Вести
Самуелсон: Производителите мора да се фокусираат само на електрични автомобили
Инфраструктурата ќе се подобри, а во моментов мислам дека секој има добра можност да го наполни автомобилот, нашиот став е дека авто-индустријата ќе стане електрична и колку појасен сигнал испратиме, толку побрзо ќе заврши процесот, - вели Самуелсон
Автомобилските производители имаат различни стратегии во процесот на електрификација, но јасно е дека електричните автомобили имаат најголема перспектива и веројатно ќе бидат доминантен избор по неколку децении.
Предводникот на Volvo Cars, Хакан Самуелсон апелираше до другите производители да се фокусираат на развој исклучиво на електрични модели, за што побрза и поефикасна транзиција во новата ера.
– Пандемијата го подобри разбирањето дека авто-индустријата мора да се менува. Во Volvo веруваме дека електричните модели се вистински избор и затоа решивме да се трансформираме во производител исклучиво на електро-мобили, – изјавил Самуелсон на конференција, алудирајќи на одлуката на шведскиот бренд до 2025 година да има плаг-ин хибрид или електрична изведба на секој модел, а за две децении целосно да произведува само автомобили на електричен погон.
– Колку повеќе зборуваме за алтернативи на електричниот погон, толку процесот ќе трае подолго. Еднаш кога купувачот ќе види електричен автомобил во продажен салон, ќе размислува поинаку за новите технологии.
– Ова е ист процес како тој со телефоните пред 15 години. Тогаш прашањето беше дали сакате телефон со многу копчиња или со екран осетлив на допир, – потенцира Самуелсон.
Извршниот директор на Volvo Cars смета дека инфраструктурата за полнење нема да биде проблем.
– Ако не продаваме електрични автомобили, никој нема да инвестира во инфраструктурата, па затоа решивме дека овој дел нема да го користиме како алиби. Инфраструктурата ќе се подобри, а во моментов мислам дека секој има добра можност да го наполни автомобилот, нашиот став е дека авто-индустријата ќе стане електрична и колку појасен сигнал испратиме, толку побрзо ќе заврши процесот, – вели Самуелсон.
Тој вели дека фановите на мотори со внатрешно согорување ќе можат да изберат плаг-ин хибрид изведби, но нема да биде изненаден ако од 2030 година се бараат само автомобили на електричен погон.
Повеќе содржини за електрични модели: