Тестови
Тест: Volkswagen ID.3 Pro S – Брз билет за новата ера
Човек не треба да биде футуролог за да биде сигурен дека електричните автомобили за некоја година/деценија ќе имаат мнозинство во „возниот парк“ на голем број држави, при што тие економски поразвиените и еколошки поосвестените веќе се предводници на трендот.
Во оваа насока Volkswagen се загреваше со електрични автомобили, базирани на класичните изведби на неколку свои модели, за паралелно да ја комплетира MEB платформата, но и целиот пакет наменет за членовите на ID семејството.
Приказната започна со компактот ID.3, кој прв влезе во производствените погони во фабриката во Цвикау, а и покрај компликациите поврзани со пандемијата, електричната алтернатива за Golf веќе е достапна и за македонските купувачи.
Имавме можност одблиску да се запознаеме со ID.3, кој ни беше на располагање во топ изведба со погонска моќ од 204 коњски сили и батерија со најголем капацитет (77 kWh), па и специфичната тиркизна боја која одлично се вклопува во целиот модерен концепт.
Во него се вклучени и специфична силуета која ја обезбедува посакуваната аеродинамичност, како и позицијата на батеријата која гарантира низок центар на гравитација за подинамично искуство зад волан, што низ призмата на историјатот на марката, претставува комбинација на квалитетите на легендите Beetle (Буба) и Golf.
Фактот што ID.3 користи платформа наменета за модели на електричен погон, носи позитивни поени во однос на просторот кој се добива во кабината, вклучувајќи го секако тој на задната клупа, каде забележавме навистина сериозен комфор за патниците. На располагање е и функционален багажен простор со капацитет од 385 литри, што барем минимално ги надминува бројките на Golf.
Влегувањето во микро-космосот на ID.3 е импресивно бидејќи е доволно само да се сместите на седиштето и сензорите веднаш ги вклучуваат екраните, моторот е подготвен за тргнување и потребно е само да ја изберете опцијата „drive“ за да почнете да ги ситните километрите.
Во спротивниот дел од процесот, единствено е потребно да се активира „parking“ функцијата и да се заклучи автомобилот по излегувањето од него, па сфаќате дека не само што е полесно без класичен клуч, туку и без команда за стартување на моторот.
Дигитализацијата очекувано има важен удел во амбиентот кој го креира ID.3 во кокпитот, па возачот пред себе има мала, но навистина информативна дигитална инструмент-табла, додека на централниот екран се контролира менито со квалитетна графика и брзо процесирање на задачите дадени на инфо-забавниот систем.
Безжичното поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, позицијата за полнење на телефон и дополнителните USB влезови за патниците на задната клупа се дел од позитивните аспекти на поткованоста на овој модерен автомобил, кој во сериската опрема ги има и автономното сопирање и следењето на движење во лента од важниот безбедносен агол.
Специфичната форма и позиција на контролорот за трансмисијата (десно од инструмент таблата) на почетокот може да ве наведе да се фатите за рекетот за контролирање на бришачот кога сакате да изберете опција за движење наназад, дел од „тач“ командите бараат адаптација и трпение, но тоа се само оние почетнички слатки маки кои се надминуваат по краткото запознавање.
Кабината на овој Volkswagen не изгледа посебно луксузно, иако на такво нешто наведува цената, но јасно е дека барем во моментов, најголем дел од инвестицијата на купувачот на електричен автомобил е потрошена за батеријата. Фактот дека има потврди површини околу возачот влијае на естетскиот впечаток, но сигурни сме дека возачките моменти ќе бидат толку убедливи што ќе ги неутрализираат критичарите.
Многумина го потценуваат потенцијалот на електричниот погон, па ID.3 со импресивните 204 коњски сили само уште еднаш не потсети колку потентен може да биде автомобил, кој во секој момент располага со вртежниот момент од 310 Nm и не треба да чека турбо-ветер во грб за да ве залепи за седиштето.
Позицијата на електро-моторот го прави ID.3 автомобил со погон на задните тркала, а електричниот Германец будно чека наредба за претекнување, која се изведува на елегантен и уверлив начин.
Со батеријата од 77 kWh производителот најавува автономија од дури 542 километри, но таа зависи и од начинот на возење и надворешните услови. Според просекот кој ние го регистриравме, комотно и без мнoгу да се внимава, може да се очекуваат меѓу 420 и 450 километри со едно полнење, што е податок кој нема да дозволи анксиозност и на подолги рути.
Дури и во најпесимистичката варијанта, позитивно делува податокот дека целата автономија ќе го чини возачот помалку од 300 денари доколку полнел на евтина тарифа за електрична енергија, па и уште помалку ако привремено ја користи бесплатната мрежа на полначи на EVN.
Volkswagen вгради и топлинска пумпа чија задача е да го намали негативниот ефект на ниските температури, а гарантира дека по 8 години или 160.000 километри, капацитетот на батеријата нема да биде намален под 70 проценти.
Купувачите може да се одлучат и за батерии со 45 и 58 kWh, при што првата варијанта е достапна со моќност на погонот од 150 коњски сили, додека втората може да се комбинира со моќност од 145 и 204 коњски сили.
Полнењето на брз полнач значи добивање 80 проценти од капацитетот на батеријата за помалку од еден час, а на полначите на EVN ќе стигнете до максимален капацитет за околу 7 часа. За просечни 8 часа во текот на ноќта, на обичен полнач, возачот на располагање би имал околу четвртина од автономијата, што е повеќе од доволно и за повеќе од еден ден.
Примерокот кој го имавме на тест со навистина многу опрема и најдобрите елементи поврзани со погонот и батеријата чини 52.044 евра, додека почетната цена на ID.3 е 36.997 евра.
Во земјите каде има субвенции, цената би била пониска до 10.000 евра, па разбирливо е зошто овој Volkswagen, но и неговиот најблизок роднина ID.4, веќе почнаа да прават респектабилни продажни бројки низ Европа.
Кај нас, актуелниот однос кон инфраструктурата и „желбата“ да се поттикне купување еко-френдли автомобили, значи дека ID.3 ќе биде привилегија за купувачите на кои нема да им пречи поголемата инвестиција за купување билет за една нова ера во мобилноста.