Slider

Тестови

Тест: Range Rover Velar R-Dynamic S – Луксузно задоволство за сите сетила

Slider

Range Rover Velar е скроен да се движи слободно и на долги делници и на тој начин со секој километар да продуцира задоволство кое сигурно ќе ја оправда инвестицијатa

06/12/2019

Потписот на Range Rover во портфолиото на Land Rover има посебна тежина, автомобилите со RR ознака ги истакнуваат карактеристиките како луксуз, префинетост и естетика, но задржуваат и голем дел од оф-роуд способностите кои се традиција и императив на претставниците на британскиот бренд.

Користејќи ја SUV-изацијата на глобалниот пазар, Range Rover ја надгради понудата со моделот Velar, чија прва генерација во основа е стационирана меѓу најпродаваните RR Evoque и RR Sport, но според димензиите и карактерот, сигурно е многу поблиску до вториот поголем модел.

Ја искористивме можноста да се увериме во благодетите кои ги носи позицијата зад волан во Range Rover Velar, а на располагање ја имавме твин-турбо дизел изведбата со 240 коњски сили и погон на сите тркала, во R-Dynamic S ниво на опременост. Но, додека стигнете до моторот и возните карактеристики на Velar, ќе ви биде потребно соодветно време за да го впиете она што се случува во однос на дизајнот и уредувањето на кок-питот.

Атрактивната појава на Velar не може да ве остави рамнодушни, модерната широка маска со Land Rover беџ и потписот на Range Rover на поклопецот за моторот го најавуваат дизајнерскиот блесок за автомобилот чија должина од 4,8 метри не му ја одзема елегантната силуета и уникатноста му ја комбинира со трендсетерска улога.

Затворањето на вратата и чувството на сигурност кога ќе се најдете зад управувачот се уште едно потсетување дека ова е Range, но и Land Rover, a соочувањето со ентериерот ги ресетира сите сетила, подготвувајќи ги за задоволство кое сакате да потрае. Удобната позиција е основа за се што се случува во продолжение, а квалитетот на материјалите е надградба на дигитализацијата која ве воведува на планетата Velar.

Дигиталната инструмент табла ги обезбедува најважните информации пред возачот, а на централната конзола се два екрана, на кои се поделени менијата и функциите поврзани со автомобилот и на транспарентен начин може да се контролираат најважните процеси, вклучувајќи ја и климатизацијата.

На тоа се надоврзува елегантната ротирачка команда за трансмисијата, но и воланот со команди на допир, за целосно заокружување на модерниот амбиент и опкружување за возачот и патниците. Не треба да се заборави ниту фактот дека Range Rover Velar има доволно прегради за оставање предмети, многу простор на задната клупа и посебно внимание е посветено на комфорот и просторноста кои се надградени со панорамскиот кров.

Full screenExit full screen

Slider

Луксузноста и префинетоста кај Velar одат во пакет со функционалноста, па позитивниот впечаток од кабината се пренесува и на багажникот чиј основен капацитет е 673 литри и може да стигне до 1.731 литар.

Малку нетипичната позиција на командата за активирање на моторот е работа на адаптација, а очекуваната робустност и привикнувањето на димензиите наскоро се трансформира во вистинско релаксирано задоволство во RR Velar, кој ја комбинира прегледноста со системите за помош при паркирање за да се неутрализира комплексноста на процесот кај автомобил широк 2,1 метри.

Tвин-турбо дизел моторот со кој располагавме располага со 240 коњски сили и вртежен момент од 500 Nm, кои се достапни веќе од 1.500 вртежи во минута, што значи дека на Velar му треба многу малку време за да покаже со каков потенцијал располага доколку возачот сака подинамично движење, за кое истовремено може да избере и соодветен режим на возење.

Погонската единица ја пренесува силата на сите четири тркала во соработка со 8-степена автоматска трансмисија која функционира одлично во цела JLR гама. Range Rover Velar се однесува соодветно без разлика на условите на патот и начинот на кој се дозира со педалот за гас, контролирајќи ја стабилноста и безбедноста како императив за возачот, но и за производителот, a неговата возна динамика е позитивно изненадување за автомобил кој тежи нешто повеќе од 1,8 тони.

Кога лесно и брзо ќе се уверите дека Velar со овој мотор има повеќе од доволен потенцијал за да ги реализира посакуваните перформанси (0-100 км/ч за 7,3 секунди), а твин-турбо конфигурацијата експресно го „буди“ погонот, доаѓа најприродната фаза во кок-питот на овој луксузен Range Rover.

Тоа се моментите кога се препуштате на задоволството за сите сетила кое го продуцира автомобилот и преферирате движење надвор од градот или како во нашиот случај, уживање во некој од пределите за чија сценографија може да се погрижи само природата.

Затоа што Velar е скроен да се движи слободно и на долги делници и на тој начин со секој километар да продуцира задоволство кое сигурно ќе ја оправда инвестицијата.

Почетната цена на Range Rover Velar е 74.500 евра, поатрактивната R-Dynamic S изведба ја препорачуваме со инвестиција во погонската единица со 240 кс бидејќи цената е 90.800 евра, а на располагање се и 3.0-литарските дизел изведби со 275 и 300 кс, односно турбо-бензинците со 250 и 300 коњски сили.
Конкретниот примерок на RR Velar R-Dynamic S 4WD, со се што ви е потребно во еден луксузен автомобил, вклучувајќи многу технологија и безбедносни системи изнесува 113.000 евра.

Покрај досега потенцираното, уште еднаш да нагласиме дека Range Rover Velar поседува ДНК на Land Rover и воопшто не се плаши од оф-роуд предизвици. Со SUV конституција на топ-модел, 21-инчни обувки, клиренс од 25 сантиметри и избор на режим за возење според подлогата, Velar е подготвен за секакви авантури, вклучувајќи и минување преку вода до длабочина од 650 милиметри.

Range Rover Velar веројатно никогаш нема да биде бестселер на брендот, но секогаш ќе биде меѓу најбараните модели во својата класа. Естетските вредности, нивото на квалитет, технолошката напредност и оф-роуд поткованоста му гарантираат профил на пребирливи купувачи кои не сакаат компромиси и чија следна дестинација ќе биде некој од продажните салони на Land Rover.

Full screenExit full screen

Slider

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider