Тестови
Тест: Kia XCeed 1.5 T-GDi – Надмоќноста е лек за просечноста
Комплетирањето на Ceed семејството со кросоверот XCeed се покажа како одличен потег за Kia, а со него корејскиот производител заокружи една долгорочна стратегија поврзана со специфичните трендови и вкусови на европските купувачи.
XCeed пристигна последен, но во вистинско време да ги привлече се побројните фанови на кросоверските изведби или оние возачи кои сакаат да ја избегнат класичната хечбековска или комби изведба, посакуваат да се приближат до SUV сегментот, а истовремено не сакаат да се откажат од динамичноста која е при врвот во Ц сегментот.
Токму XCeed е концепт кој од една страна најавува робустност и поголем клиренс, но со силуетата и ставот потврдува дека чувството зад волан ќе биде поинакво од тоа кое се добива кај своите Ceed роднини.
Коцките целосно се поклопуваат кога на располагање ќе го имате новиот 1.5-литарски турбо-бензинец со дури 160 коњски сили, или ако сакате вистинска провокација за автомобилските ентузијасти кои сакаат повеќе моќ во сегментот во кој припаѓа овој 4,39 метри долг кросовер.
Македонскиот импортер „Киа Моторс Македонија“ ни овозможи да се запознаеме со XCeed 1.5 T-GDi во специфичната „Quantum Yellow“ боја, која дефинитивно одлично се вклопува во приказната за најмоќниот XCeed во понудата.
Според должината и височината, XCeed е позициониран меѓу класичниот Ceed и Sportage, а со клиренсот од 17 сантиметри и заштитата на подвозјето овозможува малку повеќе самоувереност кога сакате да го напуштите асфалтот за некоја авантура од полесен карактер.
Дизајнот на XCeed носи поголема самостојност во однос на роднините и хармонично вклопени предни светла со маската на ладилникот и браникот, формирајќи агресивен изглед кој посебно е автентичен кога под поклопецот го имате агрегатот со 160 кс и 253 Nm кои се достапни веќе на 1.500 вртежи.
Уште во првото од двете нивоа на опременост (Reference 1), се добиваат комфорни седишта со добро држење на телото, ергономично опкружување за возачот и соодветна комбинација на аналогното и дигиталното на инструмент таблата и физичкото и дигиталното на централната конзола.
Физичките команди поставени под централниот екран овозможуваат лесно регулирање на основните функции, а тука е и мултифункционалниот волан со доволно опции кои се поврзани со патниот компјутер и дел од менито на инфо-забавниот систем.
Поврзувањето со Apple CarPlay функционира едноставно, а аудио стримингот преку Bluetooth продолжува да ја чита вашата Spotify плеј-листа и доколку го решите да го користите USB приклучокот за друга намена.
Ако се знае дека во сериската опрема се добиваат 8-инчен екран и двозонска автоматска клима, јасно е дека Kia XCeed е доволно поткован за ја оправда ценовната поставеност во својата нетипична класа.
Повисокиот возач мора да се позиционира пониско во споредба со Sportage, но и тоа може да биде вклучено во концептот на еден кросовер со солидни перформанси и автомобил кој во комбинација со шест-степената мануелна трансмисија, стигнува до 100 км/ч за 9 секунди.
На задната клупа има доволно простор за колената, но и за главите, нешто што е особено важно кај кросоверските изведби, а на располагање се 426 литри капацитет во багажникот и потпирач за рацете за патниците.
Возачки, ова е дефинитивно најдобрата погонска изведба нa XCeed и успешна замена за 1.4-литарскиот претходник, а потенцијалот на турбо-бензинецот се чувствува и во моментите кога треба да претекнете, за што срцето на овој кросовер има доволни резерви за да ја реализирате мисијата и без менување на степен на пренос.
Модерниот кросовер се однесува солидно и при освојувањето на свијоци, имајќи ја предвид тежината од 1,8 тони, а подвозјето е подготвено да ги неутрализира проблематичните делови на подлогата, на начин на кој овозможува мирно „пловење“ за сите во автомобилот.
Најавената просечна потрошувачка на XCeed 1.5 T-GDi e 6,4 литри на 100 километри, ние утврдивме дека на отворено може да се одржува до 5,5 литри, што значи дека и просекот со повеќе извозени километри низ урбаните средини нема да отстапува премногу од спецификацијата. Пресуден ќе биде начинот на возење низ град, бидејќи овој мотор со четири цилиндри има доволно потенцијал за да го намами возачот на подинамично управување, што може да биде „стапица“ во однос на економичноста.
Примерокот кој го имавме на тест чини 20.950 евра, а доколку се одлучите на трансмисија со двојна спојка, цената стигнува до 22.900 евра. Опција е и повисокото ниво на опременост Reference 2, во кое инвестирате во поголеми тркала, дигитална инструмент табла, поголем централен екран и слично.
Во Reference 1 нивото на опременост со кое располагавме, се добиваат безбедносни системи од типот на автоматско сопирање, систем за одржување во лента, 8-инчен централен екран, камера и задни сензори и целосни LED светла, елементи кои навестуваат дека имате се што е потребно и функционално за современиот возач.
Почетната цена на Kia XCeed е 19.950 евра, при што се добива трицилиндерскиот мотор со 120 коњски сили, а според нас вреди да се инвестираат 1.000 евра повеќе за да се добие XCeed со 160 коњски сили и очекувано подобри перформанси. Во секоја од комбинациите е вклучена препознатливата 7-годишна гаранција зад која стои корејскиот производител.
Автентичната појава на XCeed покажа дека Kia може да испорача иновативно решение со кое ќе создаде уникатен модел, кој традиционалните вредности на својата основа ќе ги претвори во трендовско решение. Ова е автомобил поткован да биде миленик на целото семејство, но и нов најдобар пријател на возачот кој ќе ги цени неговите предиспозиции.
Препораката за XCeed веројатно треба најмногу да ги провоцира оние кои сакаат да избегаат од класичната и предвидлива понуда на хечбек компакти и оние кои сакаат да бидат поразлични од големиот број фанови на брендовскиот бестселер Sportage.
Надмоќната појава на XCeed е надополнета со соодветна моќ и функционалност кои ги елиминираат просечноста и предвидливоста.
Повеќе содржини за Kia: