Стории
Што се тоа e-горива и дали се привремено решение на патот до комплетна електрификација?
Германија и Италија се главни протагонисти помеѓу земјите во ЕУ на идејата за дозволување на продажбата на возила со мотори со внатрешно согорување и по 2035 година, доколку тие користат е-горива.
Пред само неколку дена, претставниците на Германија во ЕУ, неочекувано, се спротиставија на предложената забрана за продажба на возила со мотори со внатрешно согорување во ЕУ по 2035 година, нудејќи ги e-горивата како алтернатива.
Германија објави дека се спротиставува на веќе донесениот закон од страна на ЕУ, барајќи исклучок од правилото за возила кои би користеле таканаречени “e-горива”.
Но, што се тоа e-горива? Тоа се горива како е-керозинот, е-метанот или е-метанолот кои се креираат преку синтетизирање на Co2 емисиите и водородот во процес при кој се користи обновлива или електрична енерија произведена без емитирање на Co2 во околината.
Овие горива ослободуваат Co2 во атмосферата при нивното согорување во моторите на автомобилите. Но, идејата на оние кои ги заговараат е дека тие емисии се еднакви на оние кои се отстранети од атмосферата при процесот на нивно производство, што во основа ги прави Co2 неутрални.
Германија и Италија се главни протагонисти помеѓу земјите во ЕУ на идејата за дозволување на продажбата на возила со мотори со внатрешно согорување и по 2035 година, доколку тие користат е-горива.
Но, овие горива сѐ уште не се произведуваат во значителен обем. Првата ваква фабрика беше отворена во Чиле пред две години, со поддршка од германскиот производител Porsche, а со годишен капацитет од 550 милиони литри.
Планирано е отворање на слична фабрика во Норвешка во 2024 година, но нејзиниот фокус ќе бидат горива наменети за авионската индустрија.
Позитивното кај овие горива е тоа што тие може да се користат и во денешните возила со внатрешно согорување без потребни адаптации, а може да се транспортираат до крајните корисници преку веќе постоечката логистичка мрежа.
Но, дел од политичарите во ЕУ, сепак, сметаат дека ваквите горива треба да се користат во сектори кои тешко може да станат Co2 неутрални, како што се авијацијата и дистрибуцијата, на пример, бидејќи за разлика од патничките автомобили, овие сектори се далеку од реална можност за пренамена на исклучиво електричен погон.