Slider

Тестови

Тест: Škoda Octavia 2.0 TDI Evo – Созревање во автомобил за големи дострели

Slider

Имавме можност да ги испробаме карактеристиките на Octavia со 2.0-литарскиот турбо дизел мотор со 150 коњски сили и седум-степена DSG трансмисија и се чини дека оваа комбинација повторно ќе биде во прв план кај купувачите

21/07/2020

Изминатите години Škoda ја прошируваше својата понуда, адаптирајќи ја на актуелните трендови, веќе изгради респектабилно SUV портфолио и започна со електрификацијата.

Но, секогаш во центарот на вниманието на чешкиот производител остануваше Octavia, а седанот (заедно со комби изведбата) стигна до четвртата генерација, која наследува имиџ на бестселер и над 7 милиони продадени примероци од своите претходници.

Без разлика што купувачите ги менуваат приоритетите, Škoda Octavia си има една уникатна позиција меѓу семејните компакти, постојано флертува со повисоката класа и останува миленик на голем број возачи на повеќе континенти.

Новата Octavia ја користи веќе познатата MQB платформа, но oд секој друг аспект носи многу промени, поголема софистицираност и зрелост како дел од карактерот кој е олицетворение на генералниот успех на брендот.

Четвртата генерација подразбира должина од 4,69 метри и меѓуоскино растојание од 2.686 милиметри, зголемен простор за патниците на задната клупа, како и багажник чиј основен капацитет стигна до 600 литри.

Она што сепак мора да се потенцира на почетокот е елегантниот дизајн, првиот сериозен адут на Octavia, кој преку силуетата и умешно обликуваните форми ви најавува автомобил од кој тешко ќе држите дистанца дури и за време на пандемија.

Широката маска, дизајнот на предните светла, како и графиката на задните светла меѓу кои гордо е испишано името на брендот се дел од елементите на екстериерот кој ја истакнуваат еволуцијата на Octavia, a производителот ги комбинира со интересни бои и избор од 16 до 18-инчни тркала со атрактивен дизајн.

Škoda внимателно го правела концептот и за уредувањето на кокпитот, имајќи ја предвид функционалноста и практичноста како заштитен знак на автомобилот. Овој пат предизвикот бил уште поголем, но и посладок, бидејќи чешкиот производител доби можност да вметне најсилна доза дигитализација досега.

Технолошките иновации сега на возачот му овозможуваат 10,25-инчна дигитална инструмент табла, централен екран чија основа димензија е 8,25 инчи, но и елементи како безжично полнење на телефон, многу приклучоци за екстерни уреди, како и интелигентната Laura, која може да се користи како асистент преку говорни команди и е секогаш расположена да му помогне на возачот.

Shift-by-Wire технологијата за DSG трансмисијата ослободува повеќе простор на централната конзола, а новата Octavia значително ги намали и класичните команди во кокпитот, додека возачот може да го користи и мулти-функционалниот волан за дел од основните функции.

Она што во периодот на адаптација е најспецифично е што на пример силината на звукот се менува со команди на допир поставени под екранот, а не со вртење во круг на класична команда, но тоа е само еден детаљ кој при второ користење веќе станува навика.

Full screenExit full screen

Slider

Хед-ап проекцијата му овозможува на возачот да ја следи брзината и други информации без да го тргне погледот од патот, а Škoda вклучи и голем број безбедносни асистенти, како и функцијата за полуавтономно возење на брзини до 210 км/ч. Заедно со достапните LED Matrix светла ова говори доволно за подготвеноста на Octavia да им парира и на поскапите седани.

Низ кабината и во багажникот има многу елементи кои се практични и кои ќе изнудат позитивни оценки од возачот и патниците, вклучувајќи ги и Simply Clever додатоците кои се неизбежен дел од секоја Škoda.

Имавме можност да ги испробаме карактеристиките на Octavia со 2.0-литарскиот турбо дизел мотор со 150 коњски сили и седум-степена DSG трансмисија и се чини дека оваа комбинација повторно ќе биде во прв план кај купувачите.

Моќноста и вртежниот момент од 360 Nm одлично го пренесуваат карактерот на автомобилот на пат, па возачот добива доволен потенцијал за возење низ град со изразена економичност, но и комфорно крстосување на автопат делници. каде до израз доаѓа комфорот и изолацијата во кабината.

Модерниот дизел мотор со двојно вбризгување на AdBlue постигнува уште поголема елиминација на NOx, со што оваа Škoda е многу повнимателна кон животната средина, а потрошувачката во комбинирани услови дури и без поголема дисциплина се движи меѓу 6 и 7 литри.

Full screenExit full screen

Slider

Мора да се потенцира и дека сериската опрема на Octavia повторно е надградена на импресивно ниво, па купувачот добива асистенти за спречување на судир со возило напред и несакано напуштање на лентата, стартување на моторот на копче, 8,25-инчен екран, 16-инчни алуминиумски тркала, двозонска клима и друго.

Покрај со 2.0-литарскиот TDI Evo дизел со 150 кс, новата Octavia е достапна и со истиот мотор. но со 115 кс и мануелна трансмисија, како и бензинските изведби со 110 и 150 коњски сили.

Почетната цена е 17.770 евра, но за оние кои преферираат дизел, без сомневање ја препорачуваме изведбата која ја имавме на тест и која автентично ги отсликува сите благородни страни на автомобилот.

Тоа значи инвестиција од барем 28.320 евра (цената на тестираниот примерок со повеќе опрема е 31.940 евра), но за возврат добивате мулти-талентиран и мулти-функционален автомобил со економичен погон и сите технолошки новитети актуелни и во класа погоре.

Со ваква Octavia нема да размислувате за конкуренцијата, бидејќи Škoda повторно овозможува многу за инвестицијата, а за возврат добивате модерен седан, кој со неверојатната самоувереност постојано ги изненадува сите инволвирани во авто-индустријата.

Скептици имало и ќе има, но продажниот салон на „Порше Македонија“ е локацијата каде Octavia лично ќе разбие некој преостанат мит поврзан со нејзините вредности, кои го прават овој модел посебно атрактивен и на пазарот на користени автомобили.

Full screenExit full screen

Slider

На почетокот на проектот во 90-те години од минатиот век, веројатно ретко кој можеше да очекува дека оваа Škoda ќе стане најпродаван увозен модел во Германија (најголемиот европски пазар) и истовремено ќе им биде фаворит на голем број купувачи во Европа, па ќе успее и на специфични пазари како рускиот и кинескиот.

Во првите пет месеци од 2020 година, Škoda Octavia беше во Топ 5 според продажбата во 11 од 27 најважни европски пазари, а во 7 од нив е на првото или второто место.

Можеби вкусовите во однос на дизајнот се различни и за нив не можеме да расправаме, но сигурни сме дека новата Octavia има победнички формат кој и натаму ќе создава големи проблеми за конкуренцијата.

Најнови содржини

Slider
Slider
Slider
Slider