Стории
Тест на батеријата од 100% до 0%: Peugeot e-208 поминува околу 300 км и во зимски услови
Електричните автомобили несомнено се иднината на мобилноста, но барем во моментов тоа не значи дека процесот на нивно инфилтрирање низ македонските улици оди брзо и лесно.
Поголемите трошоци за нивно производство резултираат со повисоки продажни цени, а недостигот на субвенции за купување во нашата земја, им го отежнува приближувањето до нови купувачи.
Но, сите овие елементи ги прават уште поголем предизвик за специјализираните медиуми, кои треба да ги пренесат нивните најважни карактеристики до потенцијалните купувачи и да бидат подготвени за периодот кога ќе станат и локална реалност.
Peugeot e-208 е еден од првите достапни електро мобили на нашиот пазар, посебно во својот Б сегмент, па AutoFocus реши да ги тестира неговите квалитети, со посебен акцент на автономијата со едно полнење, како и самиот процес на полнење на батеријата.
Нашиот концепт беше да тргнеме со полна батерија од Скопје кон Охрид, да утврдиме колку ќе потрошиме до целта, а потоа целосно да ја испразниме батеријата до 0% и повторно да ја наполниме до 100%, споредувајќи ги податоците за трошење и полнење со тие на производителот.
Актуелниот носител на признанието Европски автомобил на годината со право може да се пофали со својот дизајн, начинот на кој е уреден ентериерот и комфорното возење, но тоа се детали кои се веќе препознатливи и општо прифатени од оние кои ја следат автомобилската сцена.
Она што сега најмногу нѐ интересираше, беше однесувањето на погонот и досегот кој ќе можеме да го извлечеме со полна батерија и дали тој се совпаѓа со она што го постигнале дизајнерите и инженерите во останатите сегменти при подготовката на автомобилот.
Peugeot e-208 доаѓа со електричен погон со 136 коњски сили и 50 kWh батерија, а од импортерот добивме и полнач со капацитет од 7,4 kW, со кој можевме да ја користиме бесплатната мрежа на полначи на EVN низ цела држава.
Однапред признаваме дека ова беше голем предизвик и за нас, бидејќи решивме да се соочиме со еден речиси непознат терен, со технологија која допрва ќе станува секојдневие и со очекувањата дека нашите бројки ќе предизвикаат различни реакции кај читателите.
Но, потврдата дека го добиваме e-208 во сина боја на неколку дена, значеше дека веќе сме го потрошиле времето за размислување и планирање и на дневен ред доаѓа првата фаза, која во кратки црти е тргнување кон Охрид.
Оваа рута ја избираме поради значењето на градот од туристички аспект, далечината, па и миксот на патишта кои треба да се поминат за да се стигне до градскиот плоштад, каде се лоцирани полначите на EVN.

Го преземавме примерокот на e-208 со целосно наполнета батерија, а системот пресмета ни предвиде 290 километри автономија
Батеријата почнавме да ја трошиме со првиот, градски дел од рутата, а излегувањето на единствената делница со класичен автопат, Скопје-Тетово, веќе ја активираше анксиозноста причинета од неможноста да предвидиме како ќе се однесува/празни батеријата.
Официјалната автономија на Peugeot e-208 изнесува 340 километри, но и самиот производител ги информира купувачите дека таа бројка се намалува на пониски температури, а зависи и од начинот на возење.
При актуелните надворешни услови во кои го реализиравме овој EV тест, францускиот бренд предвидува дека може да се добијат најмногу 320 километри.
Кога тргнувате со благородна цел, да утврдите кој е вистинскиот потенцијал на еден автомобил со погонот на иднината, не сакате поради батеријата да се најдете во улогата на Колумбо, па наместо да ги видите лебедите на охридското пристаниште, да мора да го опишувате спокојното Маврово во работен ден.
Сосема очекувано, при тргнувањето бевме највнимателни, на автопат возевме со најмногу 80 км/ч, го активиравме еко режимот на возење, а покрај надворешната температура од 3 степени целзиусови и ветерот, користењето на клима-уредот и мулти-медиските содржини си имаа свое влијание врз трошењето на складираната енергија во батеријата.
Овој дел од рутата не влијаеше многу позитивно врз нашите амбиции, бидејќи проекцијата на патниот компјутер предупредуваше дека можеби ќе треба да го користиме полначот во Кичево.
Во тие моменти не сакате да ризикувате, бидејќи низ глава ви се врти сознанието дека не може да дотурите електрична енергија во батеријата, а електричниот автомобил со целосно потрошена енергија целосно се блокира и не можете ниту да користите шлеп служба во најцрното сценарио.
Можеби во ,,Еуроимпекс” имаат решение за ваков вонреден проблем, но треба храброст да му соопштиш на сопственикот дека си дозволил неговиот автомобил да заврши блокиран среде регионален пат, а тоа да не изгледа како неодговорност и несериозност.
