Стории
Строгите Euro 7 стандарди за штетните емисии од автомобилите треба да се усвојат месецов
Според најверојатното сценарио, Euro 7 нормите ќе имаат ефект врз една генерација на модели кои ќе бидат лансирани во 2026 година, но до 2035 година само мал процент од новите автомобили ќе имаат бензински или дизел мотори.
Новите норми, кои неколку пати беа одложувани, ќе ги регулираат горните граници на штетните гасови како што се малите честички и карбон моноксидот.
Се очекува овој месец Европската Комисија да ги усвои нормите именувани како Euro 7.
Регулативата дополнително ќе ги ограничи емисиите на штетни загадувачи од бензинските и дизел мотори на автомобилите и камионите. Оваа норма ќе ја замени тековната Euro 6 регулатива, која е во сила од 2014 година.
Се очекува Euro 7 да биде нормата со која ќе се лимитираат штетните издувни гасови од последната генерација на мотори со внатрешно согорување во Европа, со оглед на фактот дека ЕУ планира во унијата по 2035 година да се продаваат само автомобили со нула емисија на штетни гасови.
Последното одлагање беше од пред неколку дена, кога седницата беше презакажана од 12 октомври за 26 октомври, според известувањето од Европската комисија во вторникот. Претходно беше планирано регулативата да се изгласа уште во јули, датум кој беше најваен откако беше одложен првично планираниот – во април годинава.
По усвојувањето на регулативата од Европската Комисија, уште еден дополнителен процес ќе влијае на конкретната форма на имплементација на ограничувањата. Според неофицијалните информации од Брисел, не се очекува тие ефективно да стапат на сила пред 2025 година – а можеби и година или две подоцна.
Европската Комисија признава дека се направени премногу одложувања, но наведува дека тие се резултат на повеќе фактори, како што се: комплексност за креирање на ограничувања за патнички автомобили, мотоцикли и комерцијални автомобили и камиони во исто време, потоа потребата за земање во предвид приоритетите на сите вклучени страни, па дури и директивата за нула штетни емисии по 2035 година, која привчно не беше антиципирана кога започна процесот со планирање на Euro 7 регулативата.
За дел од автомобилските производители, овие одложувања го наметнуваат прашањето дали воопшто регулативата е потребна, со оглед на тоа што ќе биде скапа и ќе одземе многу време на инженерите во автомобилските компании за да ја имплементираат.
Истовремено автомобилските производители секако брзаат да ја електрифицираат својата гама и пред рокот од 2035 година.
“Не сме премногу убедени во бенефитите на Euro 7”, вели Пол Грининг, директор за штетни емисии и горива во ACEA, задружение на автомобилските производители од Европа.
Според најверојатното сценарио, Euro 7 нормите ќе имаат ефект врз една генерација на модели кои ќе бидат лансирани во 2026 година, но до 2035 година само мал процент од новите автомобили ќе имаат бензински или дизел мотори.
“Бидејќи секако автомобилските производители планираат да преминат на електрични автомобили до 2030 година, голема инвестиција во Euro 7 нема некоја логика”, додава Грининг.
Но, од Европската Комисија додаваат дека Euro 7 не ги регулира само патничките возила. Нормата ќе ги вклучи и камионите, кои е малку веројатно да се електрифицираат до 2035 година. Освен тоа, нормата ги лимитира и штетните емисии на автомобилите кои не се поврзани со погонот, како што се прашина која се испушта во воздухот од сопирачките и од пневматиците на автомобилите.