Стории
Renault од 2025 година ќе воведе нова полесна електрична платформа која е за 30% поевтина од тековната
Според де Мео, до 2025 година на неговата компанија ќе ѝ бидат потребни помалку од 10 часа за производство на еден автомобил.
Најавената платформа ќе биде основа за модели од брендовите Renault, Alpine и Nissan.
На новата CMF-B електрична платформа на Renault ќе биде поставен и електричниот Renault 5, чие лансирање се очекува догодина.
Според производителот, оваа платформа ќе има 70% идентични компоненти со CMF-B платформата наменета за возила со мотори со внатрешно согорување, а истовремено ќе биде 30% поевтина за производство споредено со тековните електрични платформи.
Засега е потврдено дека најмалку четири модели на групацијата ќе бидат поставени на новата платформа. Тоа се споменатиот Renault 5, како и неговата Alpine спортска изведба, потоа малиот кросовер Renault 4, како и модел кој ќе ја замени тековната Nissan Micra.
Според францускиот производител, платформата ќе може да се адаптира за модели со различно меѓуоскино растојание.
Батеријата, која ќе биде поставена во подвозјето, станува структурна компонента на возилото, додавајќи тежина во долниот дел со што центарот на гравитација се спушта подолу, а што во крајна линија ќе овозможи подобра управливост на моделот.
Моделите кои ќе се произведуваат на оваа платформа ќе се произведуваат во неколку фабрики на групацијата лоцирани во северниот дел на Франција. Таму во моментов се произведуваат два електрични модели, Renault Megane E-Tech и Renault Kangoo E-Tech (како и сестрински изведби од ванот за брендовите Mercedes и Nissan).
Renault спроведува реорганизација во рамки на групацијата, со што активностите поврзани со електричните автомобили потпаѓаат под новоформираната компанија наречена Ampere.
Ова беше потврдено од Лука де Мео, извршниот директор на групацијата. Тој се фокусира на намалување на производствените трошоци во обидот да достигне популарна и достапна цена за Renault 5, за која се шпекулира дека може да биде под 25,000 евра.
Според де Мео, до 2025 година на неговата компанија ќе ѝ бидат потребни помалку од 10 часа за производство на еден автомобил. И конкурентот Volkswagen се обидува да постигне слични резултати со воведувањето на моделите во рамки на проектот Trinity.
Заштедите се очекува да се остварат преку користење на голем дел од компонентите кои се користат и во тековната CMF-B платформа, како и од функционално пакување на три клучни компоненти во еден дел. Тоа се електричниот мотор, конверторот и погонската електроника.
Според менаџментот на Renault, ова пакување е 20 килограми полесно споредено со она кое се вградува во актуелната изведба на моделот Zoe.