Тестови
TЕСТ: Peugeot 308 1.5 HDi GT – Фантастичен дизајн и префинет ентериер преку кои 308 станува фаворит во компакт класата
Поголемата должина споредено со претходната генерација, овозможува повеќе простор во кабината, но и повеќе слобода за дизајнерите на брендот.
Помина безмалку една деценија откако францускиот производител постепено го воведуваше новиот дизајнерски правец во моделите на својата гама, започнувајќи со 3008, потоа 508, а од неодамна и преку хеџбекот 208, заедно со неговата кросовер изведба – 2008.
Стратегијата за позиционирање на Peugeot повисоко помеѓу масовните брендови беше заокружена минатата година, преку лансирањето на новата генерација на 308.
Новата 308-ка започна да се дистрибуира низ салоните на крајот на минатото лето, а ние месецов имавме можност да поминеме неколку дена со новиот конкурент на Golf и Astra. Ова се нашите впечатоци.
Надворешност
Поголемата должина споредено со претходната генерација, овозможува повеќе простор во кабината, но и повеќе слобода за дизајнерите на брендот.
Хеџбек изведбата, која ја имавме на тест, е за 11 сантиметри подолга од претходната генерација, а за 55 милиметри е поголемо и меѓуоскиното растојание.


Предниот дел во линија на дизајнерскиот правец на Peugeot, кој во 308 е надополнет со рамни светла од кои излегуваат вертикални ленти, во кои се поставени дневните светла.
Значката со новото лого, зад кое се сокриени радарските сензори, е поставена на големата решетка на ладилникот. LED светлата сега се стандард во сите пакети на опрема.
Однадвор 308 има динамичен и спортски изглед. Вертикално поставената рамка од прозорецот пред задниот кровен носач, асоцира на дизјан типичен за брендот, но по малку потсетува и на незаборавниот 205. Задните светла, исто така, имаат LED технологија во сите пакети на опрема.
Управување и комфор
При првото седнување во кокпитот на новиот 308, се забележува дека оваа генерација нуди многу повеќе за сите патници во кабината. Квалитетните и удобни материјали, иновативниот специфичен дизајн и вниманието посветено на комфорот доведуваат до впечатокот дека ниту еден конкурент од “C” сегментот не е рафиниран до степенот до кој е рафиниран овој 308.



Но, одлуката за купување на овој компакт, во голема мера се носи под влијание на управувањето, суспензијата и комфорот при возењето. Токму во однос на управувањето и агилноста, Peugeot има навистина силна конкуренцијата во сегментот од страна на Ford Focus и VW Golf и Kia Ceed.
И токму во овие неколку параметри, новиот 308 го постигнува најголемиот напредок споредено со претходната генерација. Новиот 308 има прецизно и рафинирано управување, кое заедно со суспензијата, го прави возењето низ свиоци вистинско уживање.
Мотори
Примерок кој го имавме на тест, го придвижува дизел Blue HDi мотор со четири цилиндри, 130 hp и 8-степена автоматска трансмисија, додека за потенцијалните купувачи на располагање се и два бензински мотори (110 и 130 hp) и два плаг-ин хибридни изведби (достапни само со GT и GT Pack нивоа на опрема).
Вртежниот момент од 300 Nm на 1.5-литарскиот дизел мотор е солиден за лесно возило во компактниот сегмент како што е 308. Силата на моторот е доволна за достигнување на 100 km/h за десетина секунди.
Но, помеѓу најважните податоци за купувачите на возило со дизел мотор е и оној за потрошувачката. Според нашето неколкудневно искуство, потрошувачката во комбинирани услови на возење не би требало да надмине 4.5 литри на 100 километри.
Идните сопственици не би требало да вложуваат многу напори за да добијат слична потрошувачка и во градски услови на возење. Конфигурацијата на 8-степениот автоматски менувач, во голема мера го олеснува нивниот напор.
Ентериер
Новата генерација на 308 беше уште една прилика за дополнително рафинирање на комбинацијата од мала инструмент табла и мал спортски управувач.
Peugeot пред околу 6 години го воведе I-Cockpit концептот, кој вклучува мал, спортски и ниско поставен волан, над кој е поставена минималната инструмент табла.





При воведувањето, различните вкусови на купувачите предизвикуваа различни мислења околу авангардниот концепт, но оттогаш, со секоја следна генерација, Французите дополнително го унапредуваат, а според продажните резултати на моделите на Peugeot, купувачите дефинитивно го прифатија концептот.
Во повисоките пакети на опрема, како што е GT, 3D дисплејот на дигиталната инструмент табла не остава простор за дилеми кај купувачите.
Впечатокот при седењето во возачкото седиште го надополнува одлично изведената комбинација на централната конзола која е составена од 10-инчен екран осетлив на допир, чиј долен дел продолжува со 5 прекинувачи осетливи на допир, кои можат да бидат конфигурирани за исвршување на специфични функции во зависност од желбата на возачот.
Интересно е што тие може да се конфигурираат за активација на радиото или навигацијата, но, на нив може да се меморира и конкретен телефонски број, или конкретна дестинација од системот за навигација.
Заклучок
Со новата генерација на 308, Peugeot го заокружува своето портфолио со новиот дизајнерски правец, кој веќе одамна го помина тестот кај купувачите.
Но, комплетниот впечаток, освен дизајнот, го формираат и префинетиот ентериер, новата технологија, агилноста при возењето и меката суспензија.