Slide

Тестови

Тест: Jeep Renegade 1.0 Night Eagle – Бунтовник со причина

Slide

04/01/2021

Амбицијата за што поизразено глобално присуство на бренд како Jeep го имплицираше проектот Renegade, со што Американците дадоа зелено светло за својот прв автомобил чие производство и таргетирање на купувачи е поврзано со Европа.

FCA групацијата реши да ги искористи традицијата и искуството на Jeep, но и капацитетот и предиспозициите на својата италијанска инфраструктура, со цел да се вклучи во сегментот на кросовери или мали SUV модели со уште еден автомобил кој нуди малку поегзотичен пристап.

Токму Jeep Renegade со својот дизајн, карактер и 4×4 поткованост има интересна позиција во оваа конкуренција, а тоа се забележува на прв поглед, кога до израз доаѓа „џиповското“ пакување во помали димензии.

Покоцкестата форма на Renegade, надополнета со препознатливите светла во кружна форма и Jeep маската поделена на еднакви седум делови ја потенцираат врската на најмалиот Jeep со неговите поголеми роднини, инаку поизразени и легендарни теренци предводени од култниот Wrangler.

Црните детали на екстериерот, кровните носачи, како и специјалните ознаки, одат во насока на истакнување на робустноста на кросоверот, кој ние го тестиравме во Night Eagle нивото на опременост, кое според нас е најдобро позиционирано во понудата на 4×2 изведбата.

Формата на автомобилот ослободува и повеќе простор во височина, што лесно може да го забележи возач кој е поблиску до границата од два метра, а нема простор за незадоволство и во однос на широчината и очекуваниот простор на задната клупа.

Не е изненадување и начинот на кој е конципиран кокпитот, па покрај воланот обложен во кожа, возачот веднаш ќе забележи дека целото опкружување е карактеризирано со цврстина и материјали кои ќе овозможат долгорочна употреба и не дозволуваат компромиси во однос на издржливоста, како што впрочем и доликува на еден Jeep.

Основниот капацитет на багажникот изнесува 350 литри, но се работи за функционален простор под кој може да се интегрира и стандардно резервно тркало, а не смее да се заборави ни големиот отвор кој го обезбедува специфичната петта врата.

На централната конзола се задржани повеќе класични команди, со што полесно може да се управува со клима-уредот и аудио системот, додека се останато може да се пронајде на 8,4-инчниот екран осетлив на допир.

Иако можеби има премногу опции и информации на него и треба време за да се адаптирате на начинот на функционирање, позитивна страна му се „шорткат“ опциите, со кои побрзо се стигнува до делот од менито кое му е потребно на возачот или совозачот.

Jeep Renegade во Night Eagle нивото на опременост е поткован и со навигација, како и поврзување со сите модерни апликации и сервиси, па на пример може да си го поврзете и вашиот Spotify профил и да си ја слушате омилената музика исто како на друг уред.

Модерниот мини SUV на Jeep е достапен со повеќе мотори, но ние имавме можност да го тестираме новиот 1.0-литарски бензинец со три цилиндри и моќност од 120 коњски сили, во комбинација со шест-степен мануелен менувач.

Пријатно сме изненадени од начинот на кој погонската единица се носи со карактерот на Renegade, автомобилот во секој момент работи потентно и рафинирано, ретко може да слушнете поголема доза бучава од моторот, а задоволство е да се соработува и со прецизен менувач со кратки одови.

На поголема брзина на автопат очекувано се слуша ветерот во уши (ретровизори), но повторно тоа нема премногу да го загрози комфорот. Кога веќе го споменавме комфорот, да потенцираме дека Renegade е меѓу најдобрите модели во класата во однос на избалансираноста на суспензијата, која овозможува мирно „пловење“ не само низ градските крпеници, туку и кога ќе го напуштите aсфалтот.

Просечната потрошувачка најавена од производителот е до 6,1 литар на 100 километри, а ние за неколку дена успеавме да стигнеме да се движиме околу 8 литри, бројка за која веројатно нема да жалите поради фидбекот, задоволството и забавата зад волан која ја овозможува Renegade.

Во однос на перформансите, спринтот до 100 км/ч трае 11,2 секунди, додека максималната брзина на Renegade со 1.0-литарскиот агрегат е 185 км/ч.

Она што е добра вест за фановите на Jeep Renegade e дека во моментов овој симпатичен претставник на легендарниот бренд може да се добие по промотивна цена од 15.900 евра, при што се добива и солиден квантитет на сериска опрема.

Можноста за поголема инвестиција ги отвора хоризонтите кон Renegade Night Eagle, кој според нас има најдобар однос вложено/добиено, при што за цена од 19.500 евра се добива одличен пакет во однос на дизајнот, но и елементи како автоматска клима, 8,4-инчен екран, навигација, одлична конективност и 18-инчни тркала.

Ваквиот избор ви дава одлична прегледност што добивате за инвестираните средства и со оглед на опремата која ја вклучува, не бара дополнителни инвестиции кои можат непланирано да го оптоварат буџетот.

Да не заборавиме дека Renegade е достапен и со 1.3-литарски бензинец со 150 коњски сили, како и со дизел агрегати со 120 и 140 кс, при што втората варијанта се комбинира со 4×4 погонот кој е подготвен за сите оф-роуд предизвици.

Изборот на Jeep Renegade треба да се смета како привилегија, бидејќи добивате автомобил од глобално препознатлив бренд, засилен со европски адаптираните елементи, базирани на долгата традиција на главниот актер во групацијата FCA.

Ако некој автомобил од сегментот може да испорача уникатни вредности и карактер, тоа сигурно е Renegade. Овој Jeep е повеќе бунтовник отколку одметник и многу лесно влегува под кожа со својот успешен концепт.

Повеќе содржини за Jeep:

Slide
Slide

Најнови содржини

Продажбата на електрични изведби во сегментот на мали SUV возила стагнира поради намалените субвенции во дел од европските држави
Според Лука де Мео, строгата Еуро 7 норма ќе ја врати автоиндустријата назад кон инвестиции во мотори кои немаат иднина
Автомобилските производители продолжуваат со пренамена на своите фабрики во Обединетото Кралство и покрај промените во регулативата
Во првите 8 месеци од годината, VW Group и Tesla ја предводат електрификацијата во Европа