Тестови
Тест: Citroën C4 BlueHDi 130 – Комфор зона за кросовер фановите
Иновативност, храброст, а понекогаш и екстравагантност. Оваа комбинација е заштитен знак на францускиот бренд Citroën, кој во ист стил продолжи да го ситни и вториот век од своето постоење, додавајќи го неизбежниот бран на електрификација во својата понуда.
Вистински сублимат за досега наведеното е новиот Citroën C4, кој беше гостин во редакцијата на AutoFocus и имавме можност одблизу да се увериме во трансформацијата на хечбекот, кој сега повеќе е трендовски кросовер. За похрабрите и најпрогресивните, во иднина ќе биде достапна и електричната изведба на овој модел.
Појавата на C4 не може да ве остави рамнодушни, храбриот дизајн на предниот и задниот дел и модерната кросовер-куп силуета се вистинско освежување во класата, а заедно со останатите иновативни карактеристики, овој модел потсетува на реакциите кои своевремено ги предизвика легендарниот GS.
Не само што не заборавил на комфорот како важен квалитет, туку Citroën постојано ја надградува Advanced Comfort програмата, па првото седнување зад волан и првите километри во C4, откриваат што е сработено и на што е посветено сериозно внимание.
Меките седишта со дополнителен слој пена и нивната текстура оставаат позитивен визуелен впечаток, а потоа го оправдуваат своето значење и за време на возењето. Покрај фактот што C4 користи голем централен екран, возачот го задржува правото на поедноставно користење на клима-уредот и уште неколку други команди на класичен „ротирачки“ начин.
Специфичниот волан чија форма е најблиску до елипса, влијае врз целата ергономија, а возачот на располагање има доволно простор за предмети, како и комбинација на USB влезови (B и C).
Примерокот кој го имавме на тест беше со највисокото ниво на опременост, па на располагање имавме и хед-ап проекција, чие позитивно влијание посебно се чувствува при ноќно возење, кога возачот мора да ја штеди потрошувачката на концентрација.
Седењето напред е импресивно во широчина и височина, позицијата е меѓу класичен хечбек и SUV модел, а на задната клупа има солиден простор и посебно важно, атрактивната силуета не значи и данок во помалку простор за главите на патниците.
Кога веќе ја споменавме силуетата и елементите кои го прават новиот Citroën C4 атрактивен, спојлерот на задниот дел е неизбежен дел при погледот во внатрешниот ретровизор, но прегледноста се засилува со сензорите и камерата кои неутрализираат опасност при паркирање.
Ако се земат предвид претходниците, новитетот на францускиот бренд сериозно напредувал и во однос на користените материјали во ентериерот и впечатокот кој го оставаат површините кои се најдостапни на допир, но и визуелниот ефект кој е важен и за романтичната љубов на прв поглед.
Освежувачки делува и основата за поставување таблет пред совозачкото седиште, при што совозачот може да го прицврсти уредот без разлика на големината и да ужива во своите мулти-медиски содржини или интернет пребарување.
Во секој примерок е вметната 5-инчна дигитална инструмент табла и 10-инчен централен екран осетлив на допир, па функциите и информациите се испорачуваат преку напредната дигитализација, а овој модел добива и специфична команда за автоматската трансмисија, која дизајнерски делува елегантно, но бара и трпение при почетната адаптација од страна на возачот.
Капацитетот на багажникот од 380 литри доаѓа со функционална форма, а C4 може да се пофали и со сериозна модуларност и практичност во однос на трансформацијата на задната клупа при потреба за повеќе карго простор.
Го возевме Citroën C4 со 1.5-литарски дизел мотор со 130 коњски сили, комбиниран со 8-степена автоматска трансмисија и тоа беше уште една причина да го истакнеме двојното задоволство од оваа погонска единица.
BlueHDi технологијата овозможува сериозна економичност, посебно на отворен пат, додека во градски услови, 436 сантиметри долгиот C4 бара вообичаена адаптација, по која може да се очекува безболно отстапување од најавената потрошувачка од нешто повеќе од 4 литри на 100 километри.
Вртежниот момент од 300 Nm, достапен веќе на 1.750 вртежи во минута, ја обезбедува посакуваната потентност во ситуации кога на возачот му е потребна поенергична реакција, а автоматската трансмисија одлично ја врши својата задача, супериорно балансирајќи со сите параметри за кои е задолжена.
Хидрауличните перничиња се дел од успешната приказна за изразен комфор и кај новиот C4, а соочувањето со специфичните скопски „успорувачи“ наведуваат на заклучок дека нивната ревизија овозможила многу помирно совладување на непријатните препреки и постабилно држење на автомобилот при нивната неутрализација.
Погонската единица со која располагавме, ценовно е највисоко поставена во понудата на новиот Citroën C4, а тоа посебно се подразбира кога во игра е и највисокото ниво на опременост Shine.
Тестниот примерок чини 26.140 евра, но таа цена подразбира навистина се што би посакале од опрема и тука нема причина за некаква посебна надградба и дополнителни инвестиции.
Она што е посебно позитивно и треба да се истакне е што почетната цена на C4 е 15.990 евра, при што истата подразбира бензински мотор со 102 коњски сили и 6-степена мануелна трансмисија, како и солидна опременост.
Во оваа сериска опрема се автономното сопирање, системот за предупредување за напуштање на лента, помош при тргнување во нагорнина, 10-инчен централен екран, 5-инчна дигитална инструмент табла, клима-уред и уште голем број ставки кои комплетираат солидно подготвен автомобил.
Меѓу почетното и највисоко поставеното Shine ниво на опременост има уште две, па ако се напомене дека може да се бира меѓу бензинските мотори со 102, 131 и 155 кс, односно дизел изведбите со 110 и 130 кс, јасно е дека има многу варијации и секој купувач може да ја избере посакуваната конфигурација.
Citroën C4 се најде и меѓу седумте финалисти за изборот „Европски автомобил на годината“, што е сериозна потврда за неговиот капацитет од меѓународното новинарско жири, а ние ќе додадеме дека има потенцијал да биде „best buy“ опција за македонските купувачи, кои сакаат добро опремен кросовер по достапна цена.
Дизајнот и погонската единица се бонус, а новиот C4 има толку уникатен карактер што тешко може да го игнорирате неговото друштво. Не само поради удобноста и одлично калибрираната суспензија, туку и поради пријатното чувство и сериозното задоволство зад волан, овој Citroën ќе биде доживуван како комфор-зона за сите фанови на кросоверите.
А, нив ги има сѐ повеќе.
Повеќе содржини за Citroën: