Slider

Тестови

Тест: Ford EcoSport 1.5 EcoBlue AWD – Европска трансформација која го истакна големиот потенцијал

Slider

Европеизацијата на глобалниот претставник EcoSport тргна во вистинска насока, па Ford веќе има кросовер кој постигнува солидни бројки во жестоката битка на кросовери на европските пазари

06/11/2019

Пазарниот удел кој го освоија претставниците на SUV сегментот во Европа, покажува дека купувачите уште долго ќе имаат сериозно голем апетит за овој тип автомобили, без разлика дали се класични SUV модели со оф-роуд карактеристики или урбани кросовери кои преферираат асфалт.

На производителите им е доделена задачата да конципираат портфолио со кое ќе ги погодат вкусовите, а дел од нив за краток период изградија респектабилна SUV понуда која опфаќа повеќе ценовни категории.

Еден од брендовите кои го почувствува позитивниот ефект од засилувањето на SUV флотата е Ford, бројките донесоа охрабрување за дополнително проширување на семејството, а во меѓувреме додека се заокружи процесот, главни играчи се EcoSport и Kuga.

Помалиот во овој тандем има поголем стаж во авто-индустријата, но во Европа пристигна подоцна, па и малку посрамежливо од Kuga. Ford EcoSport се пробиваше преку зејми како Бразил и Индија и на повеќе континенти, а во своето најново и најевропеизирано издание, успеа да ги приближи своите вредности до реалните очекувања на европските купувачи.

Историјатот на ЕcoSport е интересен за анализирање, но она што најмногу треба да ги интересира нашите читатели е неговата актуелна „ера“, односно периодот откако производството се пресели во фабриката во романска Крајова, потег кој направи целосен пресврт во филозофијата на Ford и третманот кој го доби малиот SUV.

Full screenExit full screen

Slider

Анализирајќи ги приоритетите и импресиите на членовите на целната група и користејќи го богатото искуство со модел како Fiesta, Ford испорача освежување за EcoSport, кое со право донесе и промена во перцепцијата за овој автомобил, за кој мора да се потенцира дека е еден од ретките во класата со достапен погон на четири тркала.

Во однос на впечатоците од изгледот, робустноста е задржана, коцкестата форма му дава „поџиповски“ изглед, а свежиот дизајн на трапезоидната маска и светлата прават EcoSport да плива елегантно во морето исполнето со голем број претставници на овој сегмент.

Каков е ефектот? Само во првите девет месеци годинава EcoSport e испорачан во над 95.000 примероци во земјите од ЕУ и е четврти најпродаван модел во својата класа која брои многу членови.

Надворешниот изглед е еден од сегментите во кој EcoSport сериозно се разликува од конкуренцијата, а купувачите нема да бидат разочарани и од она што ќе го најдат кога ќе се позиционираат на возачкото седиште. Тука Ford покажува дел од својот конзервативен карактер, ако имате искуство со некој од другите модели на овој бренд, опкружувањето ќе ви биде познато, а тоа истовремено значи и побрза адаптација и доволно трендовска доза по примерот на Fiesta.

Новиот EcoSport напредувал од секој аспект, не само поради модерниот 8-инчен екран осетлив на допир, туку и поради разретчениот број команди и нивната ергономична поставеност, активирањето на моторот на копче, лесното снаоѓање со клима-уредот и можноста за едноставно поврзување на телефонот.

Повисоката позиција на возачот му овозможува солидна прегледност иако сензорите се добредојдени, а од аспект на оној кој седи зад волан, можеме да забележиме само на формата на седиштата кои би можеле да овозможат подобро држење на телото при освојувањето на свијоци.

Она што дефинитивно е специфично кај EcoSport е петтата врата чие отворање не е вообичаено нагоре, туку странично. Тоа значи дека се отвора навистина функционален простор за практично пополнување на багажниот простор, но истовремено логично е дека ќе ви биде потребен малку повеќе простор зад автомобилот. Инаку, багажникот на овој Ford започнува со основен капацитет од 356 литри и може да достигне 1.238 литри со спуштање на задната клупа.

Клиренсот од речиси 20 сантиметри и аголот на пристапување од 21 степен најавуваат оф-роуд адаптација на EcoSport, впрочем тој е еден од ретките кросовери кој може да си дозволи и посериозна авантура напуштајќи го асфалтот, најмногу и поради погонот на четири тркала, со кој располагавме и ние во изведбата која ја добивме на тест.

Задната оска се активира само кога има потреба за такво нешто, со што се избегнува поголема потрошувачка, а управливоста на EcoSport е на ниво со кое ги оправдува очекувањата за автомобил со тежина од 1,5 тон и височина од над 1,7 метри. Впрочем, од овој аспект, претставникот на Ford овозможува подобра комуникација на возачот со подлогата.

Дизел изведбите се уште уживаат сериозна популарност во овој регион, па веројатно и затоа можевме да се дружиме со Ford EcoSport со модерниот 1.5-литарски турбо-дизел кој испорачува 125 коњски сили и вртежен момент од 300 Nm.

EcoSport силно потегнува при притискањето на педалот за гас, моќноста може да биде соодветна, но само за возачите кои не очекуваат посебни перформанси. Основната намена на овој Ford e малку поинаква, неговото забрзување до 100 км/ч трае 11,3 секунди, а притоа бара и поголема дисциплина во однос на педалот за гас и менувачот за да испорача потрошувачка која нема да ги помати сметките на возачот.

Full screenExit full screen

Slider

Кога веќе е дел од неговото име, економичноста треба и може да биде на посакуваното ниво, дизел моторот бара адаптација за да се одржува со потрошувачка блиска до таа од спецификацијата, па дури и индикаторот за најсоодветен степен на пренос ќе побара враќање во втор степен на пренос, ако детектира дека моторот почнува да го губи здивот во повисок степен.

Titanium нивото на опременост вообичаено подразбира добро покривање на потребни, но и трендовски елементи, па на располагање со EcoSport имате активирање на моторот без клуч, автоматски светла, автоматски клима-уред, темпомат, делумно кожени седишта, 8-инчен екран осетлив на допир, како и многу декоративни додатоци на екстериерот и ентериерот.

Официјалната цена за Ford EcoSport со 1.5-литарски дизел мотор со 125 кс, погон на четири тркала и Titanium ниво на опременост изнесува 25.800 евра, но оваа изведба очекувано е една од највисоко поставените во ценовникот на македонскиот импортер „Ми-Да Гранд Моторс“.

Поважно е што понудата за EcoSport започнува со 1.0-литарскиот EcoBoost бензинец со идентични 125 коњски сили и погон на предните тркала со цена од 17.600 евра, a ако се прашуваме ние веројатно најатрактивна варијација е комбинација меѓу бензинецот и Titanium опременост за цена која за малку ќе надмине 20.000 евра.

Можеби уште подобро, доколку бидете брзи и ја искористите акциската понуда, EcoSport е понуден со Business нивото на опременост и истиот мотор за 16.900 евра, што е максимална оптимизација на односот меѓу инвестираното и она што се добива.

Како и да одлучите, Ford EcoSport ќе се погрижи да добиете микс на квалитети кои се очекувани за автомобилите во оваа класа, со можност авантурите да бидат продлабочени и на попредизвикувачки терен, каде од помош би бил и AWD погонот. Ако е сигурно дека овој кросовер одлично ќе се снаоѓа во урбаниот метеж, нашите фотографии потврдуваат дека уште повеќе ќе ужива во природа.

Full screenExit full screen

Slider

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider