Slide

Новитети

Претставен Tonale, моделот преку кој Alfa Romeo влегува во компактниот SUV сегмент

Slide

Димензиите на моделот го најавуваат и неговиот спортски карактер. Со должина до 4.53 метри и висина од 1.60 метри, Tonale е три сантиметри подолг и седум сантиметри понизок од VW Tiguan.

10/02/2022

Преку моделот Tonale, Alfa Romeo влегува во компактниот SUV сегмент. Продукцискиот модел изгледа многу слично на концептот кој беше претставен пред три години во Женева.

На инженерите од Alfa Romeo им беше потребен малку подолг период за да комерцијализираат модел во популарниот компактен SUV сегмент. Сепак, Италијанците го искористија времето за да развијат неколку специфични функционалности.

Имено, доколку сопственикот на возилото се согласи, комплетната историја на возилото ќе биде евидентирана како NFT (Non-Fungible Token), базиран на “blockchain” концептот. Целта е да се креира одредена форма на сертификат кој нема да може да се фалсификува. Ова е прва ваква имплементација во авто-индустријата.

Димензиите на моделот го најавуваат и неговиот спортски карактер. Со должина до 4.53 метри и висина од 1.60 метри, Tonale е три сантиметри подолг и седум сантиметри понизок од VW Tiguan. Но, дизајнерите ја креираа оваа силуета имајќи ја предвид комоцијата на патниците. Имено, и покрај понискиот покрив во делот на задната клупа, патниците ќе може да патуваат комотно како резултат на долгото меѓуоскино растојание од 2.63 метри. 

Сепак, атрактивниот изглед наметнува одреден компромис во багажниот простор, каде сопствениците на Tonale ќе имаат 500 литри товарен волумен на располагање. 

Од технички аспект, Alfa Romeo Tonale е поставен на SCCS (Small Common Components and Systems) платформата, која ја дели со Jeep Compass. Но, во однос на димензиите, новиот SUV се разликува од сестринскиот Compass. Тој е подолг, поширок и понизок. Во овој контекст, новите платформи кои ги развива групацијата Stellantis ќе бидат подготвени во 2023 година.

Се очекува Tonale да биде вистински технолошки пионер. За ова треба ќе бидат заслужни Amazon Alexa гласовниот асистент и многубројните функции во однос на конективноста. Благодарение на поврзаноста со 4G мрежата, инфотејнмент системот кој е базиран на Android (и ќе може безжично да се надградува), ќе добива податоци во врска со сообраќајот во реално време.

Во кабината доминира 10.25-инчниот екран осетлив на допир, кој е поставен на централната конзола. Таму се и командите за системите за асистенција, како што е адаптивниот темпомат и системот за одржување во коловозна линија. Компактниот SUV има и систем за автоматско запирање во случај на опасност, како и предупредување за сообраќај кој доаѓа од спротивна насока. 

Интересна иновација е функционалноста која на сопственикот му овозможува од далечина, преку мобилна апликација, на трето лице да му даде еднократен пристап до автомобилот. Оваа функционалност, која неколку години наназад ја рекламира Amazon, служи за користење на возилото како локација за достава на пратките во моментот кога сопственикот не е до возилото. 

На пример, доколку нарачате пратка, а во моментот на достава сте со своето возило на работа, можете од својата канцелација да му дозволите на курирот да го отвори вашиот автомобил, да ја остави пратката во него и да си замине, без да ви ги го нарушува работниот ден.

Овој систем функционира преку апликација која контролира поголем број на параметри во возилото.

Tonale е првиот модел во портфолиото на брендот кој ќе биде електрифициран. При лансирањето достапни ќе бидат две хибридни изведби (со 130 и 160 hp). При вообичаено возење, и двете изведби ги придвижува 1.5-литарски бензински мотор, но одредени маневри низ градските средини ќе може да се прават само со помош на електричниот 48-волтен систем. Неговиот капацитет е 15 kW.

Подоцна, кон крајот на годината се очекува да пристигне и плаг-ин хибрид изведба со 275 hp. Предната оска на овој модел ќе го придвижува 1.3-литарски бензински мотор, додека задната оска ќе ја придвижува електричен мотор со сила од 90 kW. Со оглед на батеријата со капацитет од 15.5 kWh, се очекува најголем дел од урбаното возење да биде исклучиво на струја. 

Токму оваа плаг-ин хибрид изведба беше причина за малото одложување на лансирањето на Tonale. Имено, Жан-Филипе Импарато, новоназначениот извршен директор, инсистираше на поголема моќ на хибридните изведби, со објаснување дека Tonale треба да биде илустрација за можностите на брендот, па затоа не дозволи никаков компромис со погонот.

Може да се заклучи дека Импарато успеал во намерите, со оглед на споредбата на плаг-ин хибридната изведба со онаа на Jeep Compass, на пример, чиј погон има сила од 240 hp. 

Единствен конвенционален погон во портфолиото на Tonale е 1.6-литарскиот турбо дизел со 130 hp и шест-степена трансмисија со двојна спојка. Alfa нема да нуди опција со мануелна трансмисија за ниту една изведба. Благите хибриди доаѓаат со седум-степена двојна спојка, додека плаг-ин хибридот е опремен со шест-степен автоматски конвертор. Со исклучок на најмоќниот плаг-ин хибрид, погонот на сите остнати изведби ја пренесува силата на предната оска.

Првите примероци од Tonale, кој се произведува во фабриката во близина на Наполи, се очекува да започнат да пристигнуваат во автомобилските салони на почетокот на летово. Првите нарачки ќе може да се направат кон крајот на првиот квартал, а цените веројатно ќе започнуваат од околу 30,000 евра. Најмоќната плаг-ин хибрид изведба ќе има почетни цени од околу 50,000 евра.

Slide
Slide

Најнови содржини

Mercedes ќе го намали бројот на дилерствата, во процесот на транзиција кон агенциски модел на продажба
Volkswagen започна да прима нарачки за електричниот ван ID. Buzz, првите испораки – на есен
Презентација на 10 електрифицирани модели од Opel и Peugeot – два од брендовите на Stellantis групацијата
Mercedes за електричната G-Class ќе користи нови батерии со силициумски, наместо графитни аноди