Slider

Тестови

Тест Kia ProCeed GT 1.6 T-GDi – Хедонист кој гарантира забава

Slider

ProCeed е речиси 30 сантиметри подолг од хечбек роднината (4.605 мм), истовремено е најнизок (1.442 мм), но и најблиску до асфалтот во компактното трио на Kia

22/10/2019

Пробивот на Kia на европскиот пазар продолжува според внимателно подготвената стратегија на корејскиот бренд, кој изминативе години работеше на формирање квалитетна гама подготвена да се соочи со бројната конкуренција.

Откако со потенцијалот на продуктите и остварените бројки е обезбедена комотна позиција меѓу мас брендовите, Kia одвреме навреме како да сака да ги предизвика и премиум производителите.

Првиот пример беше Stinger, за во продажните салони сега да му се придружи и купе-комби (караван) компактот која го носи името ProCeed. Она што им е заедничко на двата модела е што нивната главна цел е да го надградат и онака позитивниот имиџ на Kia и наместо со продажни бројки, да се пофалат со предноста која ќе им ја овозможат на купувачите кои ќе бидат поразлични од се околу нив.

Името на ProCeed ја потврдува логичната поврзаност со компактното семејство Ceed, кое на овој начин го доби својот трет член, но типот на изведба ја прави оваа Kia единствена бидејќи досега храброст да инвестираат во „шутинг брејк“ силуета, имаа само брендови од луксузното друштво.

Но, ProCeed е тука за да ги менува навиките и претставува атрактивна и квалитетна солуција за возачите кои сакаат поспортско возење, но со голема доза практичност вообичаена за комби варијациите.

ProCeed е речиси 30 сантиметри подолг од хечбек роднината (4.605 мм), истовремено е најнизок (1.442 мм), но и најблиску до асфалтот во компактното трио на Kia, а без разлика од кој агол ја гледате, купе-комби силуетата изгледа уникатно и провокативно.

На тест го имавме ProCeed во GT ниво на опременост, што значи дополнително вметнати детали на екстериерот и ентериерот со кој се оправдува поспортскиот карактер на овој компакт.

Full screenExit full screen

Slider

А, таквата најава ја потврдува погонската единица. Kia ProCeed GT располага со 1.6-литарски мотор со одлични 204 коњски сили и вртежен момент од 265 Nm достапни во распон меѓу 1.500 и 4.500 вртежи во минута. Жестокото срце на турбо-бензинецот е поврзано со седум-степена трансмисија со двојна спојка, која е дополнително задоволство за возачот поради начинот на кој ги извршува своите задачи.

Овој избор совршено му прилега на ProCeed, бидејќи она што можевме да го заклучиме од искуството зад волан е дека оваа Kia има автентичен концепт со две лица.

Првото подразбира поекономично и релаксирано возење за целото семејство кое ќе извлече максимум од багажниот капацитет од 594 литри, а второто, користење на големиот потенцијал на моторот кој е подготвен да ви докаже колку ProCeed е комплетен автомобил кога е во прашање поспортското управување.

Адаптацијата на шасијата и суспензијата, како и прецизниот управувач успеваат да ги претворат вртежите во возачко задоволство кое ќе ги изненади и најголемите скептици. Дозата може да се засили со спортскиот режим на возење кога и издувот дополнително го истакнува ритамот на моторот.

Во однос на перформансите, максималните 230 км/ч и спринтот до стотка за 7,6 секунди најавуваат солиден галоп, а нашето искуство е дека потрошувачката може да се одржува околу 8 литри на 100 километри.
При поголеми брзини на автопат, Kia ProCeed е посебно стабилен и лесен за управување автомобил, а трансмисијата овозможува континуитет во одржување на економичноста, но и помалку бучава од моторот која има ограничен пристап во кабината.

Возачот пред себе има кок-пит кој е препознатлив за актуелната генерација на Ceed, со ергономична поставеност на класичните команди, добра позиција на командите на воланот, како и 8-инчен екран на кој е вметнат и навигациски систем.

Седиштата добро го држат телото и во ситуации кога малку поагресивно освојувавме планински свијоци, а ProCeed GT како еден интересна целина овозможува и навистина многу богата опременост. Панорамскиот кров остава посебен впечаток, на списокот е JBL аудио-систем и ниво на конективност во кое се вклучени Apple CarPlay и Android Auto. Возачот има електронски подесиви седишта, инструмент табла на која е вметнат 4,2-инчен екран, но и адаптивен темпомат кој подразбира подолг список на безбедносни системи кои асистираат при управувањето и избегнувањето ризични ситуации.

Силуетата крати малку од вообичаениот простор за главите на патниците, но тоа е малиот данок кој мора да се плати за вака атрактивната силуета и возните карактеристики на ProCeed.

Кога еднаш ќе се најдете зад воланот на ProCeed GT и ќе се уверите дека вака функционален автомобил може да донесе толку забава преку својата моќна погонска единица, тешко дека некој ќе може да ве убеди да одберете нешто друго од понудата на овој модел.

Но, вреди да се потенцира дека ProCeed е достапен во GT Line изведба со турбо-бензинец со 120 и 140 коњски сили, како и со 1.6-литарскиот дизел со 136 коњски сили.

Изборот подразбира и варијација на опременоста и цените, а примерокот кој го имавме на тест, односно ProCeed GT со 204 коњски сили чини 33.390 евра. Во цената се вклучени уникатноста на улица, опременост за која кај друг модел треба сериозно да се доплаќа и погонска единица која изнудува само позитивни импресии, без разлика дали сакате поекономично крстосување со оптимални вртежи или пожесток притисок на педалот за гас.

Ако добро се стави на вага се она што сѐ добива за неговата вредност, ProCeed не е само емотивен, туку и функционален избор.

Full screenExit full screen

Slider

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider