Slider

Тестови

Тест: Land Rover Defender 110 D240 – Британската икона поставува нови стандарди

Slider

13/07/2020

Најголем дел од историјатот на Land Rover е базиран на моделот кој долго бил единствен во понудата и кој денеска е познат како Defender.

По дебито во 1948 година, робустниот теренец постојано еволуира низ децениите, задржувајќи го својот основен квалитет, издржливоста, квалитетот и капацитетот да излезе на крај и со најкомплицираните услови на патот.

Можеби 1990 година во британската историја е запаметена како последна од долгиот мандат на Маргарет Тачер и по триумфот на Штефан Едберг и Мартина Навратилова на Вимблдон, но исто така и по одлуката на Land Rover да почне да го користи името Defender кај својот најпознат модел.

Еволуцијата траеше се додека производителот не се соочи со реалната потреба да започне ново поглавје, а резултатот е модерната генерација на Land Rover Defender, која се произведува во новата фабрика на JLR во Словачка.

Основниот концепт при креирањето на она што го имаме денеска како автомобил за сериско производство е да се избегне робување на минатото, да се испочитуваат актуелните трендови и безгрижно да се дочекаат предизвиците на иднината.

Тежината и значењето на проектот обезбедуваат дополнителни комплименти за сите во тимот на британскиот бренд, бидејќи современикот на легендата е импресивен.

Defender ја задржува генетиката на универзален теренец, современиот дизајн не спречува да препознаете за кој модел станува збор уште на прв поглед, а Land Rover ја засили и дозата луксузен амбиент, кој на многу пристоен начин е вметнат во цврстината и издржливоста на се што може да допрете во кокпитот и кабината.

Робустноста и  димензиите остануваат препознатливи, а елементи како светлата, прозорците, панелите и резервното тркало влијаат на одржување на класичните вредности, кои често можат да се конвертираат и во емоции.

Ова посебно важи за 110 изведбата со која и ние располагавме, а која е подолга, со две врати повеќе, како и опција за трет ред седишта, кои се повеќе од доволни за најмладите членови на семејството.

Во ентериерот покрај дигиталната инструмент табла и големиот централен екран со навистина многу опции и брзо Pivi Pro процесирање, за поздравување е одлуката да се задржат дел од класичните команди, меѓу кои и тие за воздушната суспензија и оф-роуд возење, со што возачот поедноставно ќе ги користи нивните придобивки.

Покрај капацитетот на местата за одлагање предмети, треба да се потенцираат и големиот број USB и други приклучоци, трозонскиот клима-уред, просторот кој го добиваат сите патници на своите седишта и багажниот простор кој започнува од 913 литри во конфигурација со пет седишта.

Видливоста кон задниот дел е ограничена и поради резервното тркало, но Defender има решение и за ова, а тоа подразбира внатрешен ретровизор кој е поврзан со камера на задниот дел и кој на возачот под широк агол му претставува што се случува зад неговиот автомобил.

Full screenExit full screen

Slider

Воздушната суспензија го разгалува возачот бидејќи се уверивме дека нејзиното користење посебно е важно кога сакате да ја подигнете каросеријата при екстремни оф-роуд услови на подлогата, при што дури при излегувањето од автомобилот вистински сфаќате што значи клиренс од 30 сантиметри.

Defender има и други атрибути со кои е подготвен за вакви испити. Аголот на пристапување и заминување изнесува 38, односно 40 степени, а овој Land Rover без проблеми може да мине низ вода длабока 90 сантиметри, при што сензорите во секој момент ќе ве информираат до каде сте со лимитите при водната авантура.

Кога се зборува за овој дел од портфолиото на Defender, не треба да се заборават диференцијалите, изборот на режим за возење според условите на патот, како и безбедното возење во надолнина со ограничена брзина. Едноставно Land Rover не дозволи некаков недостаток кој ќе го наруши имиџот на својот легендарен теренец.

Full screenExit full screen

Slider

Го возевме LR Defender со турбо-дизел моторот со 240 коњски сили и вртежен момент од 430 Nm, комбиниран со 8-степена автоматска трансмисија. Се работи за погонска единица која овозможува да се уверите во сиот потенцијал на автомобилот долг нешто повеќе од пет метри и со способност да влече приколка тешка до 3,5 тона.

Забрзувањето до 100 км/ч трае 9,1 секунда, просечната потрошувачка очекувано влегува во двоцифрен број, но откако возачот се спријателува со педалот за гас, бројката може да се одржува меѓу 10-12 литри на 100 километри.

Не само што Defender ќе ве направи горд при освојување на ризични делници, туку одлично се снаоѓа и во извршување на класични задачи. Низ град се чувствувате доминантно и над сите останати, додека на автопат при поголеми брзини, самоуверениот Land Rover вози мирно, рафинирано и стабилно.

Почетната цена на Defender 110 е 74.900 евра, пократката изведба 90 стартува од 67.300 евра, додека примерокот кој ние го имавме на тест и располагаше и со многу повеќе опрема од тоа што е потребно, стигнува до цена од 101.900 евра.

Full screenExit full screen

Slider

Гордоста на Land Rover е врсник со Принцот Чарлс, но познавачите на авто-индустријата и неговите купувачи без размислување би му ја доделиле и кралската круна во британската автомобилска хиерархија.

Defender крстосува низ сите континенти повеќе од 70 години, а податоците велат дека барем 70 проценти од продадените примероци сѐ уште се активни и ги совладуваат најекстремните делници.

Новата генерација без сомнение ќе ја продолжи традицијата, бидејќи лесно може да се утврди потенцијалот со кој располага.

Кога ќе го набљудувате автомобилот однадвор и кога ќе се уверите во неговите способности, ќе признаете дека она што модерниот дизајнерски пристап и комфорното градско возење го прави како нежен лав во дигестивна дремка, се претвора во оф-роуд предатор, кој има посебен респект меѓу членовите на автомобилската џунгла.

Land Rover Defender лесно се вклопува во секој еко-систем и без проблем ќе доминира без разлика на опкружувањето. Инвестицијата во ваков автомобил не се пресметува во пари, туку во бројот на авантури без ограничувања и генерираните емоции по минат километар.

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider