Slider

Тестови

Тест: Peugeot 208 1.2 Allure – Лавот ќе доминира во урбаната џунгла

Slider

Пристигнувањето во продажните салони само ја потврди констатацијата дека Peugeot 208 ја поседува самоувереноста на лавот со кој се идентификува брендот, а на домашна француска територија веќе неколку месеци по ред е продажен крал меѓу најчестите жители во урбаната џунгла

04/05/2020

Серијата „2“ има долга традиција и респектабилни резултати во историјатот на Peugeot, a тоа е дополнителен товар при подготвување на секоја нова генерација на автомобилот кој со децении ги претставува Французите во оваа конкуренција.

Култниот 205 ја започна оваа успешна приказна, па преку 206 и 207 кои оставија свој печат, веќе на располагање ја имаме и втората генерација на 208.

Во ситуација кога конкуренцијата испрати предизвик со своите последни и модерни решенија, Peugeot ја искористи спортската „нападот е најдобра одбрана“ и испорача автомобил кој е многу повеќе од вообичаена нова генерација, предвидена да прави продажни бројки наредните седум-осум години.

На новиот Peugeot 208 треба да се гледа како на современ концепт за автомобил во класата, или автомобил кој доби нова платформа, специјално подготвена шасија, дизајн кој освојува на прва, најнова изведба на i-Cockpit, како и технолошки системи од повисока класа.

Пакетот е комплетиран со електричната изведба, за која Peugeot реши дека треба да го користи истиот дизајн, па според тоа и купувачите можат полесно да направат избор кога одлучуваат меѓу бензин, дизел или изведба на струја.

Класичниот Peugeot 208 очекуваме во најголем процент да биде купуван со бензински мотор, а конфигурацијата со 1.2-литарски трицилиндерец со 100 коњски сили, 6-степен мануелен менувач и Allure ниво на опременост се покажа и како одличен избор за примерок за нашиот тест на малиот Французин кој порасна во должина и широчина, а е понизок од претходникот.

Дизајнерскиот тим на Peugeot уште еднаш ги помести стандардите со начинот на кој го интерпретираше новиот 208, а неговата динамична силуета е облагородена со специфичните LED дневни светла во облик на лавовски заби, како и 3D светлата на задниот дел кои се поврзани меѓу себе во црн хоризонтален елемент, во кој одлично се вклопува и името на брендот.

Следното GT Line ниво на опременост оди чекор подалеку со целосните LED светла на предниот дел, но и без нив 208 изгледа доволно атрактивно и предизвикувачки, гордо носејќи го лавот на маската на ладилникот и името на моделот над него.

Пристигнувањето во продажните салони само ја потврди констатацијата дека Peugeot 208 ја поседува самоувереноста на лавот со кој се идентификува брендот, а на домашна француска територија веќе неколку месеци по ред е продажен крал меѓу најчестите жители во урбаната џунгла.

Ако е јасно дека тешко можат да се најдат забелешки за начинот на кој е „извајан“ новиот 208, следува соочувањето со вториот дел од испитот, а тоа е капацитетот и концептот на ентериерот.

Full screenExit full screen

Slider

Еволуцијата на i-Cockpit донесе 3D дигитална инструмент табла која е дел од Allure нивото на опременост, заедно со препознатливиот мал и спортски двојно засечен волан, 7-инчен централен екран и „шорткат“ пијано физичките команди, најчесто наменети за побрзо влегување во одреден дел од менито на инфо-забавниот систем.

Архитектурата на просторот околу возачот e важен предуслов за успех во оваа класа, а позитивни поени за 208 носи активирањето на моторот на копче, држачот за мобилен телефон, USB приклучоците и чистиот изглед на централниот гребен.

За таа цел се жртвувани класичните команди за клима-уредот, комбинацијата со мануелен менувач значи помалку простор за предмети во овој дел, а во оваа класа не е изненадување што е искористена потврда пластика на деловите со кои возачот има поредок контакт и за кои е поважно да бидат издржливи.

Оваа генерација на Peugeot 208 ја проби границата од 4 метри во должина, но јасно е дека патниците на задната клупа мора да имаат поскромни очекувања во однос на возачот и совозачот, односно нивниот простор е далеку поограничен. Во однос на капацитетот на багажникот, овој автомобил доаѓа со простор за 311 литри, со што францускиот супкомпакт е во просекот на класата.

Full screenExit full screen

Slider

Активирањето на моторот го означува нашето соочување со веќе потврдениот 1.2-литарски PureTech бензински мотор со 100 коњски сили, кој е интересно решение со поголема зафатнина во однос на ривалските агрегати со три цилиндри, а поради тоа има и свои квалитети кои го прават поразличен од другите.

Свежата крв на 208 нуди забавни моменти во сообраќај, а во однос на импресиите кои ги добивме зад управувачот нa ова Peugeot, јасно е дека инженерите се потрудиле да стигнат до попрецизно управување, но и подобар баланс меѓу комфорот и динамичноста.

Новата генерација на 208 нема да разочара со своето однесување во свијоци, a во комбинација со 16-инчни тркала истовремено добро се снаоѓа на проблематичните делови од улиците. Во насока на подобрен комфор оди и изолацијата која сега е на повисоко ниво, со што Peugeot 208 има уште еден важен критериум за својата „апмаркет“ позиционираност во Б сегментот.

Бензинецот со 100 коњски сили испорачува повеќе од солиден максимален вртежен момент од 205 Nm, достапни на 1.750 вртежи, како и забрзување до 100 км/ч за 9,9 секунди, што ја комплетира генералната слика дека со оваа конфигурација се добиваат повеќе од доволни перформанси за ваков тип автомобил.

Full screenExit full screen

Slider

Вибрациите од моторот се добро изолирани најмалку до 120 км/ч, а дисциплинираната комуникација со 6-степениот менувач, кој ги задржува подолгите одови, овозможува просечна потрошувачка од нешто повеќе од 7 литри во градско возење.

Почетната цена на Peugeot 208 e 12.990 евра, конкретниот примерок кој го имавме на тест чини 16.600 евра, но очекуваме оваа комбинација на погонска единица со Allure ниво на опременост и дел дополнителна опрема да биде најбарана и меѓу македонските купувачи. Дополнителната инвестиција во GT Line нивото носи дополнителен бенефит во однос на вклучените елементи, а во игра се и бензинците со 75 и 130 кс, дизел моторот со 100 кс, како и електричниот 208.

Новата генерација на Peugeot 208 е големо освежување во класата, а „wow“ ефектот кој го предизвикува со дизајнот и уредувањето и квалитетната изработка на ентериерот е надополнето со посакувана технолошка поткованост и потврдени погонски единици.

Соочувањето со овој автомобил не може да ве остави рамнодушни, Французите внимавале на секој детаљ започнувајќи од шасијата, па до последната линија повлечена од дизајнерите, а ваквата посветеност и убедлива појава можеби заслужуваше и целосно нов број во моделската ознака.

Но, убедени сме дека и како втора генерација на 208, ова космополитско Peugeot долги години ќе биде трендсетер во класата, a неговиот потенцијал веќе е потврден со многу признанија, меѓу кои и тоа за Европски автомобил за 2020 година.

Повеќе содржини за Peugeot

Slider

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider