Slide

Тестови

Тест: Fiat 500X Urban – Кросовер ѕвезда во емотивна форма

Slide

22/12/2020

Ултра популаризацијата на SUV моделите и кросоверите ги активираше сите производители во овие сегменти, но ја наметна и логичната дилема за начинот на кој ќе се обезбеди автентичност и препознатлив имиџ.

На терен каде димензиите не можат премногу да отстапуваат, а моделите често делат и иста платформа и слични цени, сериозен дел од задачата им припадна на дизајнерите и нивната имагинација.

Fiat традиционално успева да испорача дизајн, кој во очите на купувачите продуцира автомобил-трендсетер, автомобил со специфичен шарм, а тоа се случи и пред неколку години, кога беше претставен моделот 500X.

Проширувањето на 500 семејството дојде во вистински момент кога кросоверите го започнаа продажниот бум, па и не е изненадување што Fiat 500X и денеска е еден од најпродаваните автомобили во својата класа.

Заоблените форми на светлата и во ентериерот го истакнуваат миксот меѓу модерното и ретро вредностите, а освежувањето на екстериерот и во кабината го прави 500X рамноправен во однос на најголем дел од достапната понуда во повеќе сегменти.

Fiat и натаму ги нуди Urban, City Cross и Cross варијациите со бензински и дизел мотори, а во меѓувреме отпадна верзијата со погон на четири тркала, која овој модел му ја препушти на својот роднина Jeep Renegade.

Ние ја тестиравме Urban изведбата и тоа со 1.6-литарски дизел мотор, чии предиспозиции се поврзани со улогата на градски мангуп, кој ќе може да се пофали со завидна економичност.

Но, она што првично воодушевува кај Fiat 500X е изгледот. Не само што не може да се критикуваат заедничките квалитети со легендарниот 500, туку италијанскиот бренд успешно ја истакнал есенцијата на својот дизајн и во помускулест автомобил.

Fiat 500X е долг 4.264 милиметри, што значи дека е еден од најголемите претставници во бројната конкуренција, обезбедувајќи солиден простор на задната клупа, како и багажник со капацитет од 350 литри, со кој е во групата на модели со солиден, но не и најголем багажник во класата.

Она за што може да биде посебно горд 500X, e начинот на кој е ускладен изгледот на кокпитот со надворешниот дизајн, вклучувајќи ја инспиративната сина „Blue Italia“ боја, која ја краси целата хоризонтална маска пред возачот и совозачот.

Возачот има удобна позиција и физички команди на кои лесно се адаптиравме, бидејќи се добро позиционирани, додека 7-инчниот екран е со препознатлива Fiat форма и мени, на кое лесно може да стигнете до посакуваната функција.

Најмалиот круг на вртење од 10,8 метри е за пофалба, но треба да се внимава на форматот на А столбот, бидејќи возачот треба да се навикне на моментите во кои има помала видливост кон левата страна.

Она што целосно се вклопува во концептот за модерен, трендсетерски кросовер е поткованоста на 500X во однос на конективноста, каде е овозможено поврзувањето со Apple CarPlay и Android Auto, a Uconnect инфо-забавниот систем се грижи за брзо процесирање на сите функции кои се на располагање на 7-инчниот екран осетлив на допир.

Кабината добила подобра изолација, иако дизел моторот традиционално знае да искористи шанса за во одредени ситуации да потсети на своето присуство со звук или вибрации, а тоа најчесто се случува кога се обидувате да ги адаптирате степените на пренос на неговите приоритети.

Под поклопецот на Fiat 500X Urban, го добивме 1.6-литарскиот Multijet дизел мотор, кој со последната надградба ги исполнува последните построги еколошките норми и доаѓа со подобрени перформанси.

Овој агрегат гарантира 120 коњски сили и вртежен момент од 320 Nm достапен на 1.750 вртежи во минута, а забрзувањето до 100 км/ч трае 10,7 секунди.

Во реалноста тоа значи дека Fiat 500X е секогаш расположен да го искористи големиот вртежен момент за да испорача посакуван ефект при забрзувањето, но изборот на дизел мотор претпоставува претензии за поекономично возење, па според тоа и прва задача на возачот е да стекне посакувана рутина на релација педали-трансмисија и да извлече максимум од моторот.

Најавената комбинирана потрошувачка на Fiat 500X Urban со 1.6-литарскиот агрегат е 4,7 литри, а во град може да очекувате одржување на просекот со неколку литри повеќе.

Италијанскиот кросовер носи лесно управување со ограничен фидбек од подлогата, а суспензијата добро балансира со комфорот и посакуваните возни својства, кои се вообичаени за кросовер со оваа големина и тежина од 1,3 тони.

Сериската опрема на автомобилот претставува еден добро осмислен пакет, во кој целната група на моделот, а тоа се помладите возачи, добиваат се што е потребно за безбедно и комфорно управување.

На списокот се клима-уред, темпомат, систем за помош при тргнување во нагорнина, систем за предупредување на ненајавено напуштање на лента, 7-инчен екран кој ги поддржува сите видови поврзувања, додека електричната паркирна сопирачка се грижи за почист изглед на централната конзола.

Почетната цена на Fiat 500X Urban со 1.6-литарскиот Multijet е 18.500 евра, но оние кои преферираат бензинска изведба нема да погрешат ако се одлучат за комбинацијата со 1.0-литарски мотор со 120 коњски сили, кој може да се добие за 16.890 евра.

Покрај овие две опции, во понудата на македонскиот импортер „Аутомобиле СК“ се и почетната дизел опција со 95 коњски сили, како и бензинецот со 150 коњски сили, кој доаѓа со трансмисија со двојна спојка.

Резимирањето на профилот на Fiat 500X наведува на заклучок дека се работи за стилски дизајниран и модерно конципиран кросовер, кој привлекува на прв поглед, што е и добро објаснување за големиот интерес во Европа за него и задоволството на производителот од неговото присуство во гамата.

Претставителен и забавен низ град, 500X се грижи за пријатни моменти на возачката позиција, а надвор од урбаните средини може да се искористи и вистинскиот потенцијал на штедливиот дизел мотор.

Афинитетот на кросоверите да остават впечаток на поголем SUV најчесто се претставени преку робустноста, но гледајќи го однапред и одстрана, сфаќате дека Fiat решил да го преточи овој елемент кај 500X во емотивни форми и мангупска силуета.

Повеќе содржини за Fiat:

Slide
Slide

Најнови содржини

Продажбата на електрични изведби во сегментот на мали SUV возила стагнира поради намалените субвенции во дел од европските држави
Според Лука де Мео, строгата Еуро 7 норма ќе ја врати автоиндустријата назад кон инвестиции во мотори кои немаат иднина
Автомобилските производители продолжуваат со пренамена на своите фабрики во Обединетото Кралство и покрај промените во регулативата
Во првите 8 месеци од годината, VW Group и Tesla ја предводат електрификацијата во Европа