Slider

Тестови

Тест: Peugeot e-208 Allure – Трендсетер со електрично срце

Slider

Возењето електричен автомобил е посебно искуство, бидејќи возачот се префрла во еден сосема поинаков „режим“, тивкиот, а сепак потентен погон, истовремено релаксира и ревносно го следи темпото диктирано од ногата на неговиот „претпоставен“

24/07/2020

Приближувањето на електрификацијата до купувачите на подостапни и градски автомобили има позитивен ефект врз целиот амбициозен процес, а инвестициите на производителите донесоа збогатување на понудата и солидна автономија со едно полнење на батеријата.

Изминатиов период Peugeot се наметна како сериозен играч на електрифицираната територија, па во продажните салони веќе има електрични изведби на ултра популарните 208 и 2008.

Благодарение на македонскиот импортер „Еуроимпекс“ добивме можност да го запознаеме атрактивниот е-208, кој во однос на формата не е ништо поразличен од класичните изведби на 208, но посебен предизвик е неговата погонска единица и начинот на кој ги извршува секојдневните обврски во сообраќај.

Неодамна го тестиравме Peugeot 208 со бензински мотор, а импресиите за изгледот и дизајнот на градскиот автомобил остануваат непроменети, тој станува главна ѕвезда каде и да се појави и поседува карактер со кој се претвори во гордост на брендот, но и својата класа.

Разликите кај e-208 се минимални, па освен карактеристичната сина боја која му стои одлично на автомобилот, тука е и ознаката „е“ на екстериерот која лесно се забележува, маската и големиот лав поставен на нејзината средина со детали во боја на каросеријата.

Потврдените квалитети на i-Cockpit имаат важна улога во креирањето на амбиентот во кабината, во чија централна конзола уште подобро се вклопува и „командантот“ на автоматската трансмисија, а возачот на дигиталната инструмент табла може да ја следи и состојбата на батеријата и статусот на нејзиното полнење, односно трошење.

Full screenExit full screen

Slider

Овој пат ќе се фокусираме на погонот на Peugeot e-208, кој според спецификацијата подразбира електро-мотор со моќност од 136 коњски сили и постојано достапен вртежен момент од 260 Nm. Енергијата се складира во 50 kWh батерија, што според најавите на производителот обезбедува автономија од 340 километри.

Возењето електричен автомобил е посебно искуство, бидејќи возачот се префрла во еден сосема поинаков „режим“, тивкиот, а сепак потентен погон, истовремено релаксира и ревносно го следи темпото диктирано од ногата на неговиот „претпоставен“.

Одличната управливост и поставеноста на батеријата на долниот дел од автомобилот овозможуваат посакувани возни карактеристики, па возачот и не ја чувствува разликата од околу 300 килограми кај потешкиот e-208. Притоа, Peugeot користи платформа која е наменета за автомобили со батерија, па затоа и нема негативни последици од нејзиното поставување и во однос на просторот за патниците и капацитетот на багажникот.

Автономијата ги оправдува очекувањата, а отстапувањето од специфицираните 340 километри може да бидат последица на поголеми брзини во спортскиот режим на возење и екстремни надворешни температури.

Возењето низ град со вообичаени брзини кои може да се постигнат и користењето на сопирачките кои регенерираат енергија, овозможуваат реализирање на она што е најавено од производителот.

Сето ова е само потврда дека градски автомобил како e-208 има голем потенцијал со една батерија и при вообичаена урбана експлоатација, потребата од полнење може да се јавува дури и само еднаш за време на работната недела.

Возачот на располагање има Еко, Нормал и Спорт режим на возење, при што погонот ја ограничува моќноста  на 82 и 106 коњски сили во првите два, а ги става на располагање максималните 136 коњски сили при изборот на Спорт на командата поставена на централната конзола.

Тоа воопшто не се ни чувствува поради брзата реакција на погонот изразена со вртежниот момент од 260 Nm, при што e-208 дисциплинирано излегува на крај со предизвиците.

Полнењето на батеријата е поглавје кое најчесто отвора прашања меѓу потенцијалните купувачи. Во случајот со Peugeot e-208 најмалку практично е полнењето на обичен домашен приклучок на електрична енергија, бидејќи на тој начин се потребни повеќе од 25 часа за целосно полнење на батеријата.

Со 7,4 kW полнач, процесот трае околу 8 часа, додека со 11 kW полнач, полнењето трае околу 5 часа, при што засега може да се користат и јавните, на одреден период бесплатни полначи на ЕВН.

Важно е да се напомене дека AC полнењето е ограничено на 11 kW, додека DC полнењето на брз полнач стигнува до 100 kW, па на ваков полнач батеријата целосно се полни за 50-тина минути или стигнува до 80 проценти за половина час. Отстапките во математиката се поради фактот што последните 20 проценти од полнењето одат поспоро за да се заштити батеријата, па дури и не се препорачува целосно полнење од страна на сите производители.

Full screenExit full screen

Slider

Однесувањето на возачите во земјите каде електричните автомобили се побројни, говори дека полнењето станува еден вообичаен ритуал, посебно што и неколку часа на полнач, обезбедуваат автономија за ден-два. Пред дваесетина години ретко кој можеше да помисли дека ќе треба на ваков начин да се грижиме и за обичен телефон, па полнењето и обврската за носење полнач ни стана секојдневие.

Економичноста не е доведена во прашање и тоа поради најмалку два аспекта. Првиот е што за 100 километри со e-208 ви е потребна електрична енергија која чини околу 50 денари, додека за бензинската изведба со слична моќност се потребни најмалку пет пати повеќе средства за гориво.

Не смее да се занемарат и трошоците за одржување, бидејќи тоа е уште еден елемент во кој електричната изведба на 208 има предност во однос на изведбите со мотор со внатрешно согорување.

Редовните сервиси имаат идентично значење, но кај e-208 ќе биде направена само проверка на елементи како сопирачки, сингализација, подвозје, светла и ќе биде променет филтерот за климата во кабината. Поради ова, цената за сервисот ќе биде многу помала бидејќи кај електричните автомобили нема потреба од менување масло, останати филтри и елементи на погонската единица.

На долг рок ова е уште еден аспект кој ја прави инвестицијата во електричен автомобил доволно разумна, посебно во земјите каде разликата во цена е помала поради субвенциите од државата.

Full screenExit full screen

Slider

Јасно е дека цената на Peugeot e-208 кој го имавме на тест (36.060 евра) е повисока од таа на класичниот 208 со 130 кс и автоматска трансмисија, но пониските трошоци за возење и одржување ветуваат намалување на разликата за време на користењето.

Она што е бесценето е пионерското чувство да се вози електричен автомобил во периодот кога во нашата земја тие се вистински раритет, но и кога е-208 воодушевува со начинот на кој е постигната „нирвана“ при комбинирањето на бесчујниот погон и натпросечните перформанси за автомобил од овој сегмент.

Трендовите за иднината се нашата реалност во подготовка. Градските автомобили на електричен погон имаат голем потенцијал поради функционалноста, респектабилната автономија и перформансите со кои ги надминуваат класичните изведби.

Електричниот Peugeot e-208 лесно влегува под кожа и по дружењето со него отвора нови хоризонти во менталитетот на возачот.

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider