Slider

Тестови

Тест: Fiat 500 Rockstar – Достапна привилегија со уникатен карактер

Slider

Fiat 500 не можете да го споредувате ниту со конкуренцијата, бидејќи тој е автентичен и нема класични ривали

09/07/2020

Автомобилите можат да бидат мали или големи, подостапни или ултра скапи, но припадноста во било која категорија не ги прави „бесмртни“ и класични икони на автомобилската индустрија.

За таков потфат се потребни неколку основни квалитетни продукти и задолжителните тајни зачини, а вистински пример е едно ремек-дело на италијанската кујна.

Да, се работи за Fiat 500, современиот наследник на истоимениот модел кој дебитираше пред повеќе од 63 години, а кој децении подоцна им беше инспирација на дизајнерите и инженерите, со начинот на кој своевремено предизвикал револуција на четири тркала.

Модерната верзија на Fiat 500 која ја доби наставката Nuova, пристигна на сцената со големи амбиции, а тие се остварени благодарение на идеално избраните димензии, беспрекорниот погон на предни тркала и безвременскиот дизајн потпишан од име како Френк Стивенсон.

Изминатиов период имавме можност да се дружиме со Fiat 500 Rockstar, една навистина интересна изведба која ги истакнува хедонистичкиот концепт на автомобилот и добива персонализација која им се обраќа на возачите кои сакаат спортски детали.

Еволуцијата на освежување на моделот носи примамлива комбинација на трендовите и ретро дизајнот, па иако Fiat 500 Rockstar е долг 3,57 метри, не дозволува да остане незабележан, притоа потенцирајќи ги своите привлечни форми на екстериерот и специјалните Rockstar квалитети, меѓу кои се 16-инчните атрактивни тркала, спојлерот и хромираниот издув.

Седнувањето на возачкото седиште открива уште еден важен предуслов за реализација на оваа успешна приказна која трае речиси 15 години, а тоа е начинот на кој Fiat му овозможува на возачот да му се препушти на уживањето зад волан.

Full screenExit full screen

Slider

Спортскиот волан на Fiat 500 Rockstar e добра основа за почеток на запознавањето, а функционалноста на класичниот израз е потврдена со лесната адаптација на мануелниот клима-уред, препознатливата „City“ опција за полесно маневрирање со воланот, како и повисоко поставениот менувач.

Дигитализацијата е присутна онаму каде што е најпотребна, односно на инструмент таблата каде се добива екран за следење на најважните информации и уште еден 7-инчен екран, овој пат осетлив на допир и наменет за големиот број функции на автомобилот, поврзувањето, навигацијата и менито на Uconnect системот.

Достапната навигација и поврзувањето преку Bluetooth, односно Apple CarPlay/Android Auto го олеснуваат движењето и комуникацијата, а за подобар амбиент е предвиден и фиксниот стаклен кров на кој е додадена и ролетна за подобра заштита од сонцето.

Она што е заедничко за кокпитот и опкружувањето на возачот е дека за неколку секунди се чувствувате како на позната територија и не постојат натрупани команди и копчиња кои ќе ви украдат од времето за активно учество во сообраќајот.

Возачот и совозачот имаат доволно простор, седењето на задната клупа подразбира ограничени ресурси, но тоа не е изненадување за урбаниот шармер, бидејќи тој има поинакви приоритети и остава простор за останатите модели на Fiat да се истакнат во однос на семејните вредности.

Во таа насока одат и перформансите, откако забрзувањето до стотка со оваа погонска единица трае 12,9 секунди, а максималната брзина е 163 км/ч, сосема нормални бројки за она со што располагате под поклопецот. Fiat 500 може да биде и екстремен спортист, но тогаш навлегувате на територијата на „скорпијата“ позната како Abarth.

Full screenExit full screen

Slider

Нашиот примерок на Fiat 500 Rockstar дојде со докажаниот и ревидиран 1.2-литарски мотор со 69 коњски сили, чија конфигурација е со четири цилиндри и добро соработува со прецизниот пет-степен мануелен менувач.

За да се добие посакуваната економичност, треба и повеќе работа со менувачот, но тоа е дел од задоволството за поблиска комуникација и соработка со вашиот Fiat 500.

Управливоста гарантира лесно снаоѓање низ градските гужви, за паркирањето во полза на возачот одат и димензиите и добрата видливост, а ако сакате може да добиете и асистенција од сензори кои би неутрализирале незабележан објект во ретки ситуации.

Не само што Fiat 500 Rockstar го олеснува секојдневното пробивање низ метежот, туку со својата управливост и потврда суспензија, нѐ убеди дека има посебен апетит за стабилно освојување на свијоци и при поголеми брзини.

Иднината на автомобилите е веќе јасна, а таа на Fiat 500 е поврзана со електричниот погон. Но, додека трансформацијата го изоди долгиот пат, малиот италијански заводник останува достапен со бензински мотори, па и во хибридна изведба каде користи 12V технологија за многу поголема економичност и подобри перформанси.

Првото поглавје на Fiat 500 е запаметено поради фактот што ги направи автомобилите достапни секому, третото допрва ќе пишува историја, а меѓу нив се наоѓа актуелниот Fiat 500, со сите негови големи дострели и семејство од речиси 3 милиони купувачи.

Ова е еден од ретките автомобили на денешницата за кој знаете дека мора да го имате уште кога ќе го видите. Најтешката задача за купувачот е само да ја избере изведбата и да го персонализира својот примерок, а сѐ потоа е чисто уживање.

Примерокот кој го имавме на тест чини 14.140 евра, додека почетната цена на Fiat 500 Rockstar е 12.800 евра. Македонскиот импортер „Аутомобиле СК“ им овозможува на своите купувачи и специјална понуда од примероци на лагер, кои може да се пронајдат на следниот ЛИНК.

Full screenExit full screen

Slider

Fiat 500 не можете да го споредувате ниту со конкуренцијата, бидејќи тој е автентичен и нема класични ривали. Ако веќе посакувате уникатен примерок и сакате да почувствувате дел од „долче вита“ ефектот зад волан со спортска костимографија, тогаш можеме да го препорачаме Fiat 500 Rockstar.

Купувањето мал градски автомобил е привилегија за возачите кои можат себично да ги реализираат своите октански соништа. Не само што Fiat 500 Rockstar има карактер да ги реализира, туку истиот е и тесно поврзан со нескротливиот дух и долгата традиција на овој модел, кој на својата продажна мапа стигна подалеку и од римското царство.

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider