Slide
Slide

Стории

При електрифицирањето на гамата во 2025, Jaguar ќе се репозиционира во луксузниот сегмент на Bentley

Slide
Slide

Откако премина во JLR групацијата минатиот септември, поранешниот извршен директор на Renault набргу го наметна ставот дека британските брендови не треба директно да се конкурираат со брендовите како BMW или Mercedes. - Тиери Болоре, за време на презентацијата на Reimagine стратегијата во февруари годинава.

29/11/2021

Според стратегијата, Jaguar ќе произведува помалку автомобили, но тие ќе бидат поексклузивни, а ќе ги таргетираат клиентите на Bentley и Porsche.

Пред точно две години, претставниците на Jaguar поканија гости од целиот свет по повод отворањето на дизајнерскиот центар на брендот во Гајдон, централна Англија.

Распространет на 12.000 квадратни метри, дизајнерскиот центар беше дел од поголема капитална инвестиција која вклучуваше унапредување на инженерските капацитети на брендот.

Целиот концепт беше наменет за остварување на стратегијата на Ралф Спет, тогашниот извршен директор на брендот, за достигнување на годишна продажба од над милион примероци.

Зголемувањето на бројот на продажби беше клучно за JLR групацијата да може да го достигне обемот на германските премиум ривали.

Но, 18 месеци подоцна, тој план доживеа крупни промени, иницирани од Тиери Болоре, новиот CEO на брендот.

Откако премина во JLR групацијата минатиот септември, поранешниот извршен директор на Renault набргу го наметна ставот дека британските брендови не треба директно да се конкурираат со брендовите како BMW или Mercedes. Наместо тоа, тие ќе се репозиционираат во луксузниот сегмент каде припаѓа Bentley. 

“Моделите со најмала профитабилност во рамките на брендот ќе бидат заменети со модели кои ќе имаат поголеми маржи” – изјави Болоре.

“Нашите производствени капацитети и оперативна организација не се структурирани за максимална ефикасност и голем обем” – додаде тој за време на онлајн настан во февруари годинава.

Решението на Болоре беше радикално. Според планот именуван како “Reimagine”, во 2025 година комплетната гама на брендот ќе стане електрична, користејќи платформа развиена надвор од компанијата, при што брендот пазарно ќе се позиционира повисоко и поексклузивно.

Под негово водство беше откажан развојот на три модели кои требаше да бидат поставени на таканаречените “MLA low” и “MLA mid” платформи. Трите модели го вклучуваа легендарниот XJ, електричниот Land Rover (кого британските новинари го нарекуваа Road Rover), како и SUV моделот Jaguar J-Pace.

Задржана е само “MLA high” платформата, која се користи за моделите Range Rover и Range Rover Sport.

Планот на Болоре означува промена во начинот на размислвање во компанијата. Амбициите повеќе не се поврзани со креирање на големи бројки на продажба и напуштен е планот за реплицирање на моделот на работа на BMW, во рамките на Jaguar.

Конкурирање со BMW, Daimler или Audi нема логика за компанија која е четири пати помала од нив” – изјави Адриан Мардел, главниот финансиски директор на JLR групацијата за време на истиот состанок во февруари годинава.

Според претходната стратегија, минималната бројка на возила која групацијата би требало да ги продаде во 2019 година за да биде профитабилна, изнесувала 600,000 примероци.

Инвестиции на групацијата

JLR групацијата инвестираше значителни 4.2 милијарди фунти во 2018 година за изградба на фабрика во Нитра, Словачка, која беше завршена и отворена истата година.

По продажбата на JLR на Tata Motors од страна на Ford во 2008 година, JLR разви и своја палета на бензински и дизел мотори со четири и шест цилиндри. Тие се произведуваат во фабрика која беше отворена во 2014 година, а во која групацијата инвестираше 750 милиони долари.

Фабриката каде што JLR ги произведува новите Defender и Discovery модели, беше петта фабрика на групацијата заедно со трите во Велика Британија и една во Кина. 

Во тој период, беа отворени и уште две фабрики за составување на автомобили, по една во Бразил и во Индија.

Со тоа беше поставена инфраструктура за производство на милион возила годишно и брендот започна да се движи во посакуваната насока. Продажбата на брендот забележа рекорд во 2019 година со 614,309 продадени примероци, но минатата фискална година (која трае од 01 април до 31 март) беа забележани 439,588 продажби.

По спроведените оптимизации, производствените капацитети на групацијата беа конфигурирани за остварување на добивка по продажбата на над 400,000 примероци. Годишните трошоци во следните четири години се проектирани на 2.5 милијарди фунти.

Со тоа, се очекува профит во тековната година со маргина од 4 проценти, која треба да достигне 7 проценти во фискалната 2024 година, односно 10% во фискалната 2026 година.

Концептот на JLR е сличен на дел од останатите премиум производители: приоритет да биде профитот, наместо обемот. “Моделите кои носат помала заработувачка ќе бидат заменети со оние кои имаат поголеми маржи” – изјави Болоре.

При реализирање на стратегијата, раководството на групацијата ќе биде многу внимателно во однос на диференцирање на моделите на двата бренда, за да се спречи одлевање на клиентите од едниот во другиот бренд.

Во иднина менаџментот ќе се обиде да избегне ситуација при која во ист салон се продава модел како Jaguar F-Pace, кој е директен конкурент на Land Rover Discovery Sport.

Според новиот план, Jaguar ќе биде повисоко пазарно позициониран. “Новиот Jaguar ќе има помал волумен, ќе биде поексклузивен и ќе овозможи вистинско луксузно доживување” – изјави Гери Мекговерн, главниот креативен директор.

Негова задача е креирање на ултра луксузни дизајни, кои ќе предизвикуваат воздишки. “Моделите на Jaguar ќе имаат многу различни каросериски изведби споредено со гаматa на Land Rover” – додаде Мекговерн.

Раководните луѓе на брендот не дадоа прецизни таргети за годишното производство по транзиција на брендот кон комплетно електрична гама во 2025 година. Се очекуваат продажби помеѓу 30.000 и 100.000 примероци, во зависност од финалното позиционирање на брендот, односно дали ќе се конкурира со Bentley или, пак, со Porsche.

За остварување на таа цел, планирани се големи инвестиции. Износот веројатно ќе се движи околу 5 милијарди фунти во следните три години, а тие ќе вклучуваат развој на нови производи, производствени капацитети, маркетинг, како и развој на дилерска мрежа. 

Планот за забрзана електрификација на целата гама на Jaguar е дел од групациската стратегија која ќе овозможи поспора и покомотна електрификација на брендот Land Rover, а во исто време ќе обезбеди остварување на Co2 нормите на ниво на групацијата. 

Тоа во крајна линија ќе овозможи подолго задржување на профитабилните модели со мотори со внатрешно согорување, како на пример, моделот Defender. Според проценките на JLR околу 40% од возилата во 2030 сè уште ќе бидат модели со мотори со внатрешно согорување.

Land Rover како екстра профитабилен бренд

JLR во меѓувреме ја лансираше новата генерација на Range Rover, кој е високо профитабилен за компанијата. И овој модел е повисоко пазарно позициониран, споредено со претходните години. 

Land Rover наскоро ќе лансира Defender изведба со 7 седишта, со што брендот ќе се обиде да го искористи потенцијалот и популарноста на моделот.

“Убеден сум дека Defender станува моќен бренд сам по себе” – изјави Мекговерн. 

Слични се плановите за моделот Discovery, кој исто така ќе биде повисоко пазарно позициониран при лансирањето на следната генерација, заедно со Discovery Sport. “Следните генерации на Discovery и Discovery Sport ќе станат дел од луксузниот сегмент” – додава тој.

Од оваа перспектива, јасно е дека беше правилна одлуката за напуштање на MLA платформата, која е проектирана за производство на возила со внатрешно согорување, веднаш штом стана јасно дека подобра инвестиција е платформа која ќе биде проектирана за производство на електрични автомобили.

Со ваквата промена, групацијата JLR планира да биде пред конкуренцијата.

“MLA не се вклопува во нашата стратегија. Такви платформи нема да бидат на ниво на индустријата кон крајот на декадава. Оние кои ќе се потпрат на такви платформи, ќе заостануваат зад останатите.” – изјави Адриан Мардел, главниот финансиски директор на групацијата.

Заради тоа, започнувајќи од 2024 година JLR ќе ги постави помалите Land Rover модели на платформата EMA (Electrified Modular Architecture). 

Способностите на Болоре за менаџирање со трошоци, вештина усовршена под водство Карлос Гон, неговиот шеф во Renault, како и јасно поставената инфраструктура за производство на електрични возила, навестуваат одлична иднина за JLR групацијата.

Тековните деловни операции се одвиваат многу добро. Land Rover веќе е клучен и многу профитабилен бренд. Репозиционирањето на Jaguar и неговата електрификација се вистинска шанса за ренесанса на брендот. 

Slide 1
Slide
Slide
Slide
Slide
Slide 1

Најнови содржини

MMA и MB.EA платформите ќе овозможат 10 kWh потрошувачка на 100 km за електричните модели на Mercedes
Renault ги зголеми на цените на моделите за 7%, а ги намали фиксните трошоци за 2 милијарди евра
Раст од 7% на продажбата на Citroën во 2021, и покрај кризата со недостиг на полупроводници
Porsche, независно од Audi и Bentley, развива електричен знаменосец со кодно име K1