Следуваше делницата Тетово-Гостивар, каде ограничувањето на брзината на 80 км/ч е одлична можност за рамномерно крстосување, при што и доволно загреаната погонска единица ни најави дека слободно може да планираме куса пауза на Стража, додека Маврово ќе почека некој друг модел со помала автономија.
На Стража имаме најава дека ни остануваат уште 130 километри, но секако и притаено задоволство од сознанието дека следува надолнина, во која на сцена стапува и B (brake) опцијата на автоматската трансмисија, која ќе извлече максимум од рекуперацијата на кинетичка енергија и ќе надополни дел од дотогаш потрошената енергија.
При спуштањето, проекцијата за автономијата се искачи до 200 км, а откако се стабилизираше теренот, дојдовме до 170 километри или со други зборови, пред Кичево барем провизорно имавме батерија за пат колку што е целата рута Скопје-Охрид.
Бројките пред и после Стража ја зголемија самоувереноста во пресрет на Пресека, односно веќе ни беше јасно дека ако ништо друго, без проблеми ќе ја реализираме кратката посета на Охрид.
Позитивна страна на e-208 е што покрај добро балансираното подвозје, неговата автоматска трансмисија маестрално си ја врши својата работа, па возачот и патниците добиваат одлична изолација во кабината, надополнета со висок вртежен момент (260 Nm) достапен во секој момент.
Влеговме во градот со проекција за преостанати уште 120 километри, а по кратката пауза поради фотографирање, системот се стабилизирал и сега вели дека имаме досег од уште 140 километри.
Фактот што патот пред Охрид е во изградба и поради ограничувањата мора да се движиме со најмногу 60 км/ч, наведува на теза дека проекцијата во голем дел е базирана за таков вид возење, што секако би претрпело промена ако возиме со барем 80 км/ч, што е во границите на безбедно управување на делница која не е автопат.
Но, позитивното изненадување стигна при приклучувањето на нашиот e-208 на полначот во строгиот центар на Охрид.
Производителот овозможува да го дознаете процентот на наполнетост на батеријата со бројка само кога е вметнат полначот на својата позиција, додека во возење ја имате проекцијата на автономијата и капацитетот на батеријата изразен на графика поделена во четвртини. А нам, во овој момент системот ни покажуваше дека имаме уште 41% од батеријата.

Пристигнувањето во центарот на Охрид значеше и прво приклучување на автомобилот на полнач од мрежата на EVN. Системот испраќа позитивен сигнал, информирајќи не дека по 183 километри, останале уште 41% од батеријата
Тоа беше и моментот во кој исчезнаа сите предрасуди кон овој електричен автомобил, констатираната бројка ни потврди дека концептот на Peugeot ќе има позитивно влијание врз зголемувањето на популарноста на електро мобилите и дека немало потреба од посебна загриженост при почетокот на тестот.
Низ бројки, од преземањето на автомобилот со 100 проценти наполнета батерија поминавме 183 километри, или по просечни 3,1 километар за секој процент од батеријата. Со преостанатите 41% од капацитетот, стигнуваме до вкупна автономија од 311 километри, што е навистина одличен резултат при ниски температури, со двајца возрасни патници (возач и совозач) и посебно што половина пат го минавме во „нормал“ режимот на возење.
Секако, поголемата брзина на првиот дел од рутата можеше да донесе помала вкупна автономија, но дури и тогаш не очекуваме поголемо отстапување од 10 проценти, што никако не може да биде лош резултат.
Процент на наполнетост |
Минати километри |
Минати километри |
100% | 0 км | |
75% | 68 км | |
50% | 139 км | |
41% | 183 км | |
25% | 221 км* | |
0% | 311 км* | 320 |
*проекција според претходно извозените километри на истата рута
Позитивен ефект има и фактот што вообичаеното време потребно за ручек и неизбежна прошетка по секогаш привлечниот Охрид, беа доволни за да бидеме подготвени за враќање кон Скопје.
Дотогаш изминатите километри нѐ наведоа на заклучок дека ни се доволни и 80 проценти од батеријата за безгрижно враќање на почетната точка, а полначот на EVN ни ги обезбеди за два и пол часа.
Мора да потенцираме дека без разлика на капацитетот на полначот (22 kW), брзината на полнење зависи од вградениот „он-борд“ индуктор на автомобилот. Во случајот со Peugeot e-208, капацитетот е 7,4 kW, па затоа и требаат неколку часа за целосно полнење на батеријата со капацитет од 50 kWh.
При враќањето, не само што 80-те проценти беа доволни, туку можевме и да се ,,луксузираме” со активирање на спортскиот режим на возење, во кој ова Peugeot максимално го користи потенцијалот на повеќе од доволните 136 коњски сили.
Ова ни падна на памет не само поради триумфалниот начин на комплетирање на контролата на автономијата на e-208, туку и поради желбата целосно да ја истрошиме батеријата и да се префрлиме на втората фаза предвидена за следниот ден.
По вонредно користење и на обиколницата каде може да се вози побрзо, капацитетот полека се ближеше кон нула. Иако не е најсоодветно да се вози електричен автомобил во спортски режим, мора да им пренесеме на оние кои се скептични во однос на електрификацијата, дека e-208 во овој „mode“ вози како спортист, а при тргнување на семафор може да му позавидат и многу помоќни модели.
Процент |
Досег во км. |
Досег во км. |
10.00% | 26 км |
30 км |
20.00% |
58 км |
70 км |
30.00% |
91 км |
100 км |
40.00% |
122 км |
140 км |
50.00% |
154 км |
170 км |
60.00% |
188 км |
200 км |
70.00% |
221 км |
240 км |
80.00% |
254 км |
270 км |
90.00% |
286 км |
310 км |
100.00% |
311 км |
340 км |
Следниот ден ги трошиме последните километри низ град, на екранот конечно се појавува желка која симболизира дека автомобилот веќе има ограничени перформанси, по што го лоцираме e-208 на позиција за полнење и последните сили му ги „цедиме“ со греење и користење на инфо-забавниот систем.

Желката на 3D инструмент таблата означува дека капацитетот на батеријата е речиси исцрпен и автомобилот ги ограничува перформансите, за пофункционално искористување на последните километри
Информацијата дека сме веќе на 0% и дека e-208 работи навистина со последните резерви од батеријата, официјално ја активираше втората фаза од нашиот EV тест.
Истата подразбира мерење на времето за кое ќе се полни батеријата на ова Peugeot и тоа не само од 0 до 100 проценти, туку ги регистриравме интервалите за полнење на секои 10 проценти.
Бројките покажаа дека иако на релативно студено време со температура нешто над нулата, полнењето на e-208 во мрежата на EVN оди побрзо од она што го најавува производителот во својата официјална комуникација.
Она што утврдивме е дека првите десет проценти се полнат најбрзо, поточно за 37 минути, а потоа секои десет проценти варираат меѓу 39 и 47 минути. Производителот за секои десет проценти најавува процес кој трае 45-46 минути.
Сепак постои една отстапка, односно на нашиот тест, полнењето на батеријата од 99 до 100 проценти траеше цели 48 минути, а единствената логика да го чекате тој еден процент е само за потреби на тест како нашиот.
Peugeot официјално најавува дека за полнење од 0 до 100 проценти со проток на енергија од 7,4 kW се потребни 7 часа и 33 минути, а нам ни требаше 7 часа и 49 минути.
Но, ако ги одбиеме тие 48 минути потребни за само еден процент, тогаш стигнуваме до 7 часа и 1 минута или 421 минута за 99% наполнета батерија.

Целосното полнење на батеријата траеше 7 часа и 49 минути, но само за последниот не толку важен процент потрошивме 48 минути
Нормално, нашата препорака е воопшто да не се троши време за тој еден процент, а како што забележавте и од претходните бројки, спокојно може да стигнете до речиси секоја дестинација низ државата со батерија која е 80 проценти полна.
Полначите низ најголем број градови секогаш се резервен план за додавање по некој процент во зависност од времето со кое располагате, а за возачот на електричен автомобил дополнително смирувачко дејство има и фактот што располага со кабел за полнење на обичен, домашен приклучок, со што иако полнењето трае подолго, тој нема да остане без опција за „танкирање“.
Процент |
Време autofocus.mk |
Време WLTP |
0-10% |
37 минути |
45 минути |
10-20% |
40 минути |
46 минути |
20-30% |
39 минути |
45 минути |
30-40% |
43 минути |
45 минути |
40-50% |
41 минута |
46 минути |
50-60% |
41 минута |
46 минути |
60-70% |
45 минути |
45 минути |
70-80% |
45 минути |
45 минути |
80-90% |
47 минути |
45 минути |
90-100% |
91 минута |
46 минути |
90-99% |
43 минути |
/ |
99-100% |
48 минути |
/ |
Време на полнење (99%) |
7 часа и 1 минута |
/ |
Вкупно време на полнење (100%) |
7 часа и 49 минути |
7 часа и 33 минути |
Peugeot e-208 успешно ги мина двата „натпреварувачки дена“, па и покрај логичните можности за одредени отстапки во однос на бројките регистрирани кај трошењето на батеријата, станува јасно дека овој електричен автомобил овозможува реализација на секојдневните обврски или пак планирани патувања.
Напоменуваме дека возењето во градски услови и при поголема надворешна температура имаат позитивно влијание врз економичноста, односно во такви околности, може да се очекува и поголема автономија.
Од друга страна, претпоставуваме дека купувачите на ваков профил автомобил најмногу километри минуваат низ град, додека во ситуациите кога се решаваат за патување, брзината е приспособена не само на ограничувањата, туку и на карактерот на автомобилот чија максимална брзина е 150 км/ч.
Помалите трошоци за одржување и редовно сервисирање во споредба со автомобилите со мотор со внатрешно согорување повторно одат во корист на електричните изведби, а најголемата разлика ја прави заштедата во однос на трошоците за електрична енергија/гориво.
Овој елемент наскоро ќе ви го претставиме со детална пресметка во вториот дел од нашиот EV тест на Peugeot e-208.