Тестови
TЕСТ: Volkswagen ID.4 Pro – комфорен влез во ерата на електричните автомобили
Благодарение на конфигурацијата и ниската поставеност на MEB платформата, сите модели поставени на неа имаат одлична распределба на тежината, а центарот на тежината е поставен многу ниско, делумно и заради тежината на батеријата.
Моделот ID.4 ќе остане запаметен во историјата како првиот електричен SUV во портфолиото на Volkswagen.
Оваа класификација, особено во време кога SUV сегментот e прв избор на најголем дел од купувачите, значи дека токму успехот и прифатеноста на овој модел во голема мера ќе ги детерминира стартните позиции на Volkswagen во електричната ера.
ID.4 се произведува во фабриката на Volkswagen во Цвикау, фабрика во која се произведуваа(т) славните Polo, Golf и Passat, а во меѓувреме е претворена во најголемата постројка за производство на електрични возила во Европа.




Неодамна имавме можност да поминеме неколку денови со овој електричен SUV, и сме подготвени за споделување на нашите впечатоци.
Прв впечаток, откако добро ќе го разгледате екстериерот и ентериерот на ID.4, е поголемата пространост во ентериерот во споредба со големината на каросеријата.
И тоа не е случајно. 4.58 метри долгиот SUV е поставен на MEB платформата на VW, во која сите компоненти на електричниот погон се поставени во подвозјето, што овозможува поголем простор за патниците во кабината.
Имено, кај моделот (Pro) кој го имавме на тест, кој има погон само на задната оска, во една голема целина се вградени електричниот мотор, електрониката и трансмисијата, поставени во средишниот дел над задната оска, додека батеријата е поставена длабоко во подвозјето помеѓу двете оски.
Силата на електричниот мотор изнесува 150 kW, додека батеријата која тежи безмалку 500 килограми, има капацитет од 77 kWh.


Изведбата ID.4 Pro, која ја имаве на тест може да се рече дека спаѓа некаде во средина во рамки на ID.4 изведбите кои ги нуди Volkswagen. Имено, достапни се изведби со помала батерија со капацитет од 52 kWh, но и помоќни верзии, со два електрични мотори и погон на двете оски, од кој најмоќниот ја носи оснаката GTX и има системска сила од 225 kW.
Првото тргнување со електричниот ID.4 и веднаш се забележува разликата со возилата со моторите со внатрешно согорување. Вртежниот момент од 310 Nm, кој е достапен веднаш по допирањето на педалата за забрзување, кај никого не може да остави дилема дека 2.1 тон тешкиот SUV е придвижуван од страна на електричен погон.
Според спецификацијата, забрзувањето од 0-100 km/h се потребни 8.5 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 160 km/h.
Благодарение на конфигурацијата и ниската поставеност на MEB платформата, сите модели поставени на неа имаат одлична распределба на тежината, а центарот на тежината е поставен многу ниско, делумно и заради тежината на батеријата. Ова овозможува, балансирана динамика на релативно високиот SUV дури и при влез во остри кривини.


Самата тежина на моделот, цврстата каросерија, адаптивните амортизери и прогресивно управување, надополнети со ергономските седишта, овозможуваат комфорно возење на нашите локални патишта.
Возењето на возило со електричен погон особено ја неутрализира нелагодноста при возење низ урбаните средини. На сите оние кои барем еднаш имале можност да управуваат електричен автомобил, веднаш им станува јасно дека интервалите на постојаното сопирање и забрзување при пробивање низ сообраќајниот метеж е многу полесна операција споредено со возилата со мотор со внатрешно согорување.
Сепак, за најголем дел од целната публика за моделот, пресудна улога ќе има просторот и мултифункционалноста на моделот. Тука VW испорачува: Долгото меѓуоскино растојание и високата поставеност на задниот дел од покривот овозможуваат вистински комфор за патниците на задната клупа.
Товарниот волумен во багажникот е прилично задоволувачки и визуелно, но и математички. Имено 543-те литри се за 23 литри повеќе споредено со оние кај Tiguan, на пример.
И полека, стигнуваме до моментот со полнењето. VW во ID.4 има вградено систем со капацитет за полнење со 125 kW, но факт е дека достапната јавна мрежа на полначи кај нас е со далеку помал капацитет.
Ние го добивме моделот со полна батерија, наполнета на еден од неколкуте брзи полначи во објектот на Порше Македонија и за трите дена колку што го имаве кај нас, успеавме едвај да потрошиме 65% од батеријата.
Но, оние кои размислуваат за купување на електричен автомобил, мора прво да размислат за полнењето на батеријата, процес кој, при возење во урбани средини ќе треба да го повторуваат на секои 4-5 дена.
За полнење на батеријата со капаците од 77 kWh на полначи со капацитет за полнење од 11 kW ќе бидат потребни реални 7-8 часови, што подразбира добра организација на полнењето, најчесто во ноќните часови.
Навистина е тешко да се најде забелешка на електричните возила, (споредено со оние со мотори со внатрешно согорување), во однос на возната динамика, просторноста и комфорот.
Така што, организацијата на процесот на полнење останува едиствен аспект кој треба добро да се размисли. Во однос на ова, полесен е изборот на оние кои живеат во куќи и најголем дел од времето го минуваат управувајќи го своето возило во урбаните средини.
Тие, со инсталирање на домашен полнач, за чија инсталација, секако е на располагање тимот на Volkswagen, во најголема мера ќе ги неутрализираат негативностите од сѐ уште недоволно распространетата мрежа на јавно достапни полначи кај нас, и ќе може мирно и спокојно да уживаат во статусот на пионери при транзицијата на автомобилската индустрија кон новата електрична ера.