Skip to content

Тестови

Тест: Škoda Kamiq 1.0 TSI – Чешки специјалитет во SUV формат

Oвој мал SUV е подготвен да профитира од својот сензибилитет и атрактивна појава, да добие многу позитивни поени со начинот на кој е дизајниран нејзиниот ентериер, а просторот и функционалните предности се бонус за оние кои ќе се решат за чешкиот кросовер

09/12/2019

Членовите на SUV сегментот диктираат темпо на глобалната сцена, а групацијата Volkswagen се наметна како предводник со стратегијата во која мас-брендовите добија по три различно позиционирани претставници.

Во случајот со Škoda, движењето беше од најголем до најмал член, па од Kodiaq, преку Karoq, стигнавме до Kamiq, урбаниот кросовер чии атрибути ги истражувавме на домашна територија.

Дизајнерското решение за Kamiq е вистинско освежување во класата, поделеноста на класичните и дневните светла (сите користат LED технологија) е направено шмекерски, исто како и заокружувањето на целата силуета која прави робустноста да изгледа привлечно и трендовски.

Она што има важна улога при комплетирањето на впечатокот и правењето конечен избор меѓу купувачите во овој сегмент, е амбиентот во кок-питот и импресиите кои се добиваат во реалната експлоатација на автомобилот.

Škoda Kamiq не е модел во кој чешкиот производител правел компромиси за да стигне до подостапна цена, уредувањето на кок-питот е соодветно и (зборот кој некако ни недостасува во различни сегменти од животот) културно, па и во почетното Ambition ниво на опременост се добива опкружување кое прави да се чувствувате како дома.

Kamiq ги комбинира аналогните инструменти со мал екран со најважните информации, командите за клима-уредот се поставени на височина на која возачот поинтуитивно ќе има пристап до нив, а екранот осетлив на допир (во нашиот случај 8-инчен) има интелигентно поделено мени кое го забрзува пристапот до бараната опција.

Заедно со повисоката позиција на седење и солидната прегледност наоколу, Škoda уште еднаш испорачува објаснување за терминот „пријатно изненадување“ и изнудува насмевка со едноставниот начин на кој влегува под кожа.

Самоувереноста на возачот-купувач ќе достигне повисоко ниво уште по првите стотина километри, имајќи гo предвид вниманието кое го доби и погледите кои Kamiq ги освои во импресивната сина боја, која ја имаше примерокот кој го тестиравме.

Full screenExit full screen

Slider

Kamiq очекувано има посебно важно поглавје во однос на просторот кој се добива и неговата функционалност. На задната клупа има повеќе од солиден простор со широчина од 1.425 милиметри и височина од 1.003 милиметри, бројки кои ја ставаат оваа Škoda на висока позиција во класата, а истата е надополнета со капацитетот на багажникот од почетни 400 литри.

Škoda Kamiq користи потврдено портфолио на погонски единици, давајќи им предност на економичноста и пониските емисии, а нашето искуство е поврзано со 1.0-литарскиот турбо-бензинец со три цилиндри и моќност од 115 коњски сили. Во однос на бројките, тој подразбира вртежен момент од 200 Nm, достапен веќе на 2.000 вртежи, како и спринт до 100 км/ч за 9,9 секунди.

Овој мотор добива одличен партнер во шест-степениот мануелен менувач, тој сака почеста комуникација со возачот, но затоа испорачува и солидна економичност, или во нашиот случај на отворено се вози со околу 6 литри на 100 километри, а низ град таа бројка скокнува до 8 литри.

Автомобилот тежок 1,2 тони и висок 1.553 милиметри солидно се однесува во свијоци, неговите возни карактеристики, вклучувајќи ја и управливоста се на посакуваното ниво, а суспензијата се грижи за комфорно патување и добро се снаоѓа на најпроблематичните делови од патиштата.

Оваа погонска единица и нејзиното комбинирање со шасијата на Kamiq e најсоодветен избор за наши услови, вклучувајќи ја и цената како еден од аргументите поради кои и конкуренцијата треба да биде загрижена.

Почетната цена на Kamiq Ambition со 115 коњски сили е 15.820 евра, надградувањето со дополнителна опрема е поволна инвестиција, а оваа комбинација може да се добие и со DSG трансмисија за 17.080 евра. Skoda на располагање става и 1.5-литарски TSI мотор со 150 коњски сили, како и 1.6-литарски дизел мотор со 115 коњски сили.

Чешкиот производител е уверен дека има вистински производ за купувачите во почетната SUV класа, а во негов прилог оди фактот што во сериската опрема вклучи елементи како основен целосен LED пакет, Front Assist за спречување фронтален судир, систем за одржување во лента, клима-уред, темпомат, 6,5-инчен екран и уште многу други елементи кои можат да бидат надополнети со повисокото Style ниво на опременост или пак со избор од дополнителната опрема.

Единствено, штета е што системот за помош при тргнување во нагорнина е во сериската опрема само со DSG трансмисија, а треба минимално да се доплати во комбинација со мануелен менувач. Но, тоа сигурно нема да биде одлучувачки фактор при изборот, бидејќи купувачите на Kamiq и онака добиваат навистина многу за својата инвестиција.

Oвој мал SUV е подготвен да профитира од својот сензибилитет и атрактивна појава, да добие многу позитивни поени со начинот на кој е дизајниран неговиот ентериер, а просторот и функционалните предности се бонус за оние кои ќе се решат за чешкиот кросовер.

Иако не сме убедени дека кросоверите по дифолт треба да имаат предност во однос на хечбек изведбите од кои влечат основа, Kamiq може да биде рамноправен во интерната битка сo Scala.

Веројатно ќе ги придобие помладите купувачи кои ќе се решат да се уверат во големиот напредок на Škoda, преточен во SUV формат.

Full screenExit full screen

Slider

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider

Send this to a friend