Стории
Porsche Road Tour 2023: електричните модели полека го преземаат приматот
Од пред неколку години, кога за првпат се појави Taycan помеѓу моделите на Porsche Road Tour, бројката на електрични модели присутни на настанот, е постојано во пораст.
При влезот во паркингот на Porsche центарот, како и секоја година во август, нашите погледи паѓаат кон овогодинешната гама на автомобили, подготвени за возење низ убавите предели на Македонија.
Но, овој пат, нешто не е како вообичаено за Porsche Road Tour настаните. Ги гледаме моделите и пребројуваме, ги гледаме повторно – да, оваа година помеѓу возилата достапни за возење има дури 5 електрични автомобили.
Од пред неколку години, кога за првпат се појави Taycan помеѓу моделите на Porsche Road Tour, бројката на електрични модели присутни на настанот, е постојано во пораст.
Со оглед на проширувањето на Taycan од само еден модел, во цела фамилија на модели, оваа година тој беше достапен во изведбите Taycan, Taycan Turbo, Taycan Turbo Cross Turismo, Taycan 4s и Taycan 4S Cross Turismo.
Со оглед на интензивниот план за лансирање на нови електрични модели на спортскиот бренд во рамки на VW Group, следните години ќе биде сѐ позначајна логистиката при справување со сѐ поголем број на електрични возила како дел од турата.
Имено, според последните информации од производителот, следните електрични модели кои ќе бидат лансирани од страна на Porsche се:
Електричен Macan, чија продажба треба да започне во 2024, па нема да биде изненадување доколку се најде помеѓу автомобилите во следниот Road Tour.
Во следните години на гамата ќе се приклучи и новата 718-ка, која освен со мотори со внатрешно согорување, ќе започне да се продава и како комплетно електричен модел. Изведбата со мотори со внатрешно согорување ќе биде лансирана во 2025, но за електричната изведба, не се споделени детали.
Но, затоа извесно е дека во 2025 година ќе имаме можност да го пробаме новиот комплетно електричен Porsche Cayenne.
Но, тоа не е сѐ од најпрофитабилниот бренд во рамките на VW Group. Имено, извршниот директор на Porsche, Оливер Блум, загадочно најави дека работат на спортски кросовер со кодно име K1, кој ќе започне да се произведува во Лајпциг, а револуционерно кај овој модел ќе биде 920-волтниот електричен систем кој ќе овозможи намалување на времето на полнење на батериите.
Токму ваква функционалност би им помогнала на огранизаторите на Road Tour, со оглед на оскудната мрежа на полначи во Македонија.
Очигледен е предизвикот за огранизаторите на настанот да се справат со логистиката за полнење на батериите на, за наши услови, голема бројка на електрични автомобили, особено што треба да се планираат полнења на батериите по пристигнувањето на дестинацијата.
За таа цел, и годинава во голема мера помогнаа полначите на Porsche инсталирани во рамки на хотелот, кои како дел од програмата Porsche Destination Charging се поставуваат во репрезентативни објекти низ земјата.
Оваа година дестинација беше хотелот Радика во Маврово, но за разлика од претходни наши патувања кон овој убав национален парк, во неделата на 20-ти август, патувањето до дестинацијата беше вистинското уживање.
Тоа не е изненадување кога патувате во модели како 911 Turbo S, 718 Boxter GTS и 718 Cayman Style Edition, Macan S, купеата со отворен кров 911 Carrera S Cabriolet и 911 Targa 4S, како и Panamera GTS Sport Turismo, кои беа надополнети со веќе споменатите електрични изведби на Taycan.
Со ротации на возачите и моделите на секои 20-тина километри, секој се надева својот омилен модел да го добие на делница која овозможува уживање во спортските перформанси.
Но, организаторот имаше уште едно изненадување за нас. Имено, за време на престојот во Хотел Радика, од страна на Г-динот Стефан Јовановски ни беше претставен новиот Porsche Cayenne.
Статичката презентација не беше проблем за да ги забележиме редизајнираните предни светла, кои сега содржат дури 32.000 светлосни диоди во секое од светлата.
При влегувањето во кабината, веднаш се забележува дигиталениот панел со дијагонала од 12.6 инчи кој нуди неколку различни режими на приказ. Десно од него е поставен 12.3-инчен централен мултимедијален дисплеј како дел од Porsche Communication Management системот. Овој систем нуди интеграција со Android Auto и Apple CarPlay, како и целосна поврзаност со Apple Music или Spotify.
Пред совозачот, пак, е поставен 10.9-инчен екран. Тој ќе може да го контролира инфозабавниот систем или да му дозволи на совозачот да гледа видео-материјали.
Но, времето е кусо и по кусата фотосесија со ексклузивните модели, време е за пат кон Скопје. Истиот систем на ротација, но нови доживувања. По час и половина, време е да се разделиме и со уште поголемо нетрпение да го очечуваме следниот Road Tour 2024.