Тестови
Тест: Peugeot 3008 1.5 BlueHDi – Поливалентно задоволство во SUV класата
Трансформирајќи го од моноволумен во трендовски SUV модел, Peugeot најави дека новиот 3008 ќе се издвојува од конкуренцијата и ќе наметне нов мини-сегмент, најмногу за купувачите кои ќе решат дека новиот семеен автомобил треба да биде во SUV формат.
Таа најава беше еден вид ветување дека 3008 е подготвуван по специфичен концепт, ќе се издвојува од конкуренцијата и на најдобар начин ќе ја дефинира „апмаркет“ стратегијата на францускиот бренд.
Речиси еден милион возачи веќе имаат привилегија секојдневно да се дружат со 3008, а новата, освежена изведба ќе биде задолжена да продолжи да се движи по истата траекторија и да го заокружи успешниот од на актуелната генерација на моделот.
Со дизајн кој експлицитно го најавува присуството на „лавот“ во опкружувањето, Peugeot 3008 доби освежување на екстериерот со кое не се нарушува основата на претходникот, а дизајнерите вметнаа и дополнителни елементи на маската, со кои се наострува погледот на „кралот на џунглата“.
По примерот на роднините кои дебитираа изминативе години, 3008 ги доби вертикално поставените LED дневни светла кои станаа заштитен знак на брендот, а „фрејмлес“ решетката е поврзана со светлата кои добија нова форма за уште позаканувачки поглед на „лавот“.
Peugeot добро го процени карактерот на купувачите во сегментот, па се концентрираше на премиум амбиентот во кабината, просторноста и опременоста, како надградба на докажаните погонски единици.
Веќе препознатливиот i-Cockpit според нас најдобро се вклопува во кабината токму на 3008, едноставно не постои ергономски проблем за возачот и секој негов елемент е на вистинско место. Тој удобната позиција ја комбинира со управувањето со малиот двојно засечен волан, кој одлично му прилега на секој автомобил потпишан од Peugeot.
Простор за оставање телефон и други предмети има сосема доволно, USB и 12V приклучоците се умешно сокриени, а она на што возачот треба да се адаптира е инфо-забавниот систем.
Со веќе познатите „шорткат“ физички команди, може да се стигне до деловите од менито на екранот, а потоа и да се избере дополнителна опција преку комуникацијата со допир.
Тоа подразбира дека на тој начин се контролираат и најголем број функции на клима-уредот или аудио системот, па возачот мора накратко да го пренасочи погледот кон екранот, но од друга страна се добива навистина минималистичка и функционална централна конзола.
Покрај просторот во сите насоки за возачот и совозачот, Peugeot 3008 обезбедува солиден простор и на задната клупа, а патниците на располагање имаат основни 520 литри во багажникот. Она што сигурно го подобрува впечатокот се и меките површини на сите позиции кои се на дофат на рацете на возачот.
Примерокот кој го имавме на тест располагаше со 1.5-литарскиот турбо-дизел мотор со 130 коњски сили и поврзан со шест-степена мануелна трансмисија.
Peugeot 3008 веќе докажа дека е солиден во однос на комфорот и однесувањето при подинамично возење, а може да се пофали и со економичноста на погонската единица. Се работи за категории каде 3008 си има поставено стандарди кои не ги напушта и за кои гарантираат над 800.000 купувачи на еден од најпродаваните SUV модели во Европа.
Производителот најавува просечна комбинирана потрошувачка од 4,2 литри на 100 километри, а ние во слични услови возевме со потрошувачка под 6 литри. Тоа значи дека и со поголем процент поминати километри низ град, новиот 3008 нема да биде голем товар за буџетот и ќе биде еден од најекономичните модели во класата.
Сегментот каде Peugeot влева сигурност е опременоста, па така уште во сериската опрема се добиваат најзначајните елементи и купувачите немаат причина за посериозни, дополнителни инвестиции.
Ние го имавме на располагање второто ниво наречено Active Pack, а меѓу другото во него се вклучени најважните безбедносни системи, дигитална инструмент табла, 8-инчен екран, камера со преглед од 180 степени, 17-инчни тркала, стартување на копче, двозонска клима и друго.
Во ова издание, Peugeot 3008 со промотивната цена чини 28.633 евра, со напомена дека почетната цена со бензински мотор изнесува околу 25.000 евра. Во категоријата на бензинци, 3008 e достапен со сосема доволни 130 коњски сили, но и уште една помоќна верзија со 180 кс.
Со новиот 3008, францускиот бренд ја продолжи и „Power of Choice“ стратегијата, со која овој SUV ќе биде достапен и во две плаг-ин хибрид изведби (225 и 300 кс), а тие им се достапни и на македонските купувачи.
Добитникот на признанието „Европски автомобил за 2017 година“ пристигна во освежено издание во вистински момент, обезбедувајќи им на купувачите уште подобри карактеристики и повеќе опрема, како и електрифицирани варијации кои се посебно важни за земјите кои обезбедуваат субвенции за овој тип автомобили.
Традицијата вели дека во најголем број случаи, споменатата престижна награда ја добиваат модели кои со себе носат поместување на одредени стандарди и иновативни решенија, а тоа најдобро го дефинира модерниот SUV познат како Peugeot 3008.
Со својата појава прави разлика на улица, со кокпитот ве пречекува во една хај-тек варијација на премиум амбиент, а со функционалноста и возниот карактер не дозволува расипување на впечатокот и по илјадници минати километри.
Поливалентниот карактер на 3008 ве транзитира од едно на друго задоволство и таа приказна се раскажува долго, најмалку до пристигнувањето на новата верзија, за која Peugeot сигурно подготвува уште поинтересно сценарио.
Повеќе содржини за Peugeot: