Вести
Првите примероци од компактниот SUV Tonale пристигнаа во салонот на Alfa Romeo во Скопје
Од технички аспект, Alfa Romeo Tonale е поставен на SCCS (Small Common Components and Systems) платформата, која ја дели со Jeep Compass.
По дисконтинуирањето на спортскиот модел 4C и Giulietta во 2020 година, гамата на Alfa Romeo беше ограничена на два модели – Giulia и Stelvio. Вториот, големиот SUV модел е веќе 5 години на пазарот.
Значи, време е за нов модел, а Alfa Romeo одговара со компактниот SUV именуван како Tonale.
Toj e сестрински модел со Jeep Compass, кој исто така користи 1.5-литарски мотор со 130 hp и 48-волтен електричен мотор сместен во седумстепената трансмисија.
Оваа погонска единица е дел од првата едиција, именувана како Speciale, чии први примероци веќе пристигнаа во салонот на Alfa Romeo во Скопје.


Есенва ќе следи и плаг-ин хибрид изведба на Tonale со 275 hp. Предната оска на овој модел ќе го придвижува 1.3-литарски бензински мотор, додека задната оска ќе ја придвижува електричен мотор со сила од 90 kW. Со оглед на батеријата со капацитет од 15.5 kWh, се очекува најголем дел од урбаното возење да биде исклучиво на струја.
Но, да се вратиме на Edizione Speciale која е веќе достапна за нарачки.
Со должина до 4.53 метри и висина од 1.60 метри, Tonale е три сантиметри подолг и седум сантиметри понизок од VW Tiguan. Но, дизајнерите ја креираа оваа силуета имајќи ја предвид комоцијата на патниците. Имено, и покрај понискиот покрив во делот на задната клупа, патниците ќе може да патуваат комотно како резултат на долгото меѓуоскино растојание од 2.63 метри.
Сепак, атрактивниот изглед наметнува одреден компромис во багажниот простор, каде сопствениците на Tonale ќе имаат 500 литри товарен волумен на располагање.

Од технички аспект, Alfa Romeo Tonale е поставен на SCCS (Small Common Components and Systems) платформата, која ја дели со Jeep Compass. Но, во однос на димензиите, новиот SUV се разликува од сестринскиот Compass. Тој е подолг, поширок и понизок. Во овој контекст, новите платформи кои ги развива групацијата Stellantis ќе бидат подготвени во 2023 година.
Во кабината доминира 10.25-инчниот екран осетлив на допир, кој е поставен на централната конзола. Таму се и командите за системите за асистенција, како што е адаптивниот темпомат и системот за одржување во коловозна линија. Компактниот SUV има и систем за автоматско запирање во случај на опасност, како и предупредување за сообраќај кој доаѓа од спротивна насока.