Slide 1
Slide 1

Тестови

Тест: Peugeot 2008 1.2 Allure – Француски рецепт за автентичен SUV

Slide 1
Slide 1

Дизајнерската метаморфоза за која зборувавме и кај 208, овде како да ја достигнува кулминацијата, па формата и линиите на 2008 маестрално ја претставуваат визијата на Французите

26/05/2020

Популарноста на SUV моделите ги натера производителите не само на задолжително присуство во сегментот, туку и на дополнително фрагментирање со повеќе модели, кои ќе можат да покријат повеќе целни групи.

Peugeot меѓу првите реши да ја прифати новата реалност и го креираше кросоверот кој го доби името 2008, а првата генерација ги оствари целите и го подготви теренот за наследникот, кој сега уште посамоуверено може да го користи терминот SUV.

Новата генерација на Peugeot 2008 можеби не е најголем и најскап модел во гамата на францускиот бренд, но во моментов би било несоодветно ако не го третираме како неофицијален знаменосец на автомобилите кои го носат логото со лав.

Пријатно бевме изненадени од начинот на кој изгледа, на кој вози и содржините со кои 2008 располага уште при нашата прва средба, а тоа беше минатогодишната презентација за медиумите во Франција, додека не треба да се заборави ниту дека се работи за еден од првите модели во класата кој веќе има и електрична изведба.

Ние се концентрираме на примерокот кој го имавме на тест, а тоа беше Peugeot 2008 со докажаниот 1.2-литарски бензинец со 130 коњски сили, што значи покласична изведба барем во однос на погонската единица, иако се друго на овој автомобил е далеку од предвидливо.

Кога веќе е јасно дека речиси секој производител има по барем еден модел во оваа иста класа, јасно е дека тие се секојдневие и на улиците, но соочувањето со новиот 2008 и тоа како ги магнетизира погледите.

Дизајнерската метаморфоза за која зборувавме и кај 208, овде како да ја достигнува кулминацијата, па формата и линиите на 2008 маестрално ја претставуваат визијата на Французите.

Упадливата маска со лав во средината, името на моделот на поклопецот и „лавовските заби“ во вид на LED дневни светла се надополнети со неправилните форми на страничните делови кои се вакцина за монотонија и сакаат да си играат со рефлексијата од сончевите зраци. Задниот дел го носи препознатливиот хоризонтален елемент во црна боја кој ги спојува светлата во една целина, при што важна улога игра и испишаното име на брендот.

Од визуелните промени, мора да се истакне и похоризонталната форма на поклопецот на моторот, кој сега му дава на 2008 по-SUV-овски и поагресивен израз.

OLI_7274
OLI_7380
OLI_7370
OLI_7397
OLI_7351
OLI_7329
OLI_7313
OLI_7319
OLI_7279
OLI_7258

Exit full screenEnter Full screen

Кога вниманието го префрлувате на ентериерот, следува уште еден модернистички шок, иако за нас помал бидејќи веќе го почувствуваме кај 208, а тоа го подразбира новиот еволутивен чекор во креирањето на i-Cockpit.

Основата е задржана, па во игра е мал двојно засечен волан, високо поставена инструмент-табла, екран благо свртен кон возачот и мал број физички команди групирани како „шорт-кат“ копчиња за дел од менито на инфо-забавниот систем или најосновните функционални команди.

Атрактивниот, дигитализиран изглед на кокпитот е надграден со 3D инструмент табла која се добива веќе од второто, Allure ниво на опременост, а во ова модерно опкружување задача на возачот е да ја најде својата идеална позиција.

Пониските возачи може да имаат забелешки за видливоста на инструмент таблата, но од аспект на повисок возач, може да потврдиме дека се добива целосен преглед на 3D проекцијата, иако мора да забележиме дека во тој случај внатрешниот ретровизор малку ја попречува видливоста при вртење надесно.

OLI_7417
OLI_7431
OLI_7415
OLI_7440
OLI_7412

Exit full screenEnter Full screen

Со оглед на тоа дека новиот Peugeot 2008 порасна во должина и доби дополнителни сантиметри во меѓуоскиното растојание, не сме изненадени што на задната клупа има пристоен простор за патници, а тоа е и важната разлика во однос на 208, со кого дели иста платформа.

Во кабината има доволно простор за оставање предмети, напред покрај безжично полнење се добива и практичен држач за телефон, но и комбинација на класичен USB и USB-C приклучок. Незадоволство нема да има ниту во однос на багажиникот, кој уште во основа овозможува 434 литри и тоа во функционална форма.

Се префрлуваме на возењето и начинот на кој се однесува ова Peugeot во различни услови, користејќи ги предиспозициите на PureTech турбо-бензинецот со 130 коњски сил и вртежен момент од 230 Nm достапни на 1.750 вртежи.

По почетната адаптација во која почесто може да го слушнете звукот на трицилиндерецот, следува период на рафинирано возење во кое се чувствува напредокот во изолацијата на звуците од моторот и ветерот, при што забрзувањето до 100 км/ч трае респектабилни 8,9 секунди.

Шест-степениот мануелен менувач е позната територија, неговите подолги одови ве потсетуваат дека ова не е спортски автомобил и треба да се фокусирате на релаксирани моменти, а почетната адаптација ја олеснуваат и препораките за менување степен на пренос и тоа во два правца.

Ова истовремено влијае и за одржување на потрошувачката низ град меѓу 8 и 9 литри, односно на многу подобра бројка кога ќе се излезе од урбаниот метеж.

Peugeot 2008 доби многу напредни безбедносни системи, па возачот располага со автономното сопирање при детектирана опасност, одржување на движење во лента и задна камера со преглед од 180 степени, а повисоките нивоа на опременост вклучуваат и елементи како адаптивен темпомат со стоп&го функција.

Почетната цена на новиот Peugeot 2008 е 18.150 евра и мора да се потенцира дека и во таа верзија може да се пофали со богата опременост, додека Allure изведбата со моторот со 130 кс која ние ја имавме на тест чини 22.870 евра.

Во ситуација кога 2008 прерасна во семеен кросовер кој овозможува пријатни моменти на подолги делници и на задната клупа, но и со сите технолошки напредни системи кои се добиваат, цената го потврдува неговиот потенцијал и софистицирани вредности.

Со оглед на квалитетите кои ги поседува, нема да биде изненадување ако многу фанови на Peugeot го заменат и компактот 308 со овој помал, а сепак доволно голем SUV.

OLI_7247
OLI_7238
OLI_7233
OLI_7218
OLI_7211
OLI_7200
OLI_7188
OLI_7178

Exit full screenEnter Full screen

И не заборавајте, при соочување со лав најлоша опција е да му го завртите грбот. Препорачуваме да се запознаете со овој кој се вика 2008, а доволно е само да минете неколку километри зад воланот и ќе бидете заведени од неговиот карактер.

 

Повеќе содржини за Peugeot

Најнови содржини

Lexus го претстави новиот NX, првпат достапен и како плаг-ин хибрид
Мате Римац со порака до Маск поради игнорирањето на Nevera
Land Cruiser 300 носи темелни промени и проверен оф-роуд концепт на теренецот на Toyota
Alfa Romeo ќе го прослави 111. роденден со своите фанови