Стории
Семејството на Шумахер учествува во документарниот филм кој од 15-ти септември ќе се емитува на Нетфликс
Семејството продолжува во континуитет да ги чува во тајност информациите за здравстветната состојба на повеќекратнот F1 шампион.
Фановите на F1 легендата ќе го очекуваат датумот на кој ќе започне емитувањето на официјалниот документарен филм “Schumacher” именуван по неговото презиме. Филмот, во кој учествуваат сопругата на Михаел, Корина, нивните две деца Џина и Мик и таткото на Михаел, Ролф, се очекува да претстави интимна верзија на случувањата од гледна точка на семејството.
Се очекува во филмот да се појават и колеги, пријатели и конкуренти на Шумахер, а најавите се дека филмот ќе открие детали за приватниот живот кои досега беа чувани во тајност.
Ова е првиот и единствен медиумски проект во кој учествува семејството по несреќата на 29 декември 2013 година. Емитувањето на документарниот филм беше планирано за 2019 година, но неколку пати беше одложувано поради различни причини, меѓу кои и ковид-19 пандемијата.
Како најава за она што нè очекува во септември, во прилог подготвивме куса ретроспектива на некои од значајните моменти по скијачката несреќа на Шумахер:
Жан Тод: “Михаел Шумахер ќе ја следи кариерата на својот син”
Ноември 2020: “Михаел Шумахер дефинитивно ќе го следи патот на својот син во Формула 1 натпреварувањето” – изјави Жан Тод за RTL во ноември 2020. Тод се смета за човек од доверба на семејството и е еден од малкумината на кои им е дозволено да го посетуваат Шумахер во семејната куќа во близина на Женева. Неодамна токму Тод им даде надеж на фановите дека еден ден Шумахер може да се појави и во јавност: “Тој се бори. Се надевам дека светот ќе може да го види повторно. Тој и неговото семејство даваат сè од себе за да успеат”. Но, и покрај ваквите охрабрувачки изјави, фановите може само да претпоставуваат каква е навистина состојбата на Михаел Шумахер.
Бискупот Georg Gänswein со контроверзни изјави
Ноември 2018: Бискупот на покана на Жан Тод во 2016 година го посети Шумахер во неговата семејна куќа. По посетата тој изјави дека го држел Михаел за неговите “топли раце”. “Се чувствува дека е свесен за средбите и околината и дека води монолог во себе. Се чувствува дека близината на семејството му е многу важна”. Оваа негова изјава која беше пренесена во медиумите, предизвика реакции од семејството.
Регулирано е наследството на Шумахер
Мај 2018: Во 2018 година беше завршена процедурата за утврдување на наследниците на имотот на Шумахер. Спротивно на наодите дека сопругата Корина ќе биде задолжена за финансиските детали, сепак, таткото на Михаел, 72-годишниот Ролф добил задача да го координира процесот.
Одлуката на судот во Нион го регулира пристапот до имотот на Шумахер, кој се проценува на 800 милиони евра. Во неа е наведено кој смее да располага со имотот додека Михаел е жив, но и по неговата смрт.
Така, според одлуката на судот, Корина Шумахер може да одлучува во име на Михаел, бидејќи тој во моментов нема “деловна способност”, односно не е во можност самиот да носи одлуки. Сепак, за поголеми финансиски одлуки од страна на семејството, ќе им биде потребна дозвола од судот. Очекувано, наследници на најголем дел од имотот се сопругата Корина и двете нивни деца, Џина и Мик.
Вили Вебер со критики до семејството на Шумахер
Октомври 2017: Семејството продолжува во континуитет да ги чува во тајност информациите за здравствената состојба на повеќекратнот F1 шампион. Ова предизвика критики од страна на неговиот поранешен менаџер Вили Вебер. Тој во 2017 изјави: “Веќе подолго време упатувам критики кон семејството бидејќи не ја споделуваат целата вистина со јавноста. Но, моето мислење очигледно нема влијание на нив.” Од изјавата на Вебер може да се претпостави дека состојбата на Шумахер е полоша од она што јавноста го претпоставува. Заради ваквите изјави, иако е еден од најблиските пријатели и соработници, сепак, на Вили Вебер повеќе не му е дозволено да го посетува Шумахер.
Фото скандал
Декември 2016: Пред 5 години беа направени фотографии од Шумахер додека тој лежи во неговиот болнички кревет. Непознато лице ги понудило фотографиите на неколку медиуми за сума од милион евра. По барање на семејството, јавниот обвинител отвори истрага која заврши неуспешно и па беше прекината без да се најде сторителот.
Рос Браун ја објаснува состојбата на Шумахер
Ноември 2016: Поранешниот технички директор на Ferrari во интервју за BBC ја искоментира здравствената состојба својот поранешен колега: “Тешко е за мене да кажам било што без да ја нарушам приватноста на семејството. Она што можам да го кажам е дека најголем дел од шпекулациите и гласините се погрешни.”
Адвокатот на Шумахер со детали за својот клиент
Септември 2016: Адвокатот на Шумахер, Феликс Дам за време на сослушување во судска парница против еден медиум изјави: “Михаел не може да оди.”
Поранешниот доктор Jean-François Payen апелира за трпение
2014 година: Францускиот доктор и директор на одделот за анестезија и реанимација на Универзитетската болница во Гренобл, каде Шумахер беше донесен непосредно по несреќата, за француските медиуми изјави: “Од оваа временска дистанца очигледно е дека опоравувањето наместо месеци, ќе трае повеќе години.” Седумкратниот F1 шампион беше донесен во болницата во Гренобл во тешка состојба веднаш по повредата, со повреди на мозокот и таму остнаа во следните шест месеци. Шумахер по итната операција во оваа болница беше ставен во индуцирана кома.