Стории
Првиот електричен модел на Sony и Honda ќе има чипови кои ќе овозможат 800 трилиони операции во секунда
Новото заедничко вложување именувано како Sony Honda Mobility е нова компанија со седиште во Токио, во која веќе се вработени 200 работници.
Според најавите на претставниците на новиот бренд кој настана преку заедничкото вложување на Sony и Honda, купувачите на нивните електрични автомобили ќе може да набават некој од нивните електрични модели преку долгогодишен лизинг, кој би траел и до 10 години.
Ова, според најавите се должи на фактот што безжичните надградби би овозможиле возилата да не застаруваат толку брзо, а во однос на софтверот да бидат всушност како нови и после една декада од купувањето. Па така и лизингот би бил проектиран на траење до 10 години, за разлика од денешната практика кога најчесто корисниците на лизинг ги враќаат возилата во период по 3 до 5 години.
Двата гиганти веруваат дека купувачите кои ќе купат нов електричен модел од нивниот најавен бренд Afeela, “ќе го возат својот автомобил подолг временски период, поради софтверските надградби кои во континуитет ќе овозможуваат да биде во тек со најновите функционалности”, според Јасухиде Мицуно, директорот на Sony Honda Mobility.
Sony и Honda го објавија името на новиот бренд Afeela, за време на овогодинешниот CES, при што на сцената претставија концепт во седан изведба, за кој најавија дека ќе биде нивниот деби модел. Овој модел би бил лансиран во 2026 година.
Продажбите на Afeela во Европа би започнале кон крајот на 2026 или почетокот на 2027 година, кратко по лансирањето во САД и Јапонија.
“Замената на возилата на секои 3 до 5 години е редовна пракса денес”, изјави Мицуно за време на прес конференцијата со новинарите. “Но, сега следи голема промена. Автомобилот постојано ќе биде надградуван, па ќе може да ги опслужува своите сопственици и подолго – над 5, па и до 10 години”.
Новиот бренд ќе користи скапи чипови од американскиот добавувач Qualcomm, чипови кои можат да спроведат 800 трилиони операции во секунда. Ова ќе овозможи дури и првите произведени примероци да бидат постојано надградувани со најсовремениот софтвер дури и по 10 години.
Според Мицуно, за споредба, чипот од Qualcomm кој се инсталира во новиот SUV знаменосец на Volvo, моделот EX90 може да спроведе 10 трилиони операции во секунда.
“Ние сме фокусирани на иднината”, додава Мицуно, нагласувајќи дека 800-те трилони операции во секунда ќе бидат доволни за возилото да биде надградено со третото и четвртото ниво на автономија, штом за тоа се создадат услови.
Дебитантскиот модел на Afeela ќе има 45 сензори, вклучувајќи и лидар сензор. Според Мицуно, моделот ќе биде прилично скап, но според него, лизинг ратите не би биле толку недостижни за купувачите.
Новото заедничко вложување именувано како Sony Honda Mobility е нова компанија со седиште во Токио, во која веќе се вработени 200 работници, но најголемиот дел од ресурсите ќе дојдат од страна на Sony и Honda.