Тестови
ТЕСТ: Кia Sportage 1.6 Т-GDi – 5-тата генерација доминира со повеќе комфор и одлични возни својства
Впечатокот го потврдуваат и бројките: Новиот Sportage е поголем споредено со претходната генерација. Во техничката спецификација наведена е должина од 4,515мм, ширина од 1,865мм и висина од 1,645мм. Меѓуоскиното растојание изнесува 2,680мм.
Четвртата генерација на Kia Sportage беше најдобро продаван модел на Kia во Европа. Очекувано, Sportage беше бестселер и во Македонија: Во 2020 година, продажбите на атрактивниот SUV изнесувале дури 60% од вкупните продажби на Kia во нашата земја.
Четвртата “QL” генерација беше воведена во 2015 година. Сега, 7 години подоцна, таа е веќе заменета со нова петта генерација, која е поставена на истата платформа како и сестринскиот модел Hyundai Tucson.
Новата генерација ја имавме на неколкудневен тест, по што можеме да ги споделиме нашите впечатоци. Ја добивме богато опремената First Edition изведба со 1.6-литарски бензински мотор и 150 hp.
Нов дизајнерски правец
На прв поглед се забележува комплетно различниот дизајн споредено со претходната генерација. Имено, Kia овој пат реши да лансира различна, покуса верзија за европскиот пазар. “Европскиот” Sportage, кој има купе-SUV изглед, а во салонот на Kia во Скопје пристигна директно од фабриката на Kia во Жилина, Словачка.
Забележливи се крупните дизајнерски промени, особено во задниот дел. Тие се дел од комплетно новиот дизајнерски пристап кој производителот го именува како “Opposites United”.
“Со новиот Sportage, не сакавме едноставно да отидеме еден чекор напред, туку да се движиме по комплетно различно ниво во SUV сегментот” – изјави Карим Хабиб, Канаѓанецот со либанско потекло, кој е директор на одделот за дизајн на Kia.
Дизајнот на новиот Sportage е базиран на EV6, со остри линии за разлика од заоблената форма на претходната генерација.
Во предниот дел воочлива е целината која ја формираат LED Matrix светлата заедно со дневните светла во форма на бумеранг.
Страничната вдлабнатина под прозорците дополнително ги истакнува 17-инчните тркала на тестниот модел.
Ретровизорите се позиционирани на самите врати, а покривот формира безмалку хоризонтална линија која се протега сè до задниот спојлер.
Ентериер и комфор
Во ентериерот доминира елементот во кој се поставени дигиталната инструмент табла и екранот осетлив на допир, и двата со дијагонали од по 12 инчи (1,920х720px). И двата екрани се поставени во висококвалитетна рамка, интегрирана во стилскиот ентериер каде веднаш се забележува вниманието посветено на завршната обработка.
Во ентериерот веднаш се добива впечаток за повеќе комфорт и повеќе простор – очигледно новиот Sportage е значително унапреден споредено со претходната генерација.
Впечатокот го потврдуваат и бројките: Новиот Sportage е поголем споредено со претходната генерација. Во техничката спецификација наведена е должина од 4,515мм, ширина од 1,865мм и висина од 1,645мм. Меѓуоскиното растојание изнесува 2,680мм.
Товарниот волумен изнесува одлични 591 литри. Не пропуштивме да ги спуштивме и задните седишта (се спуштаат во сооднос 40:20:40), при што добивме 1,780 литри вкупен багажен простор.
Што се однесува до системите за асистенција во возењето, во нашиот First Edition вклучени се системот за задржување во лента и знаменосецот – систем за избегнување на фронтален удар со препознавање на возила, пешаци и велосипеди.




Новиот Sportage е опремен и со систем за електронска контрола на суспензијата. Неколкуте режими на возење би требало да нѝ овозможат полесно управување при возење низ снегот кој во меѓувреме наврна за време на тестирањето на моделот.
Возни својства
Киа ја комуницира потрошувачката на овој модел на околу 6 литри на 100 километри. На тестот добивме отприлика слични показатели.
Избравме рута со планински тесни свиоци, каде најдобро можеме да ги согледаме способностите на овој голем (и висок) SUV. Во овие услови најважни нѝ се прецизното управувње, суспензијата, силата на моторот (вртежниот момент) и конфигурацијата на степените на пренос.





По поминати 200-тина километри со новиот Sportage во прилично студени временски услови, на патишта делумно покриени со снег, имајќи во предвид дека преку 6-степениот менувач моторот ја пренесува силата од моторот само на предната оска, импресионирани сме од управувањето во комбинација со меката суспензија и прецизниот менувач, а 250-те Nw моментална сила (достапни се изведби со 180 hp и 265 Nm) се сосема доволни за комплетирање на впечатокот.
Заклучок
Новиот Sportage нуди многу простор, комфор при возењето и стилски ентериер. Новиот дизајн и квалитетните екрани поставени во линија оставаат премиум впечаток за модел од повисоките сегменти.
Не е тешко да се прогнозира дека Kia ќе успее да профитира од големата корисничка база на задоволни сопственици на некој од моделите од претходните генерации. Дел од нив, кои се во фаза на размислување за замена на нивното тековно возило, новата Kia Sportage лесно ќе ги мотивира да го забрзаат процесот.