Slide

Новитети

3-тата генерација на Range Rover Sport има офроуд темпомат и над 100 километри електрична автономија

Slide

Од технички аспект, новиот Range Rover Sport е поставен на тековната MLA-Flex (Flexible Modular Longitudinal Architecture) платформа, која е 35 проценти поригидна од онаа на претходникот.

11/05/2022

По десетина години доминација на Range Rover Sport 2, време е за нешто ново од британскиот производител. Тековниот модел е во продажба од 2013 година, а неговиот наследник вчера беше и официјално претставен од страна на Land Rover.

Британците изведоа темелни промени споредено со претходникот. За разлика од трендот на дизајнирање на сѐ подоминантни решетки на ладилникот, новиот Range Rover Sport има визуелно намалена решетка споредено со претходникот, а отворите за воздух се поставени во долниот дел на маската.

Визуелно, во предниот дел Range Rover Sport е сличен на големиот Range Rover – знаменосецот на RR гамата. 

Од технички аспект, новиот Range Rover Sport е поставен на тековната MLA-Flex (Flexible Modular Longitudinal Architecture) платформа, која е 35 проценти поригидна од онаа на претходникот. Ова е предуслов за најавените подобрени спортски возни својства. 

Ник Колинс, извршниот директор во Jaguar Land Rover одговорен за возилата изјави: “Новоразвиената платформа и шасија овозможуваат новиот Range Rover Sport да има ниво на динамичност кое не е забележано досега во оваа гама”.

Клучна основа за ветената возна динамика е новата технологија. Како стандард во сите пакети на опременост ќе биде вклучена воздушна суспензија наречена Dynamic Air Suspension. Оваа технологија овозможува адаптирање на големината на воздушните пружини. Нивната конфигурација може да се регулира автоматски во зависност од возните услови. За оваа цел се користат и податоци од навигацискиот систем, па доколку, на пример, се забележи дека долж рутата може да се очекува силен ветер, системот ја конфигурира суспензијата во сетап кој е соодветен за најавените временски услови. Таа е надополнета со систем кој овозможува засебно адаптирање на амортизерите на секое тркало.

Во однос на возната динамика, огромно влијание има можноста за управување на задната оска, чии тркала може да се ротираат до агол од 7.3 степени. Тоа овозможува намален круг на вртење при мали брзини.

Дополнително, електронската стабилизација од пролизгување и електронски контролираниот диференцијал, овозможуваат дополнително пообрување на возната динамика преку насочување на вртежниот момент на тркалата каде што е најпотребен во даден момент. 

Оваа технологија ќе биде стандардно вклучена во P510e плаг-ин хибридната изведба, како и во P530 V8 изведбата.

Што се однесува до погонските изведби, новиот Range Rover Sport нуди широк избор. Плаг-ин хибридните изведби ги придвижуваат три-литарски бензински мотори со вкупна системска сила од 440 hp или 510 hp во P440e и P510e. “Послабата” изведба забрзува од 0-100km/h за 5.8 секунди, додека P510e забрзува за 5.4 секуди. 

И двата плаг-ин хибрида имаат литиум-јонска батерија со капацитет од 38.2 kWh. Toa е поголем капацитет од оној кој до неодамна го имаа малите електрични возила. 

Заради тоа, електричната автономија на двете PHEV изведби е 113 километри според WLTP стандардот.

Најсилниот мотор засега е 4.4-литарскиот V8 битурбо мотор со 530 hp. Овој мотор, при користење на “launch control” функцијата забрзува од 0-100 km/h за 4.5 секунди.

Освен овие, достапни се и MHEV хибридни изведби P400 (бензински) и D250, D300 и D350 (дизел), изведби кои се достапни и во тековната генерација. Осум-степената автоматска трансмисија од добавувачот ZF е стандардна во сите изведби.

Што се однесува од погонот на сите тркала, Land Rover дополнително го разви iAWD системот со нов офроуд адаптивен темпомат, кој ја контролира брзината во четири различни режими на возење. Кога е вклучен овој офроуд адаптивен темпомат, единствена обврска на возачот е да управува со воланот.

Овој систем за првпат се користи во било кој модел на Land Rover, а е сличен на “Crawl Control” системот на Toyota.

Ентериерот на Range Rover Sport има елегантен и ненападен дизајн. Голем дел од контролите како оние за вентилацијата и централниот екран се преземени од големиот Range Rover. Патниците на задната клупа имаат 31 милиметар повеќе простор за нозете споредено со претходниот модел.

Новите предни седишта имаат голем број на комбинации за нивно поместување, вградена вентилација и можност за масажа.

13.1-инчниот централен монитор може да се персонализира според желбите на возачот. Инструментите се комплетно дигитални и може да се конфигурираат индивидуално. За гласовните команди се користи Amazon Alexa, без потреба од претходно поврзување на мобилен телефон. 

Цените за новиот Range Rover Sport во Велика Британија започнуваат од 93.000 Евра.

Slide
Slide
Slide 1

Најнови содржини

VW T-Roc e бестселер во Европа во втор последователен месец , пред Dacia Sandero и Peugeot 208
Porsche од денес котира на берзата во Франкфурт, вкупната вредност на компанијата изнесува 78 милијарди евра
Citroën го објави своето ново лого, десетто по ред во 103-годишната историја на брендот
Третата генерација на Range Rover Sport пристигна во Македонија, беше претставена на свечен настан