Slider

Тестови

Тест: Jaguar XE D180 – Технолошка еволуција и уште поголемо задоволство зад волан

Slider

29/11/2019

Британскиот бренд Jaguar го искористи сериозниот циклус инвестиции на својот нов сопственик, за повторно да креира респектабилна понуда во која се опфатени повеќе сегменти, но и најважно, гама која ќе ги потенцира автентичните квалитети кои се дел од неговата традиција.

Една од поважните одлуки, покрај таа за влегување во SUV сегментот, донесена пред неколку години беше враќање на Jaguar во средната премиум класа, односно влегување во рингот пред се со германските ривали, чија позиционираност делуваше како добра инспирација и предизвик за сите ангажирани во проектот XE.

Неколку години подоцна, најмалиот седан на Jaguar, моделот XE, не е преокупиран со претерана анализа за исполнувањето на проекциите, туку веќе пристигна во освежено издание кое дефинитивно ќе биде ценето од купувачите на премиум лимузини.

Мајсторот на дизајнерската професија, Иан Калам, го потпиша фејслифтот на XE како еден од своите последни проекти пред повлекувањето од Jaguar, а само првиот поглед и имагинацијата која со себе ја носи секоја повлечена линија, покажува зошто шкотскиот маестро е еден од најпочитуваните дизајнери децении наназад.

Освежувањето на екстериерот само ja затегна динамичнaта појава на Jaguar XE, редизајнот на браниците и потенките светла ја зголемуваат агресивноста и заедно со големата маска, го истакнуваат спортскиот карактер на 1,4 метри високиот автомобил. Црвената боја е посебна приказна и не можевме да посакаме подобра комбинација за примерокот кој го имавме на тест, а кој меѓу другото располагаше и со 2.0-литарски турбо-дизел мотор со 180 коњски сили.

Пред да се префрлиме на погонската единица, мора да го истакнеме и сегментот каде новиот Jaguar XE имаше најмногу простор за напредок во однос на претходната изведба, а тоа е технолошкиот импакт кој се чувствува експресно штом се најдете на возачкото седиште.

Пред себе, покрај новиот волан со најважните функции достапни на допир, возачот може да ги следи информациите на дигитална инструмент табла, а на централната конзола доминира Touch Pro Duo инфо-забавниот систем кој подразбира два екрана на допир, од кои горниот 10-инчен, е наменет за најважните функции поврзани со автомобилот и мулти-медиската понуда на Jaguar XE.

Заедно со минималистичкиот пристап, класичните ротирачки команди за клима-уредот и менувачот кој сега е во вид на мал „џојстик“, лесно ќе забележите и позначајна употреба на меки и квалитетни материјали, кои го подигнуваат нивото во кабината на овој седан.

Full screenExit full screen

Slider

Нормално е првите километри и честите застанувања поради градските гужви да ги искористите за запознавање со Jaguar XE, a потоа следува и втората фаза, онаа која и нам ни е најпривлечна.

Автомобилските фанови веднаш ќе сакаат да го споредат XE со некои од најпознатите ривали, но тоа се чини е грешка која ги носи критериумите во погрешен правец.

Овој Jaguar е предвиден и конципиран како еден поинаков спортски седан, кој во својата основна конфигурација има конструкција со 75 проценти алуминиум, погон на задните тркала (или на сите тркала) и специфична суспензија која подразбира интегрален линк на задната оска.

Не ги забораваме ниту модерните Ingenium мотори, вклучувајќи го и турбо-дизелот со 180 коњски сили и вртежен момент од 430 Nm, како и 8-степената автоматска трансмисија потпишана од гигантот ZF.

Сите овие атрибути прават еден мајсторски калибриран инженерски рецепт, кој успева да понуди малку поразличен пристап од останатите членови на премиум друштвото, а притоа да ја истакнува спортската генетика на Jaguar и инспирацијата која XE ја има од легендарниот F-Type.

Управливоста во свијоци, но и сигурноста која XE ја влева на поголеми брзини се негови квалитети кои брзо се забележуваат, а тимот на Jaguar според нас, успеал и добро да ја конфигурира суспензијата која добро се носи со тежината на автомобилот и при поголемите нерамнини на патот.

Најавената просечна потрошувачка на дизел изведбата на XE е 5 литри на 100 километри, па дури и нескромното користење на врвните перформанси на овој Jaguar нема премногу да го оддалечат возачот од она што може да се очекува од овој седан долг 4,76 метри.

Факт е дека капацитетот на багажникот (455 литри) е за нијанса помал од дел од ривалите и дека XE е понуден со помал избор на мотори, но тоа не може да го промени позитивниот впечаток од нашето дружење со овој Jaguar.

Изведбата на Jaguar XE кое ние ја имавме на тест беше надградена со солидна доза дополнителна опрема и чини 59.000 евра, а купувачите можат да стигнат до овој автомобил по пониска почетна цена или пак да го надградуваат посериозно, вклучувајќи ги и спортските пакети.

Тешко е да се пренесе целата енергија која може да ја ослободува еден премиум седан и истата може најдобро да се почувствува само на позицијата зад воланот, но уверени сме дека Jaguar XE ја има потребната комбинација од заводливост, луксузен амбиент во кабината и возни карактеристики кои никого нема да разочараат.

Full screenExit full screen

Slider

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider