Тестови
ТЕСТ: Peugeot 308 PHEV Active – одличен баланс помеѓy комфор, возни перформанси и хибридна технологија
Се забележува токму комплетна спротивност од ентериерот на сестринскиот конкурент - Opel Astra, чиј ентериер (па и екстериер) е дизајниран со рамни, прави површини.
Во очекување на лансирање на комплетно електричната изведба на 308, во меѓувреме на тест ја добиваме плаг-ин хибридната изведба на компактот.
Иако популарниот компакт низ годините изгради сопствен идентитет и препознатливост кај купувачите, сега под притисок на електрификацијата, повторно мора да се докажува, особено во однос на погонот, батеријата, електричната автономија – неколку параметри кои се клучни за финалната одлука на купувачите во 2022 година.
Уште при првичната обиколка на возилото пред салонот на Еуроимпекс во Скопје, не дочекува новото доминантно лого зад кое се сокриени радарските системи.
Хибриден погон
Го добивме компактот со полна батерија, која овозможува во првите 50-тина километри да се чувствувате како да возите комплетно електричен автомобил, без емисија на Co2.




Можеби 50 километри не звучат како многу, но нам ни беа сосема доволни за еднодневно возење при тековно извршување на секојдневните обврски во градски услови.
Оние кои живеат во куќа и имаат услови за секојдневно полнење на батеријата, и се доволно педантни и дисциплинирани да го прават тоа, ретко ќе имаат потреба да застанат на бензинска станица.
Полнењето во домашни услови е најпрепорачливо, со оглед на тоа што околу два часа се доволни за комплетно полнење на батеријата со капацитет од 12.4 kWh.
Освен што е штедлив, електричниот мотор со капаците од 81 kW и сила (вртежен момент) од 320 Nm овозможува прилично убедливи спортски перформанси.
Од друга страна, кога возите со умерено темпо, чувството на возење во компактот е навистина пријатно и мирно. При електирчниот режим на возење, компактот може да постигне максимална брзина од 135 km/h.
Возни својства
Но, штом ќе ги поминете првите 50-тина километри, 1.7 тони тешкиот компакт речиси комплетно е придвижуван од страна на 1.6-литарскиот бензински мотор со сила од 150 hp. Велиме “речиси” бидејќи тука е и системот за рекуперација, кој овозможува плаг-ин хибридот да се однесува и како самополнечки хибрид кој генерираната сила ја претвора во електрична енергија, која се складира во батеријата и е подготвена за повторна употреба.
Сепак, управувањето на Peugeot 308 само со силата на бензинскиот мотор воопшто не е напорно и тешко. Напротив, прецизниот управувач, во комбинација со одлично балансираната суспензија, го прават возењето многу агилно, па често самиот автомобил ве предизвикува на подинамичен стил на возење, при што амортизерите доста умешно ги неутрализираат нерамнините на патот.
Не може, а да не се забележи хармонијата во која работат бензинскиот и електричниот мотор, чија сила се пренесува на предната оска преку автоматската осум-степена трансмисија.
Особената респонзивност на погонот и прецизноста на системот за трансмисија се забележува најмногу во спортскиот режим на возење.
Ентериер
Удобноста на возењето, додека седиме во комфорните седишта, остава простор да погледнеме малку подетално во кабината. Веднаш се забележува дека ентериерот е составен од фини, меки материјали, помеѓу кои доминира новиот инфотејнмент систем.
Практичноста на кабината е изразена и преку многубројните прегради кои овозможуваат кокпитот постојано да биде уреден.





Дизајнот на целиот кокпит е агресивен, со многу детали, форми и површини кои суптилно се надополнуваат. Оние кои стравуваа дека по спојувањето на Peugeot во иста групација со германски Opel, германските и француските модели ќе изледаат безмалку идентично, стравувале без потреба.
Се забележува токму комплетна спротивност од ентериерот на сестринскиот конкурент – Opel Astra, чиј ентериер (па и екстериер) е дизајниран со рамни, прави површини.
Очигледно е дека менаџментот на Stellantis мудро се обидува да таргетира различни купувачи за своите два компакти.
Заклучок
Во целиот асортиман на опции за избор помеѓу погонот и пакетите на опременост, ни се чини дека и по долго размислување, и ние би ја избрале токму конфигурацијата која ја имавме на тест. Вреди да се напомене дека постои уште една помоќна хибридна изведба, но токму тестниот модел се чини дека ја погодува онаа точка во која се идеално се софпаѓаат цената и перформансите.
Комбинацијата од комфор при возењето, модерен ентеиер и електрична автономија доволна за урбани средини се заеднички именител за најголем дел од потенцијалните купувачи.
Французите го знаат тоа, и знаат дека повторно имаат супериорен модел подготвен за трка за местото број 1 на табелата според продажбата во сегментот.