Slider

Тестови

Тест: Land Rover Discovery Sport D150 AWD – Рафиниран британски џентлмен со оф-роуд карактер

Slider

Примерокот на тест располагаше со 2.0-литарскиот Ingenium турбо-дизел мотор со 150 коњски сили и вртежен момент од 380 Nm, a позитивен аспект за сите достапни мотори е фактот што користат технологија на благ хибрид со 48V стартер/генератор, која влијае и на економичноста

30/12/2019

Еволуцијата на Land Rover не подразбира само големи инвестиции во развој на нови мотори и иновативни технологии, туку и дополнително подобрена синхронизација во моделската понуда меѓу носечкиот бренд и неговите полуксузни варијации потпишани со ознаката Range Rover.

Купувачите во премиум SUV сегментот добиваат избор како никогаш досега, a во гамата на Land Rover, најдостапен модел останува Discovery Sport, кој од неодамна доби освежување со сериозни надградби, веројатно сосема доволни да го задржат на позицијата на бестселер и дефинитивно го подготвија за фазата на електрификација.

Новата верзија на Discovery Sport го нагласува миксот на практичност, премиум амбиент и оф-роуд карактер, најважните карактеристики за еден Land Rover, надополнети со потрендовски изглед и освежување на веќе препознатливиот имиџ, кој суптилно ги потврдува неговите роднински врски со класичниот и поголем Discovery.

Основна цел на фејслифтот на LR Discovery Sport е да донесе нови ефикасни решенија, да го подобри комфорот за патниците, но и да го заокружи фамилијарниот концепт. Иако тоа не се случува често, Discovery Sport доби нова платформа за понапредни опции, а и натаму останува еден од ретките автомобили во класата со опција за седум седишта.

Почетната дизел изведба со 150 коњски сили беше нашиот предизвик, а првиот впечаток кој вреди да се сподели е дека Namib портокаловата боја посебно му одговара на Discovery Sport, истакнувајќи ги дополнително елементите кои дизајнерите ги предвидоа за формирање на препознатливата појава и новиот LED потпис на најмалиот Land Rover.

Автомобилот долг 4,6 метри се произведува во фабриката во Хејлвуд, покрај Range Rover Evoque, со кого дели платформа и други елементи, но Land Rover направи одредени модификации на Discovery Sport, потребни за реализирање на приоритетите во однос на роднината, од кого досега успеваше да продаде и повеќе примероци.

Ентериерот е важен позитивен импулс добиен од освежувањето, Disco Sport доби најмодерен инфо-забавен систем со 10,2-инчен екран осетлив на допир, како и панел со команди на допир под него и на воланот, во комбинација со ротирачките команди за клима-уредот.

Класичните команди се сведени на минимум, а и овој Land Rover ја доби новата рачка за автоматската трансмисија, со што се збогуваше со ротирачкиот начин на комуникација со 9-степената трансмисија која испраќа вртежи до двете оски.

Освежениот Discovery Sport напредувал и во однос на материјалите употребени во кабината, но и изработката на кокпитот, по што возачот добива опкружување со меки и пријатни материјали, а пред себе имавме и 12,3-инчна дигитална инструмент табла со избор на соодветниот тип информации од страна на возачот.

Забелешка може да се најде на начинот на кој е решен делот за оставање предмети на централната конзола, дел кој сигурно може да добие пофункционална интерпретрација и поелегантен финиш. Како индивидуален вкус може да се претстави и тешката адаптација на позицијата на прекинувачите за отворање на прозорците, кои остануваат на висока позиција како и кај поголемиот LR Discovery.

Високото ниво на конективност веќе е стандардна содржина кај ваков автомобил, а Discovery Sport го заокружува премиум амбиентот со една интересна иновација, поточно дигиталниот внатрешен ретровизор кој користи камера и го претвора ретровизорот во екран.

Ова решение е посебно практично доколку се користи максималниот капацитет на багажникот во височина над полицата или се користи и третиот ред седишта.

Full screenExit full screen

Slider

Прегледноста при возење е солидна, иако при паркирањето се добива асистенција и од сензори и камера, а за безбедноста се грижат повеќе напредни системи кои му асистираат на возачот контролирајќи ја ситуацијата од втор план. Она што носи дополнителен комплимент за Discovery Sport e дополнителното воздушно перниче за пешаци кое се наоѓа на врвот на поклопецот на моторот.

Фамилијарните вредности сериозно се претставени и преку просторот на задната клупа, можноста за трет ред седишта, како и капацитетот на багажникот. Во 5+2 формација, без користење на третиот ред (при што се добива рамен под) се добиваат дури 840 литри, а со спуштање на задната клупа на располагање се дури 1.451 литар.

За оф-роуд квалитетите се грижи и системот Terrain Response 2, кој ја адаптира суспензијата и ја подобрува тракцијата анализирајќи ја подлогата на која се грижи LR Discovery Sport, a овој автомобил може да минува низ вода со височина до 60 сантиметри.

Full screenExit full screen

Slider

Примерокот на тест располагаше со 2.0-литарскиот Ingenium турбо-дизел мотор со 150 коњски сили и вртежен момент од 380 Nm, a позитивен аспект за сите достапни мотори е фактот што користат технологија на благ хибрид со 48V стартер/генератор, која влијае и на економичноста.

Најавениот просек на LR Discovery Sport е околу 6-7 литри, а се уверивме дека потрошувачката во град може да се одржува до 8-9 литри на 100 километри. Тоа е далеку од лош резултат за премиум SUV, тежок нешто помалку од 2 тона и вооружен со многу техника и технологија и автомобил кој остава впечаток на сигурен оф-роудер со универзални карактеристики.

Discovery Sport можеби не е најдинамичниот SUV, но неговото однесување во свијоци и прецизност во управувањето овозможуваат брза адаптација на возачот и лесно хармонизирање на очекувањата и можностите на автомобилот.

Не само што не се претвори во разочарување од овој аспект при нашето неколкудневно дружење, туку успеа брзо да си создаде нови фанови, пред се поради својата рафинираност и смиреност и одличното комбинирање на позитивните вредности и однесувањето во различни услови во сообраќајот.

Почетната цена на LR Discovery Sport во нашата земја е 48.700 евра, а покрај со дизел моторот со 150 коњски сили, достапен е и со агрегат со иста 2.0-литарска зафатнина со 180 и 240 коњски сили, но и како бензинец со 200 и 250 коњски сили.

Со оглед на премиум карактерот, но и премиум опциите од дополнителната опрема, јасно е дека конечната цена најмногу ќе зависи и од личните приоритети на купувачот и дополнителните елементи кои тој ќе посака да бидат вметнати во и онака добро опремениот Discovery Sport.

Она што мора да го потенцираме е дека новиот Discovery Sport заслужува сериозно внимание и надградбата која ја доби на средина на актуелната генерација му овозможува да импресионира со многу квалитети.

За оние кои размислуваат за семеен автомобил со оф-роуд гени, токму овој SUV е вистински избор за достојно и најдостапно запознавање со легендарните квалитети на брендот Land Rover.

Full screenExit full screen

Slider

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider