Slider

Тестови

Тест: Citroën C3 Aircross 1.5 BlueHDi – Авангарден концепт кој не застарува

Slider

Историјата на Citroën е богата со многу вредности и иновативни решенија, но она што исто така не смее да се заборави е решителноста постојано да се биде авангарда, да се понуди нешто поразлично и да се издвојува од понудата од конкуренцијата

12/08/2020

Нашата прва средба со Citroën C3 Aircross, уште на крајот на 2017 година, јасно ни навести дека Французите добиваат важен модел, кој достоинствено ќе го наследи неговиот моноволуменски претходник C3 Picasso, пренесувајќи ги најважните квалитети на територијата на модерни кросовери.

Импресиите по втората средба се дека C3 Aircross го положи испитот на времето, во меѓувреме стана втор најпродаван модел на брендот, еден од најбараните автомобили во својата класа и што е најважно, неговиот дизајн останува свеж, па рутински ќе „извози“ до првиот фејслифт.

Full screenExit full screen

Slider

По добрите оценки кои ги заработи конфигурацијата со бензински мотор и автоматска трансмисија, на ред дојде дизел изведбата со 100 коњски сили и шест-степен мануелен менувач, повторно во највисокото ниво на опременост Shine.

Историјата на Citroën е богата со многу вредности и иновативни решенија, но она што исто така не смее да се заборави е решителноста постојано да се биде авангарда, да се понуди нешто поразлично и да се издвојува од понудата од конкуренцијата.

Таков е и концептот на C3 Aircross, кој својот уникатен пристап го комбинира со персонализација на бои и елементи на екстериерот и ентериерот, кои, лично се уверивме, го привлекуваат вниманието и на останатите возачи.

Во конкретниот случај, деталите во црвено-портокаловата боја одлично се вклопуваат во робустната силуета на кросоверот, вклучувајќи ги кровните носачи, а во сличен стил е и дизајнот на внатрешноста, кој се грижи за многу потопол амбиент.

Возачот може да очекува одличен комфор на седиштето во комбинација со посакувана видливост и прегледност, а брзата адаптација е овозможена поради едноставната конфигурација на сите потребни команди.

Инструмент таблата го комбинира аналогното со дигиталното, додека централната конзола е ослободена од класични команди, при што данокот за вака чист пристап се плаќа со потребата од навикнување за контрола на клима-уредот преку централниот екран. Оваа функција барем на почетокот одзема дел од вниманието на возачот, но тоа е фаза која идните купувачи ќе ја надминат брзо.

Изработката и употребените материјали во целата кабина остава позитивен впечаток кај сите патници, а она што е специјалитет на C3 Aircross е модуларноста и можноста за различна конфигурација на задната клупа, како и капацитетот на багажникот кој започнува со основни 410 литри.

Ова се дел од веќе споменатите квалитети кои Citroën успеа да ги конвертира од моноволуменска во кросоверска изведба, вклучувајќи го и просторот кој им е обезбеден на патниците на задната клупа.

Full screenExit full screen

Slider

Конкретниот примерок на C3 Aircross со 1.5-литарски BlueHDi дизел мотор може да се пофали со економичноста, бидејќи во зависност од процентот на извозени километри во градски услови, потрошувачката за малку надминува 5 или 6 литри на 100 километри.

Притоа шест-степениот мануелен менувач бара интензивна соработка со возачот, а прецизноста на менувачот ја олеснува хармонијата меѓу двете страни, што на крајот резултира со подобри бројки на патниот компјутер.

Овој Citroën нѐ импресионираше и со прецизноста на управувачот и пред се со комфорот, бидејќи C3 Aircross со 16-инчни тркала од нас добива високи оценки за начинот на кој се справува со нерамнини и вдлабнатини на подлогата.

Комфорот е посебна опсесија на францускиот бренд и второто дружење со овој кросовер нѐ потсети дека е на врвот во класата со начинот на кој ги амортизира проблематичните делови на улиците, кои за жал се секојдневие во нашата земја.

4,15 метри долгиот автомобил располага со клиренс од 17,5 сантиметри, а тоа е доволно за C3 Aircross да може да се соочи и со одреден број предизвици надвор од асфалтот, барем за оние кои не бараат посериозна оф-роуд конфигурација.

Системот Grip Control доаѓа во комбинација со Hill Descent асистенцијата, што преведено значи можност за избор на режим на возење според карактеристиките на подлогата и приспособување на тракцијата на предните тркала, како и безбедно совладување на надолнини со поголем агол, при што C3 Aircross сам ја одржува ограничената брзина, а возачот е задолжен само за управувањето.

Основната цена на C3 Aircross е 13.990 евра, додека конкретниот примерок со дизел мотор со 100 кс кој го имавме на тест чини 19.530 евра. Но, таа цена е логична со оглед на највисокото ниво на опременост Shine и уште неколку додатоци од дополнителната опрема, кои се потврда дека овој Citroën има неограничен простор за надградување и персонализација.

Истовремено, македонскиот импортер „Автонова“ има одлична понуда за бензинецот со 82 коњски сили и второ ниво на опременост Feel, кое може да се добие по цена од 14.490 евра и со кое се добива и дополнителна опрема во рамките на промотивниот период.

Во понудата е и помоќен дизел кој сигурно обезбедува многу подобри перформанси од тој со кој ние располагавме, но ние можеме да препорачаме да се размислува повеќе на бензинските изведби, па и таа со 110 коњски сили кои се идеални за овој автомобил.

Со продажните бројки кои ги обезбеди за кратко време, Citroën C3 Aircross заслужено се избори за одлична позиција во класата каде има голема конкуренција.

Декодирањето на автомобилот покажува јасни насоки за тоа како францускиот производител испорача успешен нов член на својата гама.

Full screenExit full screen

Slider

Покрај трендовскиот, а сепак оригинален дизајн, C3 Aircross доаѓа добро опремен, со повеќе од конкурентна цена, економични мотори и воодушевува со комфорот и просторот кој е достапен за возачот и останатите патници.

Ако на тоа се додадат и робустноста и заштитните елементи на подвозјето и технологијата за асистенција при напуштање на асфалтот, овој Citroën e мулти-функционален автомобил кој најдобро ја премостува транзицијата меѓу моноволумен и мини SUV.

Вообичаено, купувачите во оваа класа бараат нешто поразлично, уникатно и достапно со максимална персонализација, а тоа е дел од генетиката на C3 Aircross.

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider