Slide 1

Стории

Споредба на системите на субвенции за електрични возила во Германија и Македонија

Slide 1

Renault Zoe, е модел за кој се поднесени најголем број на апликации за субвенции во Германија. По него следуваат VW ID.3, smart EQ fortwo и Tesla Model 3.

10/08/2021

Заклучно со јули 2021 согласно податоците од Бирото за економија и извоз на Германија, над 745.000 сопственици на нови електрични и електрифицирани возила аплицирале за државниот бонус кој им следува веднаш по регистрацијата на возилото.

Со оглед на просечниот број на месечни апликации кој е над 50.000, се очекува до крајот на годината да се достигне бројката од еден милион регистрирани електрифицирани возила кои аплицирале за државни субвенции. Ова е значаен чекор, но сепак, бројот на електрични возила во Германија сè уште е многу мал. Тие учествуваат со помалку од 2% во вкупниот број (над 50 милиони) патнички автомобили кои се регистрирани во Германија.

Оваа вест нè поттикна детално да го анализираме системот на субвенции за електрични автомобили во Германија, а потоа да го споредиме со регулативата која важи во Македонија и иако индиректно, сепак ги субвенционира електричните возила.

Продолжување на субвенциите во Германија до 2025 година

Како дел од Ковид-19 мерките уште минатата година федералните власти на Германија објавија дека ќе ја намалат стапката на ДДВ за електрични и PHEV возила од 19% на 16% (ова важеше само до крајот на годината) и ќе го удвојат државниот дел на субвенциите за електрични возила и плаг-ин хибриди од 3.000 на 6.000 евра. 

Всушност, согласно регулативата во Германија, сите возила кои испуштаат помалку од 50g Co2 по километар се квалификуваат за бонусот. Но, само електричните возила и плаг-ин хибридите го исполнуваат овој услов.

Така, оние кои се заинтересирани за купување на електрично возило, од средината на минатата година, на бонусот од 3.000 евра кој го добиваат од производителот, додаваат уште 6.000 евра од државата. 

Лани во декември беше одлучено да се продолжи со субвенциите до крајот на 2025 година. Но, овој рок ќе важи само за електричните возила, додека за плаг-ин хибридите ќе важат посебни услови: По 2022 ќе бидат субвенцонирани само оние PHEV возила кои имаат над 60km електрична автономија, а по 2025 – оние со над 80km.

Граница поставена на 40.000 евра

Но, субвенциите за електрични возила варираат и во зависност од цената на возилото. Имено, за електричните возила со нето цена до 40.000 евра вкупниот субвенциониран износ изнесува 9.000 евра, а за возила со нето цена над 40.000 евра субенцијата изнесува 7.500 евра.

Во однос на плаг-ин хибридите, кај оние со нето цена до 40.000 евра субвенцијата изнесува 6.750 евра, а за тие над 40.000 евра – 5.625 евра. 

Субвенциите важат и при купување на користени електрични и PHEV возила, но само за оние кои првпат се регистрирани по мај 2016 година и кои имаат помалку од 15.000 изминати километри. За користените возила субвенцијата изнесува 5.000 евра за електричните, односно 3.750 евра за плаг-ин хибридите.

Volkswagen на врвот во Германија

Што се однесува до производителите чии модели добиле субвенции, најзастапени се моделите на Volskwagen, BMW и Mercedes. Во однос на поединечните модели, Renault Zoe е на првата позиција.

Помеѓу производителите Volkswagen ја држи првата позиција, која се очекува и да ја задржи со оглед на испораките на ID моделите која започна кон крајот на минатата година. Овој модел веќе се продава и кај нас. 

Дополнителни даночни олеснувања

Сопствениците на електрифицирани возила во Германија имаат и низа други поволности. Една од нив, која треба да ги мотивира купувачите да се одлучат за електрично возило е 10-годишното ослободување од плаќање на годишниот "данок на пат" (Kfz-Steuer) кој го плаќаат сопствениците на останатите возила.

Како дополнување на ова, кон крајот на минатата година беше воведена и нова програма за финансиска субвенција за секоја инсталација на домашен полнач. Федералната влада субвенционира 900 евра за сопствениците на електрични возила кои ќе инсталираат ваков полнач во својот дом, но само доколку енергијата која ќе се користи за него е од 100% обновливи извори, а капацитетот на полнење е над 11kW.

