Вести
Stellantis ја помина Tesla на првата позиција според продажбата на електрични возила во Европа
Според Таварес, New 500 во вториот квартал беше најдобро продаван електричен модел во Италија и во Германија.
Групацијата Stellantis цели да стане најголем производител на електрични возила во Европа, пред најголемите конкуренти – Volkswagen и Tesla.
“Ние сме безмалку изедначени на првата позиција според продажба на електрични возила во Европа”, изјави Карлос Таварес минатата недела, за време на состанок со инвеститорите на групацијата.
Во првата половина на годинава, групацијата Stellantis остварила продажба од 105,413 комплетно електрични возила во Европа, што е за само десетина илјади помалку од VW Group, групација која продала 116,307 возила. Tesla, со продажба од 78,277 возила се најде на третата позиција.
Оваа статистика ги вклучува продажбите во земјите на ЕУ, дополнети со Велика Британија, Швајцарија, Исланд и Норвешка. Сепак, податоците за продажбата во Португалија, Шведска и Финска не беа достапни.
Интересно, растот на Stellantis во продажбата во овој сегмент е потпомогнат од малиот Fiat New 500, модел кој во вториот квартал беше најдобро продаван модел во Западна Европа. За првпат по цели две години најдобро продаван модел во еден квартал во Европа не беше модел на Tesla.
Според Таварес, New 500 во вториот квартал беше најдобро продаван електричен модел во Италија и во Германија. Уште еден модел кој забележа одлични продажби е Peugeot е-208, кој ја зазеде првата позиција според продажбата во Франција.
Забележливи се послабите резултати на Tesla, но важен е контекстот. Имено, продажбата на американскиот производител беше намалена како резултат на затворањето на фабриката на Tesla во Шангај, каде се произведува Model 3, од каде потоа се увезува во Европа. Истовремено, Tesla го зголемува производството на Model Y во новата фабрика во близина на Берлин.
Како резултат на затворањето на фабриката во Шангај, Tesla забележа најслаби резултати во вториот квартал од годинава.
Но, и покрај тоа, моделите на Tesla се најдоа на првите две позиции според продажбата во Европа во првата половина од годинава. Во првите шест месеци Tesla продаде 39,969 примероци од Model Y, и 38,280 примероци од Model 3.
New 500 ја зазеде третата позиција со 32,315 продадени автомобили, додека е-208 забележа 21,918 примероци.
Најдобро продаван модел на Volkswagen Group беше Skoda Enyaq кој, со продадени 19,951 возила, се најде на петтата позиција.