Комерцијалните возила секогаш се во сенка на патничките автомобили, но тоа не значи дека се помалку значајни за производителите и нивните финансиски резултати.
Постојаното унапредување на својата гама овозможува пристап до повеќе купувачи со потреба од работник на четири тркала за својот бизнис, а еден доказ за прогресот на брендовите се и признанијата.
Веројатно најзначајното во овој сегмент е „Интернационален ван на годината“, годишната награда која ја доделува специјализирано жири составено од новинари, кои и годинава ги тестираа финалистите, за подоцна месецов да го објават и победникот.
Финалисти за признанието за 2020 година се Fiat Ducato, Ford Transit Custon PHEV, Ford Transit EcoBlue Hybrid, VW Transporter T6.1, Iveco Daily и Renault Master/Opel Movano/Nissan NV400 кои користат иста основа. Како потсетување, за најдобар ван за 2019 година беа прогласени Peugeot Partner/Citroen Berlingo/Opel Combo кои исто така се технички близнаци.
Не помалку значајно, годинава истото жири ќе го прогласи и пик-апот за 2020 година, а петте финалисти веќе поминаа специјален финален тест на различни терени во Шведска. За признанието се борат Ford Ranger, Mitsubishi L200, Nissan Navara, Renault Alaskan и Toyota Hilux. Минатата година наградата му припадна на Volkswagen Amarok.
Победниците ќе бидат прогласени за време на Солутранс 2019, транспортниот саем кој се одржува во Лион, Франција.