"Лесните" возила исклучени од субвенционирање

Интересно е дека моделите како Citroën Ami и Renault Twizzy се исклучени од субвенциите поради нивната хомологација како "лесни возила" (четирицикли согласно нашата регулатива). Со оглед на цената на овие возила, доколку беа вклучени во субвенциите, купувачите ќе можеа да ги купат практично бесплатно. Цените на Citroën Ami, на пример во Франција започнуваат од само 6.090 евра!

Но, како е кај нас? 

Подолго време во Македонија електричните и сите типови на хибридни возила беа ослободени од акцизата, чија висина зависеше од вредноста на возилото. Максималната стапка од 18% акциза се пресметуваше за возила со вредност над 30.000 евра и тоа беше клучната разлика, односно поволност во однос на оданочувањето на останатите возила.

Согласно законските измени од крајот на декември 2019 и новиот Закон за моторни возила, комплетно се смени начинот на пресметка на данокот за моторните возила. Сега, данокот на моторни возила се пресметува според вредноста на возилото и според емисијата на Co2.

Овие пресметки се прават согласно Уредба на Владата во која се содржат двете клучни табели.

Најпрво, пресметката според вредноста се прави со помош на табела која всушност ја замени претходната табела според која се пресметуваше акцизата. Новата табела содржи слична, но малку подизменета скала која наметнува данок и до 20% од вредноста на возилото, за возила со вредност од над 50.000 евра.

Од оваа пресметка, согласно Законот повторно комплетно се ослободени електричните возила, но плаг-ин хибридите добија само 50% ослободување. Самополнечките хибриди, пак, се комплетно исклучени од ослободувањето кое важеше и за нив сè до декември 2019.

Оданочувањето врз основа на Co2 емисијата се пресметува според втората табела. Износот се добива со множење на граничните вредности на Co2 на возилото со соодветниот коефициент кој е различен за бензински и дизел мотори. И тука електричните возила се "ослободени" од давачки, со оглед на нивната Co2 емисија која изнесува нула.

Вкупниот износ на давачките за возилата со мотори со внатрешно согорување се добива со собирање на пресметаните износи од двете табели. Така, доколку се земат предвид давачките кои се пресметуваат за возилата со мотори со внатрешно согорување, во одредени случаи, особено кај поскапите автомобили, "субвенционирањето" на електричните може да биде и многу поголемо отколку што е тоа случај во Германија. 

На пример, доколку се споредат две возила со влезна, односно набавна цена од 50.000 евра, едното електрично, а другото со дизел мотор (со 150gr/km Co2), на пример, електричното ќе се оданочи со 10.000 евра помалку според вредноста и дополнителни 500 евра помалку според Co2 емисијата.

Со оглед на тоа дека 18% ДДВ се пресметува и на овие давачки, на разликата од 10.500 евра треба да се додаде и разлика од 1.890 евра ДДВ - износ со кој не се оптоварува цената на електричните возила.

Поентата на анализата е да ја покажеме суштинската разлика во системите на субвенционирање во Германија и кај нас. Таму, заради фиксниот износ на субвенција, државата де факто субвенционира поголем дел од цената на поевтините електрични модели, а кај нас е обратно - поголеми даночни ослободувања се пресметуваат за поскапите возила.

Втората клучна разлика е во начинот на добивањето на субвенцијата. Во Германија, купувачите поднесуваат барање за субвенција до Федералното биро за економски работи и извоз веднаш по регистрацијата на возилото, додека кај нас, Законот за моторни возила ја пренесува "субвенцијата" на продавачот, кој понатаму има можност да ја вкалкулира во продажната цена.

Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1
Slide 1

Најнови содржини

Renault ќе го замени Kadjar со Austral – нов компактен SUV кој ќе има и плаг-ин хибридна изведба
Караван изведбата на Opel Astra ќе атакува на позицијата на Skoda Octavia – бестселерот во сегментот во Европа
Porsche во 2024 ќе ги лансира новите батерии со силициумски аноди и 10 пати поголема енергетска густина
Stellantis ја зголеми автономијата на електричните модели на Opel и Peugeot преку нови пневматици од Continental