, најчесто последниот, е резервиран за автомобилските медиуми. И оваа година, autofocus.mk беше меѓу 10-тината медиуми кои беа дел од несекојдневниот настан.

Оваа година имавме вкупно 9 учесници од медиумите и 9 автомобили на располагање, не сметајќи ги двата кои ги управуваа инструкторите. Според планот за ротација на секои 30-тина километри, секој од 9-те учесници имаше можност да ги проба сите 9 модели кои беа дел од Road Tour настанот.

Организаторите прилично се потрудиле да изберат квалитетна рута, како и локација за пауза и воедно за полнење на двата електрични модели – Taycan Turbo S и Taycan Turbo S Cross Turismo.

За крајна дестинација, а воедно место за пауза, ручек и полнење на батериите на Taycan, беше избрана винаријата Лазар.

Винаријата се наоѓа во близина на локалитетот Стоби, па најкусата рута е прилично едноставна. Навидум премногу куса релација: имено, лоцирана на само 80 километри од салонот на Порше во Скопје, до винаријата се стигнува за помалку од еден час возење по автопат. Но, моделите на Porsche се направени за уживање при возењето во нив, па ретко кој би ја избрал најкусата рута. 

Сигурни сме дека огранизаторите не би ни приредиле такво разочарување. Набргу се убедивме во спротивното: По напуштањето на салонот на Порше Македонија, се упативме кон обиколницата, по што се приклучивме на патот кон Свети Николе – Штип. Продолжуваме кон Струмица, но пред да стигнеме до Радовиш, се исклучуваме од магистралниот пат, и продолжуваме во правец на Лесковица кон Пепелиште, по кривулести живописни предели кон Неготино, по што се приклучивме на автопатот кон Стоби. Овие предели се како измислени за ваква тура.

Но, и подолагата рута делува кусо кога се минува со спортски автомобили, па бргу стигнуваме до предвидената локација за пауза. Како што колоната од 11 спортски Porsche автомобили влегуваше во дворот на винаријата, од десната страна се забележуваат два брендирани Porsche полначи. 

Преку радио станица двата привремени возачи на Taycan-ите добиваат инструкции од инструкторите веднаш да ги паркираат своите електрични возила до полначите. 

Паузата за ручек беше добра можност за дополнување на батериите на двата електрични Porsche Taycan примероци за да имаат доволно енергија во батериите за растојанието кое треба да го поминат назад кон Скопје.

Двата полначи поставени на паркингот во винаријата Лазар се дел од Porsche Destination Charging – мрежата на полначи која Porsche индивидуално ја развива. Претставници на производителот склучуваат договори со репрезентативни локации низ Европа како што се хотели и ресторани, при што од производителот бесплатно поставуваат до два вакви полначи со капацитет за полнење од 11 kW, кои се компатибилни со најголемиот дел од електричните возила.

Сопственикот на локацијата треба да обезбеди соодветен паркинг простор (2.6 метри широко паркинг место по возило) и електрична енергија.

Со тоа, локацијата станува дел од мрежата на полначи на Porsche и се појавува на мапата во навигацијата на сопствениците на електричните автомобили кои минуваат во нивна близина. 

Ова е одлична иновативна форма на промоција за локалниот бизнис и привлекување на гости од висок профил, како што се сопствениците на Taycan Turbo S, на пример.

Во нашата држава, двата најмоќни полначи со еднонасочна струја (со капацитет од 320 kW) се наоѓаат токму на паркингот пред салонот на Porsche во Скопје, и често се користат од патници кои транзитираат низ Македонија бидејќи и тие се наоѓаат на мапата на Destination Charging мрежата.

За време на паузата, ссвен дискусијата околу полнењето и распространетоста на полначите кај нас, двете електрични возила, секако наметнуваат дискусија и во однос на споредбата со традиционалните спортски модели на Porsche, особено кога учесниците на настанот имаат можност редоследно да управуваат со Porsche 911 Turbo S и Porsche Taycan Turbo S.

Математички, електричниот претставник е апсолутен фаворит, поради тоа што максималниот вртежен момент – 1,050 Nm сила ги испорачува инстантно, со првото притискање на педалата за забрзување.

За разлика од него 911-ката максималната сила од 800 Nm ја достигнува помеѓу 2,500 и 4,000 вртежи. И на сентименталните вљубеници во звукот на 911 им е јасно дека е потребно време за да се достигне макаималната сила кај моторите со внатрешно согорување.

Но, за воља на вистината, не е само брзината она што ги привлекува автомобилските ентузијасти. Важен е и звукот на моторот. Во развогор со еден од инструкторите, Италијанец, тој нагласува дека помеѓу клиентите сепак, сѐ уште преовладува наклонетост кон 911-ката. Звукот на моторот, самиот мотор и секако традицијата на овој модел предизвикуваат многу емоција кај клиентите. 

Сепак, заеднички заклучок е дека доколку погледнеме 50-тина години во иднината, ваквите дилеми веројатно нема ниту да постојат во главите на идните генерации, кои ќе се родат и ќе израснат со електрични автомобили околу себе.

Но, 911-ката не е единствената која беше споредувана со електричните Taycan Turbo S и Taycan Turbo S Cross Turismo. Помеѓу останатите автомобили кои имавме можност да ги возиме за време на нашиот медиумски ден беше уште една 911-ка (Carrera 4 GTS), две 718-ки (718 Cayman GTS, 718 Boxster GTS, две Panamera-и (Panamera GTS Sport Turismo и Panamera Turbo S E-Hybrid) како и Cayenne Turbo S E-Hybrid Coupé.

Следната година очекуваме делумно обновување на возниот парк со новата генерација на Cayenne, а можеби, доколку не се јават значителни одложувања во производството, ќе имаме можност помеѓу првите да го пробаме и новиот Macan кој ќе биде комплетно електричен.

Доколку тоа се случи следната година, случајните учесници во сообраќајот кои секоја година се наоѓаат на патот на Porsche Road Tour, а кои инстинктивно посегнуваат по своите мобилни телефони и успеваат да фотографираат дел од престижните спортски автомобили, во 2023 година ќе имаат можност да снимат нешто многу, многу интересно.

Slide
Slide

Најнови содржини

BMW ja претстави осмата генрерација на 5 Series, заедно со комплетно електрична изведба именувана како i5
Малиот електричен SUV, EX30, ќе има систем за заштита од странична колизија со велосипедисти
Малото електрично возило на Cupra ќе се вика Raval и ќе биде лансирано во 2025 година
Директорот на Opel најавува ефикасна транзиција кон комплетна електрификација до 2028 година