Slider

Тестови

Тест: Range Rover Evoque D150 AWD – Есенција на вредности кои создаваат голем SUV заводник

Slider

22/06/2020

Тивка еволуција на дизајнот при промена на генерациите можат да си дозволат само одреден број автомобили.

Трендовите и освежената конкуренција во циклусот кој трае нешто помалку од една деценија, најчесто носи сериозен предизвик при одредувањето на новиот „стајлинг“, но тоа не важи за модел како Range Rover Evoque.

Екстравагантниот SUV ги помести стандардите во премиум конкуренцијата, со своите продажни бројки ги затвори устите на скептиците и се претвори во автомобилски инфлуенсер, кој гордо и заслужено го носи натписот Range Rover.

Пристигнувањето на втората генерација донесе флуидна метаморфоза, во која RR Evoque остана препознатлив и доследен на првичната идеја, а истовремено доби дополнителна привлечност со умешно освежување на екстериерот, со детали кои веќе добија комплименти кај поголемиот Velar.

Evoque останува синоним за стил и луксуз, но и Land Rover гени во кои е вклучена и способноста да се носи со покомплицирана подлога од асфалтот. Впрочем, тоа го потврдува и потписот во вид на овално лого на матичниот бренд на предниот и задниот дел.

Full screenExit full screen

Slider

Статусот на заводник меѓу компактните SUV модели, Evoque го задржува со препознатливиот имиџ и костимографија, а на новата генерација одлично и стојат тенките светла, умешно интегрирани до маската на ладилникот и повпечатливите дифузери.

Силуетата останува во знакот на линиите на вратите, односно покривот кои се ближат една кон друга на задниот дел, креирајќи уникатно атрактивен изглед на овој автомобил, додека на задниот дел, во минималистички стил се поставени светлата и крупно испишаното име на брендот на црната хоризонтална основа поставена меѓу нив.

Не треба да се заборават ниту скриените рачки на вратите кои се одвојуваат од основата, само откако ќе биде отклучен автомобилот, уште еден мал специјалитет кој групацијата веќе го користи на повеќе модели. Тој има посебен, шмекерски ефект на патниците, посебно на оние кои првпат се запознаваат со Evoque и сакаат да ви пријават дека рачките „исчезнале“.

За разлика од дизајнот, техниката и технологијата бараат потемелна надградба со секоја нова верзија, а тоа повторно е само позитивно за купувачите, кои во Range Rover добиваат се што треба да имаат.

Актуелниот Evoque доби целосно нова и понапредна платформа, која овозможи и користење на 48V технологија како поддршка за погонските единици, како и плаг-ин хибрид изведба која ќе биде достапна за купувачите, најавувајќи ја трансформацијата во процесот на електрификација.

Должината на Evoque е 4,37 метри, меѓуоскиното растојание е зголемено до 2.681 милиметар, што ја подобрува ситуацијата со колената на задната клупа, а капацитетот на багажникот располага со почетни 591 литар. Како важна придобивка е и зголемениот волумен за оставање разни предмети низ кабината.

Ентериерот е територија каде Range Rover не дозволува да се најдат многу замерки, па иако зависи и од начинот на персонализација и изборот на купувачот, во основа околу возачот се квалитетни и меки материјали, кои одлично се вклопуваат во дигиталниот свет, во кој е влезен и кој одлично му прилега на Evoque.

Електриката на седиштето овозможува брзо наоѓање на идеалната позиција за возачот, а тој со новата рачка за автоматската трансмисија добива и повеќе простор за предмети на централната конзола. Во примерокот кој го имавме на тест, малку непрактично ни делуваше само поклопецот на средината, на кој мора да му најдете место доколку сакате да ставите нешто во и околу држачот за чаши.

Но, тоа е навистина ситница, бидејќи под централниот потпирач за раце има многу простор, опции за поврзување на секакви уреди, а возачот пред себе ужива во дигитална инструмент табла и два екрана.

Во рамките на Touch Pro Duo системот, горниот 10-инчен екран е задолжен за најголемиот број функции на автомобилот, навигацијата и поврзувањето со телефон, додека на долниот екран е достапно менито за венталиција на воздухот, седиштата, како и Terrain Response 2 опциите кои возачот ги користи во зависност од подлогата по која вози.

Full screenExit full screen

Slider

Актуелната втора генерација на Evoque е достапна со 2.0-литарските Ingenium бензински и дизел мотори, а ние имавме оптимална изведба, односно турбо-дизел мотор со 150 коњски сили, MHEV технологија и погон на четири тркала.

За многумина, моќноста на моторот и вртежниот момент од 380 Nm во комбинација со 9-степена автоматска трансмисија ќе биде пристоен избор и ќе можат да инвестираат во повеќе од понудените опции за надградба на сериската опрема.

Стартувањето на моторот на копче официјално ве најавува во светот на Evoque, угледниот SUV ги впрегнува своите предиспозиции за да ги исполни очекувањата на возачот. Тоа искуство започнува со предењето на моторот, кој е речиси целосно изолиран и воопшто не се наметнува, се додека нема нагло користење на неговиот потенцијал, ситуација во која очекувано и Ingenium покажува дека има „свое јас“.

За спринтот до 100 км/ч се потребни 11,2 секунди, што не е изненадување за 1,8-тонскиот SUV, но тука се и постартните роднини, предводени од бензинецот со 300 коњски сили на кого му се потребни само 6,6 секунди за истата операција.

Перформансите не се приоритет на најмалку моќниот мотор во понудата, но тоа не значи дека ќе се соочите со инфериорност. Задача на возачот е концентрирање на есенцијалното чувство при возењето и релаксирано ситнење на километрите, опкружен во луксузен салонски амбиент.

Насмевките зад волан не се забранети, бидејќи соседите и онака веќе ви завидуваат.

Досега успешната филозофија обезбедува навистина позитивни импресии и реални очекувања за движење по иста траекторија, посебно што на располагање на возачот му се и докажаните оф-роуд квалитети на Range Rover.

Овој премиум SUV има поволна геометрија со пристапен агол од 22 степени, клиренс од 21 сантиметар и можност за минување низ вода висока до 60 сантиметри.

На располагање се уште неколку системи кои ја олеснуваат задачата дури и на најекстремна подлога, па тука е асистенцијата при тргнување во нагорнина и движење во надолнина, како и All Terrain Progress Control функцијата која значи ограничување на брзината меѓу 1,8 и 30 км/ч, со што возачот може да се концентрира на управувањето во некоја комплицирана ситуација.

Најавената просечна потрошувачка не може да се реализира во реални услови, но просекот од 8-9 литри нема да ги загрижи они кои решиле да инвестираат во фабрика за задоволства каква што е Range Rover Evoque.

Истото се однесува и на ценовната поставеност, бидејќи Evoque започнува со цени од 46.500 евра за опцијата со дизел мотор со 150 кс, автоматска трансмисија и погон на четири тркала.

Примерокот кој ние го имавме на тест е со повисоко ниво на опременост и посакувана надградба од дополнителната опрема, но во моментов има акциска цена од 58.500 евра. Со оглед на тоа што поседуваше конкретниот автомобил, вклучувајќи 20-инчни тркала, надворешен пакет со црни елементи, дигитална инструмент табла, панорамски покрив и друго, ова е повеќе од атрактивна цена за тоа што се добива со потписот на Range Rover.

Можеби посветивме повеќе внимание на естетиката, луксузот и автентичноста на Evoque, но тоа не значи дека нема што да се зборува и во однос на безбедносните системи и долгиот список интересни технологии, кои го олеснуваат секојдневниот сообраќаен притисок.

Тие во голем дел се вклучени и во почетните нивоа на опременост, но оставен е и простор за приоритетите на различни купувачи. За овој сегмент би ни бил потребен многу простор, па заинтересираните ќе ги препратиме на презентација кај продажните експерти на Jaguar Land Rover, во салонот на улица Скупи.

Ако досега не сте заведени од Range Rover Evoque, тогаш сигурно ќе почнете да верувате во љубов на втор поглед.

Full screenExit full screen

Slider

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider