Вести
Таварес: Електричните автомобили се реалност, ЕУ мора да помогне да бидат подостапни
Последното издание на автомобилскиот саем во Франкфурт беше искористено и од страна на Европската асоцијација на автомобилски производители (ACEA), која преку актуелниот претседател Карлос Таварес испрати порака до раководните структури на европските земји во однос на иднината на мобилноста.
„Auto Focus“ го следеше излагањето на првиот човек на PSA Group, кој во името на производителите го потенцира фактот дека развојот на инфраструктурата не го следи темпото на електрифицирани премиери.
Во периодот кога електричните автомобили се веќе реалност и производителите ги имаат се почесто во своите продажни салони, Таварес и неговите соработници сметаат дека државите треба да направат многу повеќе конкретни чекори во однос на развивање на инфраструктурата и субвенциите кои би се добивале за купување електрифицирани и посебно електрични автомобили.
– Ние веќе понудивме автомобили со алтернативен погон и тоа може да се провери во продажните салони. Но, земјите од Европската Унија мора сериозно да се адаптираат на брзината со која лансираме вакви автомобили и сериозно да ги зголемат инвестициите во инфраструктурата. Производителите сакаат да соработуваат и да помогнат во овој процес, но политичарите мора да разберат дека слободата на мобилноста е една од најважните вредности на демократското општество. Автомобилите кои овозможуваат нулта емисија доаѓаат, но сега треба да ги направиме достапни за купувачите, – истакна Таварес пред новинарите.
ACEA изработи и студија за ситуацијата во однос на станиците за полнење, па бројките велат дека во моментов има 145.000 полначи на територијата на ЕУ, но проблемот е што проценките велат дека до 2030 година ќе бидат потребни 2,8 милиони вакви локации. Сериозен проблем е и фактот што најголем дел од полначите се реалност во неколку земји, додека останатите заостануваат премногу во овој сегмент.