Slide

Тестови

Тест: Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB – Коктел од уникатни емоции

Slide

08/03/2021

Компакт класата традиционално е поделена на неколку категории, при што како по правило, најмногу прашина подигнуваат оние модели кои се подготвени да понудат подинамично и позабавно возење, па дури и ако мора да жртвуваат мал дел од комфорот и практичноста.

Alfa Romeo во моментов има токму ваков претставник, познат како Giulietta, модел кој веќе подолг период е во понудата на италијанскиот бренд и кој и натаму останува традиционално нетрадиционален, а годините не му пречат да биде освежување за очи, кога и да го забележите на улица.

Уште ако е во комбинација со црвената боја која е заштитен знак на брендот и во која беше и примерокот кој ние го имавме на тест, тогаш Giulietta е искусна заводничка која гордо ги впива погледите на љубоморните сопернички.

Дизајнерскиот дел на Alfa Romeo и во случајот со Giulietta заслужува висока оценка, маската, браникот и формата на светлата ја истакнуваат инспирацијата која ја имале Италијанците во овој сегмент, а динамичниот карактер е заокружен со специфичната силуета со поспуштен кров и рачки за задните врати кои се интегрирани на Ц столбот.

Сосема јасно е дека во меѓувреме во истата класа се појавија нови генерации на ривалите, кои добија поголема доза дигитализација, но од овој аспект Giulietta добро балансира со својата функционалност, достапни команди и запазување на одредени стилски решенија кои и даваат уникатен карактер на кокпитот на оваа Alfa.

Она што веднаш се забележува е присуството на централен екран, но и класични команди кои се практични за контрола на клима-уредот, како и незаменливиот DNA селектор, кој има посебна улога и во однос на возните карактеристики.

Фановите на поспортските автомобили ќе бидат задоволни и од топчестата форма на рачката од менувачот, која прилега за еден ваков концепт, по кој е создавана Giulietta.

Откако ќе се адаптирате на специфичната средина и пониското седење, едноставното навикнување на кокпитот налага запознавање со погонската единица, а во конкретниот случај тоа значи соочување со 1.4-литарски турбо-бензинец со 120 коњски сили и шест-степена мануелна трансмисија.

Автомобилските ентузијасти ќе му се израдуваат на „саундтракот“ кој го обезбедува оваа Giulietta турбо-бензина, а на располагање ја имаат и D опцијата на DNA селекторот, при што добиваат режим на возење во кој сетингот на автомобилот е наострен за подинамични моменти.

Трендот наречен „даунсајзинг“ стана актуелен и во оваа класа, но Giulietta е имуна на таа промена, па тоа има позитивен ефект на перформансите на моторот со четири цилиндри, кој покрај соодветните 120 кс, може да се пофали и со вртежен момент од 215 Nm, достапни на 2.500 вртежи во минута.

Перформансите не се за потценување, бидејќи Giulietta стигнува до 100 км/ч за 9,4 секунди, додека максималната брзина на 1,3 тони тешкиот автомобил изнесува 195 км/ч.

Поспортскиот карактер логично е поврзан и со потврда суспензија, но не и со претерани реперкусии по комфорот на патниците во кабината, кои во меѓувреме на располагање имаат багажник со капацитет од 350 литри.

Кога сме кај бројките, Alfa Romeo најавува просечна потрошувачка од 6,9 литри на 100 километри, а во реалноста таа може да се одржува со литар-два повеќе, иако и тоа зависи од стилот и начинот на возење и времето кое ќе ви биде потребно за адаптација на погонската единица.

Примерокот кој го имавме на тест во промотивниот период чини 16.507 евра, а со истата промоција почетната цена на Alfa Romeo Giulietta изнесува 15.400 евра.

Цената е уште еден привлечен елемент кога се работи за актуелната понуда на овој автомобил, бидејќи за неа се добива се што е најпотребно во однос на опременоста, како и проверена и добро избалансирана погонска единица, која одговара соодветно на секоја работна задача.

Луцидната Giulietta e дефиниција за автомобилски коктел од уникатни емоции, чии консументи никогаш нема да го заборават задоволството и повеќеслојноста на искуството зад волан.

Динамичноста и практичноста можат да се менуваат во вид на приоритет, а потписот на Alfa Romeo и актуелната понуда за моделот се доволна гаранција дека Giulietta ќе ги исполни амбициите на возачот, додека истовремено се наметнува како уникатен избор во урбаната џунгла.

Повеќе содржини за Alfa Romeo:

Slide
Slide

Најнови содржини

Продажбата на електрични изведби во сегментот на мали SUV возила стагнира поради намалените субвенции во дел од европските држави
Според Лука де Мео, строгата Еуро 7 норма ќе ја врати автоиндустријата назад кон инвестиции во мотори кои немаат иднина
Автомобилските производители продолжуваат со пренамена на своите фабрики во Обединетото Кралство и покрај промените во регулативата
Во првите 8 месеци од годината, VW Group и Tesla ја предводат електрификацијата во Европа